ЈАНУАРСКИТЕ СМЕТКИ ЗА ГАС ЌЕ ГИ СТРЕСАТ КУМАНОВЦИ И СТРУМИЧАНИ Цената на гасот двојно поскапе за овие корисници
Оправдување за ваквото зголемување и двете компании имаат во неколкукратното зголемување на цената на гасот на светските берзи, а новите договори за набавка на гас од добавувачите се со драстично повисоки цени.
Струмичани и кумановци ќе имаат драстично повисоки сметки за гас на крајот од овој месец. „Куманово гас“ и „Струмица гас“ веќе ги информираа граѓаните и фирмите кои го користат гасот дека цената се зголемила на 80, односно 80,4 денари за нормален кубен метар.
Оправдување за ваквото зголемување и двете компании имаат во неколкукратното зголемување на цената на гасот на светските берзи, а новите договори за набавка на гас од добавувачите се со драстично повисоки цени.
Новата цена на гасот во Струмица за јануари ќе изнесува 80,45 денари за нормален кубен метар, а досега изнесувала 46,5 денари.
Директорот на „Струмица гас“ Благој Милановиќ вели дека засега нема проблем со снабдувањето.
– Договорените количини навреме се обезбедуваат од добавувачите. И наплатата оди добро, но за наредниот период не може однапред да се каже како ќе биде – вели Милановиќ.
Тој не верува дека ќе има масовно откажување од гасот во овој град бидејќи има традиција на користење на овој енергенс.
– Имаме веќе традиција на користење на гас и не очекувам голем број од корисниците да се откажат. Како и да се пресметува гасот, сепак останува единствена опција за греење, бидејќи и струјата поскапе, а дрва во овој период од годината тешко се обезбедуваат. Но, сепак на крајот на овој месец кога ќе имаме отчитување на мерачите ќе видиме дали некој од корисниците се откажал од користење на гасот. Според моменталната потрошувачка се чувствува дека таа е намалена што говори дека има корисници кои се откажале од гасот – вели Милановиќ.
Според него, мало олеснување за струмичани е тоа што општина Струмица одлучи да субвенционира 10 денари за секој потрошен нормален метар кубен гас за домаќинствата.
– Ќе се субвенционираат 350 домаќинства, а тоа за нив значи дека ќе плаќаат по 70, 4 денари за нормален метар кубен гас – појаснува тој.
Во Струмица има 400 корисници на гас. Од нив 350 се домаќинства, 20 јавни институции и останатите 30 се стопански субјекти.
Кумановци, пак, ќе плаќаат 80 денари за нормален кубен метар во јануари, наместо 30 денари како што беше претходно.
– Моментално цената на гасот со добавувачите се утврдува на месечно ниво. Најавено ни е дека високи цени ќе имаме до крајот на март, односно до крајот на грејната сезона, но може да трае тоа и подолго, што значи дека цената може да се промени следниот месец – вели директорот на „Куманово кас“, Марко Митревски.
Најавената нова цена за јануари влијаеше дел од фирмите да се откажат од гасот.
– Од нашите контакти со корисниците на гас, како и од споредбата на потрошувачката во претходниот период веќе се гледа дека дел од корисниците ја намалија или ја сведоа на нула потрошувачката. Веќе имаме официјално откажување од 2 градинки, Домот за стари лица и од библиотеката. Има најави и од училишта кои во меѓувреме, до почетокот на второто полугодие се обидуваат да најдат друго решение. Но ќе видиме до крајот на месецов кои ќе бидат бројките – вели Митревски.
Тој додава дека плаќањето на фактурата за јануари кон добавувачите на гас ќе биде проблем, бидејќи она што се собира од наплатата за потрошениот гас за декември нема да го покрие новиот износ.
– Веќе преговараме со општина Куманово, која изрази подготвеност да помогне да се надмине проблемот, а во меѓувреме се обидуваме да ја извршиме успешно и наплатата за декември – вели Митревски.
Во однос на тоа дали и кумановци ќе добијат субвенции за гасот, директорот на „Куманово гас“ вели дека прават анализа на корисниците па потоа ќе разговараат со општината дали ќе може да се направи нешто и на тоа поле.
Во Куманово има 117 корисници на гас. Од нив 90 се домаќинства, а 26 правни субјекти.