Апаратчици

Како Јани Макрадули и Андреј Жерновски, некогаш битни луѓе во номенклатурата, станаа апаратчици, на кои „газдата“ Зоран Заев мора да им наоѓа столче во апаратот, за да опстанат, за да земаат плати?

10,024

Јани Макрадули и Андреј Жерновски ги познавам долги години. Не можам да кажам дека сме другари, но ги сметам за драги пријатели. Секако, обајцата се вредни, образовани и интелигентни луѓе.

Јани и Андреј долго време се во политиката. Беа дел од номенклатурата, дел од повисоките нивоа на политичкиот менаџмент. Макрадули, како и Радмила Шеќеринска, ја жртвуваше и својата академска кариера за да биде во „барабанот“ од кој се извлекуваа политички функции. Не ја познавам точно професионалната „траекторија“ на Жерновски, но верувам дека и тој целосно се посветил на политичкиот ангажман.






Едно време, по промените во опозицискиот СДСМ, кога на власт дојде Зоран Заев на местото на Бранко Црвенковски, мојот пријател Јани беше маркиран како „бранковист“. Неговата кариера замре. Подоцна беше вратен „во игра“, но на прилично ниската позиција заменик-министер во ресорот екологија. Без оглед на својот личен влог во развојот на СДСМ, стана јасно дека Јани веќе не е дел од номенклатурата, туку дел од апаратот. Заев го третираше и го третира како апаратчик.

Во 2013 година, за Жерновски гласав три пати, за да ја освои градоначалничката позиција во скопски Центар. Три пати на едни избори не сум гласал ама баш за никого, а богами, цврсто одлучив на било кои следни избори да гласам само ако имам силен мотив за тоа. За „кметот“ Жерновски гласав, зашто беше историски важно во срцето на режимот на Груевски да се создаде еден разорен „тромб“, една слободарска тврдина. Која, ако еден ден мора да падне, има да падне како тврдината Масада крај Мртвото Море…

Бев наивен, се разбира. Веќе на следните локални избори Жерновски се откажа од својата „крепост“, како од набрзина резервирана кафеанска маса на Боемска и лесно се задоволи со скромна и релативно безначајна позиција во Министерството за надворешни работи. Макрадули, пак, како што веќе реков, беше „одмрзнат“ и кооптиран во апаратот, на позицијата што ја спомнав.

И еве ги сега, моите драги пријатели, како резултат на „креативната“ кадровска политика на Зоран Заев, на пат се да добијат раководни позиции во две упропастени јавни претпријатија – Макрадули ќе раководи со „Македонски пошти“, а Жерновски со „“Македонски железници“.

Неверојатно!

Најискрено, не сакам ништо лошо да кажам за двајцата. Немам причина за тоа. Но, морам да го споделам мојот впечаток дека другарот Јани се разбира во поштенските работи, а другарот Андреј во железничарските, толку колку што јас се разбирам во астрономија или во нуклеарна физика. Мислам дека Јани не памети кога последен пат испратил писмо по пошта (да не е филателист можеби, да не собира стари поштенски марки?), а не верувам и дека Андреј памети кога последен пат се возел со воз. Не паметам ни јас, нормално…

Нејсе, не ми пеонтата да ги потценам менаџерските способности на двајцата. Кој да ги знае, можеби за Макрадули оправањето на Поштата пред нејзината најавена продажба навистина е предизвик на кариерата. Можеби Жерновски како дете сонувал дека ќе биде скретничар или отправник возова во МЖ, а еве сега детската мечта му се исполнува на еден ваков, необичен начин. Секој човек си има своја еротика…

Јас само сум разочаран што овој СДСМ сега, предводен од Заев, некогаш битните луѓе во номенклатурата ги претвора во класични апаратчици, во луѓе на кои лидерот мора да им најде столче во државниот апарат (макар и магарешка клупа во некој ќош), за да опстанат, за да нишаат врати и да земаат плати. Не е ли тоа тажно?

Да, во нормалните посткомунистички режими се води сметка за некогашните компартиски кадри, во чиј кариерен напредок и системот вложувал многу. Тие луѓе се богатство на тие нации и секако не треба да се остават на улица. Но, за нивното вдомување таму постојат научни институти, разни фондации, тинк-тенкови и слични организации, каде што тие луѓе даваат реален придонес во развојот на заедницата и ја чекаат својата шанса повторно да се вратат во номенклатурата. Во Словенија, на пример, еден Милан Кучан, кој инаку нема никаква формална позиција во политиката (барем не до пред година дена, не знам дали нешто потоа се сменило), денес се смета за една од најмоќните политички фигури во таа земја.

Откако Црвенковски прилично грубо се откажа од услугите на плејада партиски кадри, што од старата гарда што тазе испилени, СДСМ на чело со Заев воведе нов „систем“ на распоредување на кадрите согласно со лојалноста кон „газдата“, главно на маргинални позиции во државниот апарат. Позначајните и поплатените позиции во номенклатурата се делат со коалициските партнери и со лидерите на сателитските пајтон-партии кои го поддржуваат Заев. Шемата, всушност, ја смисли Никола Груевски, а Заев ја наследи и ја прифати како своја.

И ете, така некако дојдовме до оваа ситуација од која мене лично ми е непријатно. Не ми е пријатно да ги гледам Макрадули и Жерновски на нивните нови раководни места, во нивните нови средини, во ко веројатно се чувствуваат како риби на суво. Но, тоа е цената што обајцата решиле да ја платат, во оној момент кога прв пат не собрале сила да кажат „не“ на понудата да бидат третирани како апаратчици, а не како политичари.

Можеби Јани и Андреј ќе ми се налутат поради ова што го пишувам и можеби ќе најдат оправдување за себе, како и зборови на благодарност за Зоран Заев што ете, им нашол место во администрацијата, да не се злопатат. Ако ми се налутат, верувајте, ќе ми биде полесно.

 

 

Поврзани содржини