АПАСИЕВ ЈА ОБВИНИ ТЕЛМА, ТЕЛМА ОДГОВОРИ ЖЕСТОКО Мециновиќ сам одлучи да не дојде, не сме го спречиле, велат од телевизијата
Телевизија Телма објави демант на обвинувањата од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, појаснувајќи дека кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, бил поканет на интервју, но одбил да се појави во емисијата.
Телевизија Телма вечерва реагираше со демант на тврдењата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на својот Фејсбук профил ја обвини телевизијата дека не му дозволила на кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, да се појави на интервју, откако противкандидатот Орце Ѓорѓиевски одбил учество во дебата.
„Во интерес на вистината би сакале да потенцираме дека Телевизија Телма има еднаков, доследен и професионален однос кон сите кандидати на локалните избори“, се наведува во реакцијата на телевизијата.
Од Телма објаснуваат дека по одбивањето на дебатата од страна на Ѓорѓиевски, уредниците веднаш стапиле во контакт со Мециновиќ, кому му било понудено интервју истиот ден, по истиот принцип како и за другите кандидати.
„Мециновиќ културно се заблагодари на нашиот професионален однос, но не ја прифати поканата“, соопшти телевизијата.
Во реакцијата се додава дека Телма воопшто не ја најавила дебатата, бидејќи до последен момент чекала потврда од двајцата кандидати.
„Поканата веднаш ја прифати Мециновиќ, а Ѓорѓиевски во текот на вчерашниот ден испрати известување дека нема да гостува“, наведуваат од Телма, со што ја отфрлаат тезата дека имало забрана или медиумска неправда кон некој од кандидатите.
Со оваа реакција, Телма ја отфрли обвинувачката објава на Димитар Апасиев и порача дека ќе продолжи да ги третира сите кандидати еднакво и професионално, во согласност со стандардите на медиумската етика.
 
			