Антонио Милошоски ги кани ЕУ и ОБСЕ да видат кој е моќникот во „Моќник“ меѓу сведоците на Фатиме Фетаи ФОТО
Се добива впечаток дека обвинителството како да сакало да ја засили грандиозноста на позицијата на моќникот во „Моќник“ до таа мера, што не беше јасно кој всушност е моќникот, посебно кога се дозна, дека продадениот објект, изграден во 1950 година и земјиштето се платени, а дека „заблудените“ советници со прст не мрднале да пријават какво било сторено кривично дело, ако се сомневале дека е оштетена општината Македонски Брод. Чекале ли некој политички да ги мотивира за да преземат макар и еден чекор во заштита на општинскиот имот? Дали пријавиле и во која институција, како биле заведени? Колку ли одлуки донеле во заведена состојба? Како ги бранат интересите на граѓаните ? Дали чувствуваат одговорност?
Домашни и странски експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ се очекува напролет да почнат мониторинг на македонски судски случаи на висока корупција, а според најавата на премиерот Зоран Заев годишно би требало да бидат проследени педесетина предмети.
Пратеникот Антонио Милошоски, еден од обвинетите во случајот „Моќник“ веќе ги известил и ги покани овој предмет да го следат „Коалицијата за правично судење”, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на ЕУ, со цел самите да се уверат, како што вели, дека се работи за арбитрарен, правно неоснован и политички мотивиран случај.
Тој за Плусинфо ја коментира најавата за европскиот мониторинг на судските предмети во Македонија, прва држава во регионот каде што ќе се спроведе правен надзор.
– Тоа што Македонија ќе биде првата земја во регионот каде стручни правни лица од ОБСЕ и ЕУ ќе мониторираат судски случаи од висок профил, не е за пофалба за државата, туку само потврда дека голем дел од домашната и меѓународната јавност не гледаат со доверба на состојбите во правосудството, а пред се поради доминантното влијание на владата врз една група на обвинители и судии. Но, кога веќе ваквиот правен надзор од ОБСЕ и ЕУ се јавува како нужност во македонскиот систем, тогаш истиот може да биде корисен за зголемување на законитоста и транспарентноста, особено на случаите кои обвинителството ги води претежно заради политички мотиви, а без издржана правна основаност, за каков што го сметам и предметот кој го водат против мене – вели Милошоски.
Станува збор за случајот „Моќник“ за кој утре судијката Ленка Давиткова, закажа судско рочиште, откако претходното не се одржа поради отсуство на обвинети и нивни бранители кои до судот доставиле решенија за изолација поради коронавирусот.
Во ово случај пратеникот се товари за измама и злоупотреба на службената положба и овластувања. Обвинети се и неговиот татко и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да седнат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и деветмината нејзини членови.
Според Милошоски, актуелната власт преку политичко-обвинителски процеси врши притисок врз политичките противници и наведува неколку причини поради кои токму „Моќник„ е случај кој содржи правни апсурди, па дури и измислен мотив за стореното кривично дело, а поврзано со процесот на лустрацијата. Застапник на обвинението е Фатиме Фетаи, поранешна јавна обвинителка во СЈО.
Кога јавноста беше запознаена со обвинението во „Моќник“ се доби впечаток како да се работи за два предмета, едниот поврзан со продажба на општински имот, земјиште и зграда во распаѓање, изградена во 1950 година за кои пратеникот, според обвинителството, успеал да доведе во заблуда дури 11 советници избрани од народот на локални избори, кои се декларирале дека ќе работат одговорно, совесно и дека ќе се борат против било кој вид корупција и криминал. Другиот дел од обвинението се однесува на лустрација на судија, па се добива впечаток дека на тој начин обвинителството како да сакало да ја засили грандиозноста на позицијата на моќникот во „Моќник“ до таа мера, што не беше јасно кој всушност е моќникот, посебно кога се дозна дека продадениот објект и земјиште се платени, а дека „заблудените“ советници со прст не мрднале да пријават какво било сторено кривично дело, ако се сомневале дека е оштетена општината Македонски Брод. Чекале ли некој политички да ги мотивира за да преземат макар и еден чекор во заштита на општинскиот имот? Дали пријавиле и во која институција, како биле заведени? Колку ли одлуки донеле во заведена состојба? Како ги бранат интересите на граѓаните ? Дали чувствуваат одговорност? Сите овие и други прашања им ги поставивме на неколку советници, но и на поранешен градоначалник, но во интерес на судскиот процес, за да не ги компромитираме ако се појават како сведоци, нивните имиња и изјави нема да ги објавиме во оваа фаза на судењето. Сепак, очигледен беше впечатокот дека и самите советници не се среќни со тврдењето на обвинителството дека биле доведени во заблуда кога едногласно ја поддржале одлуката за продажба на општински имот, а не може да се запостави и тоа дека не наведоа во која институција пријавиле криминал при продажбата.
Одбраната наведува неколку сериозни пропусти во обвинението. Велат дека нема ниту опис на кривичното дело, ни време, ни дејствие на извршување, што поттикнува сомнеж дека станува збор за случај монтиран во политичка кујна, настрана што обвинителниот акт е заснован на материјали кои и самиот Закон за Јавно обвинителсвто ги исклучил како докази.
– Во обвинението нема ниту еден збор со кој се докажува мое учество во дејствија на извршување на кривичните дела кои ми се ставаат на товар. Обвинителот не опишал со кои дејствија наводно сум ги извршил кривичните дела „измама и злоупотреба на службената положба, на кој начин, ниту има време и место, ниту пак приложил докази за неговите тврдења, со што сторил повреда на член 321 став 1 точка 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Правен апсурд во обвинението е тврдењето дека сум довел во заблуда лица (11 советници во општина Македонски Брод) со кои никогаш сум немал никаква лична, правна и деловна комуникација. При тоа овие советници, за кои се тврди дека биле во заблуда, никогаш не иницирале процедура за поништување на правните акти за кои гласале и донеле едногласна одлука – вели Милошоски.
Во врска со обвинението дека „од позиција на пратеник вршел притисок, врз органите на државната управа (Влада, министерства, државни институции), Државно правобранителство и судовите”, Милошоски забележува дека, во овој дел на обвинението, не се споменува врз кои лица со име и презиме, (вработени во органи на државна управа, во Државно правобранителство, кои судии и судски поротници) и на кој начин и кога било вршено влијанието.
– Сето ова се тврди без да постои изјава или било какво друго правно дејствие на лица од посочените институции кое докажува дека врз некого воопшто е вршен притисок – објаснува Милошоски и наведува уште еден аргумент зошто смета дека процесот е политички мотивиран – главни сведоци на обвинението се лица кои извршуваат високи политички функции во актуелната власт.
Според одбраната обвинението нема никакви докази ниту за тврдењето дека пратеникот поттикнал 10 лица (членови на Комисијата за лустрација од различни политички партии) да го лустрираат судијата Драган Билески, сега покоен.
– Прво, апсурдот во обвинението е во тоа што не само што не сум бил во позиција да влијаам, туку и сум немал личен мотив за лустрацијата на судијата Билески, имајќи предвид дека со ова лице сум немал никаква приватна, правна, деловна или било каква друга комуникација. Второ, обвинителот не навел со кои дејствија и на кој начин, во кое време и место сум поттикнал лустрација на конкретното лице, ниту пак постои изјава од членовите на Комисијата за лустрација дека сум им влијаел на било кој начин за одлуката што ја донеле. Дополнително, одлуката за лустрација е иницирана од трето лице како оштетен, и истата е потврдена со Одлука на Управниот суд У-5 бр. 1836/2012 од 20.12.2013 година и Вишиот Управен суд Уж-3. Бр.65/2014 од 12.06.2014 година – вели Милошоски кој има ред забелешки и за професионалноста и непристрасноста на обвинителката Фетаи која уште пред да поднесе обвинение до судот, а тоа да биде потврдено од Совет за оценка на обвинителен акт во медиумите изјавуваше дека „осомниченото лице Антонио Милошоски, кој место да си спрема одбрана за во судница, тој излегува по медиуми и дели правни совети”.
– Со оваа изјава се повредуваат правото на презумпција на невиност заштитено со ЗКП и Европската конвенција за човекови права и се влијае врз судската независност. Со ваквите изјави се прејудицира исходот на судската одлука уште во фаза на истрага односно кога формално правно не постои поднесено обвинение до судот, ниту пак потврдено обвинение од судот – вели Милошоски.
Одбраната во случајот „Моќник“ наведува и тоа дека е повреден член 17 став 1 од Законот за кривична постапка кој го штити принципот на акузаторност. Според овој член, кривичната постапка се поведува и води само по барање од овластениот тужител и потсетува дека Врховниот суд на 30.01.2019 година донесе Начелно правно мислење според кое специјалната јавна обвинителка по 30.6.2017 година не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со ЗКП. Наредбата за спроведување на истражната постапка и обвинението со датум од 24.8.2020 година, се после 30.6.2017.
– Обвинителниот акт е компромитиран по два основи, прво истрагата ја почнала специјалната обвинителка Катица Јанва, која се занимавала со рекетирање, а продолжена е од нејзината другарка Фетаи, за која Државната ревизија утврдила дека незаконски земала надоместок од 87.000 евра од СЈО. Свесен сум дека дел од обвинителството е под директна контрола на власта и затоа очекувам тие да го користат аргументот на силата, но одбраната со силата на аргументите ќе докаже дека случајот е правно неиздржан и има политичка димензија и цел – вели пратеникот Милошоски.
Предметот „Моќник“ се однесува на продажба на имот, зграда од 157 квадратни метри, изградена во 1950 година и дворно место од 3.920 квадратни метри во село Ижиште, во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра, иако одлуката за продажба била едногласно донесена на седница на Совет, а купениот имот навреме платен.
На фотографиите е објектот во сопственост на општината Македонски Брод во селото Ижиште, што го купил таткото на пратеникот Милошоски.