Јанушев: Во МВР местеле тендер за пневматици
Помошник министерот во МВР задолжен за јавни набавки, Андријана Савеска Павловска, вршела притисок врз лицата кои го изготвуваат огласот да ја променат спецификацијата, со што таа би можела да фаворизира еден понудувач.
Функционери од власта се обидуваат да местат тендери со изготвување на спецификации за набавки со што се фаворизира еден понудувач и однапред се исклучува можно пријавување на повеќе понудувачи, рече Игор Јанушев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
– До нас пристигнаа информации кои фрлаат сомнеж дека така „скроена“ спецификација е направена при распишување на оглас за набавка на пневматици од страна на МВР, кој бил распишан на 09.10.2019 година, а за кој имаме сомнежи и информации доставени од свиркач дека помошник министерот во МВР задолжен за јавни набавки – Андријана Савеска Павловска, вршела притисок врз лицата кои го изготвуваат огласот да ја променат спецификацијата, со што таа би можела да фаворизира еден понудувач. Савеска Павловска е поставена на функцијата пред нецела година и според нашите информации вршениот притисок е регистриран и пријавен и за него постои службена белешка во МВР – рече Јанушев.
Тој додаде дека Савевска Павловска во тој момент не била надредена на лицето кое ја подготвувало тендерската документација и огласот, а за ваквиот притисок е известен и тогашниот помошник министер кој е сега во пензија, но реакција од МВР нема.
– Што се случува со овој случај? Со одлука на МВР тендерот е добиен од страна на „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје, врз основа на најниска понуда, но по жалба од „Мотоцентар“ жалбата се усвојува и се враќа на повторно одлучување, по што МВР повторно одлучува исто, и повторно го избира „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје. „Мотоцентар“ уште еднаш се жали, но повторно неуспешно, за на крај МВР да ја поништи постапката и повторно да распише нов оглас. На новиот оглас кој е распишан на 16.03.2021 година, погодувате, повторно е избрана фирмата „Пнеуматик Груп“ ДОО Скопје, а оваа одлука повторно е во постапка по жалба – вели Јанушев.