Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 3, Игор Јанушев, од општина Чешиново – Облешево, порача дека ВМРО-ДПМНЕ знае како треба да им се помогне на земјоделците.
– Пред некој ден ме запрашаа кои се трите приоритети за изборната единица 3. Она што тогаш го кажав го повторив и сега пред жителите на Чешиново – Облешево. Под еден ќе биде земјоделието, инвестициите во земјоделието и она што сакаме да го постигнеме во четиригодишниот мандат е да имаме еден среќен, горд земјоделец кој што ќе живее еден нормален и достоинствен живот. Но достоинствен живот не само за земјоделците, туку за сите граѓани на државата, за сите во Република Македонија. Она што го гледаме исто така во средбите со сограѓаните е огромното незадоволство буквално во секое поле – појасни Јанушев.
Јанушев ги повика од СДСМ да кажат или да посочат барем еден проект, не мора да е од земјоделието туку од кое било поле со кој што тие може да се пофалат.
– Нешто што сами го направиле, го смислиле, го финансирале или барем го започнале. Но за жал, такво нешто не постои. Ова се убедливо најнеспособните луѓе, еден од тие најнеспособни е токму Љупчо Николовски. Тоа е човек кој нема ништо направено за државата, единствено е што тој и другите од СДСМ мислат на своите лични интереси. И токму затоа и ќе паднат – потенцираше Јанушев.