ЈАНУШЕВ ПО СЕДУМ ГОДИНИ ЈА ДОБИ ПРАВНАТА БИТКА „Конечно се чувствувам како слободен граѓанин“
Сите овие години одлучив да молчам додека тие зборуваа невистини, а да зборувам кога тие ќе молчат пред вистината и правдата – пишува Јанушев на Фејсбук.
Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук објави дека, по битка од седум години низ судските лавиринти, конечно се чувствува како слободен граѓанин на Македонија.
„После долги 7 години мое лично соочување со политички прогон и малтретирање од страна на т.н. независно или „како пупка отворено“ обвинителство и судство, пред мене имам чисто досие. Во овој момент, после сите нивни сценарија кои пропаднаа, јас гордо можам да кажам дека повторно сум слободен граѓанин на Република Македонија!
Сите овие години одлучив да молчам додека тие зборуваа невистини, а да зборувам кога тие ќе молчат пред вистината и правдата! За овој монтиран случај против мене, во интерес на јавноста ќе го споделам следното:
Согласно тендерската документација потребни се минимум 21 бод за компаниите да се квалификуваат во II фаза! И покрај тоа што сум единствен од комисијата кој дава доволно бодови за двете компании да се квалификуваат, со што се овозможуваат услови компанијата со пониска цена да го добие тендерот и иако овој доказ (кој денеска прв пат јавно го објавувам) од буквално првиот ден им беше познат и на обвинителката, а и на судијата, решија да го игнорираат! Понатаму, нема да коментирам …
За крај, само ќе додадам дека иако одлучија да играат валкано и подло, на погрешен човек одлучија да ја покажат моќта и силата!“ – пишува Јанушев во неговиот пост на Фејсбук.
Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција во 2021 година покрена обвинение против поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и екс-директор на ЈСП, Игор Јанушев, против поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и против уште две лица за набавката на кинеските автобуси.
Јанушев, Јанакиески и останатите се товареа за злоупотреба на службена положба и овластување при склучувањето договор во 2010 година за купопродажба на автобусите во износ од 35.425.410 евра. Во септември 2023 година Кривичен суд го осуди Јанушев на условна казна од 2 години, ако не изврши кривично дело во следните 5 години.