Јанушев: Засега сум добро, ги чекам резултатие од тестирањето, на Зекири му посакувам брзо закрепнување
Засега сум во добра здравствена состојба и ги чекам резултатите од направеното тестирање, објави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој пред неколку дена учествуваше во дебата на ТВ 24 заедно со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири, кој денеска објави дека е позитивен на ковид- 19.
„Во очекување на исходот ќе ги превземам сите мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти. Апелирам да не се потценува состојбата со вирусот, ниту да се релавитизира, и да се пристапи максимално сериозно“, напиша Јанушев на фејсбук и му посака на Зекири брзо закрепнување.
Јанушев уште еднаш порача дека денешните настани говорат дека да се зборува за избори е неодговорно кон граѓаните.
ТВ24, информира дека новинарката во дебатната емисија се чувствува добро, но сепак ќе биде во домашна самоизолација 14 дена, по препорака на епидемиолозите.
Од телевизијата укажуваат дека во текот на реализацијата на дебатата и при доаѓањето на гостите, испочитувани биле сите неопходни протоколи за физичка дистанца меѓу присутните, а соодветно студиото каде бил присутен Зекири е дезинфицирано.
Телевизијата најави дека ќе продолжи непречено со работа и во наредниот период, со почитување на препораките на здравствената комисија.