Антителата за ковид-19 се губат, ако втор пат се заразите сите надежи се во имунолошката меморија на телото

Бројот на антитела кај медицинскиот персонал останал релативно висок, што истражувачите го објаснуваат со постојана изложеност на вирусот.

2,097

Нивото на заштитни антитела кај луѓето опаѓа мошне брзо по инфекцијата со коронавирусот, велат истражувачите, објави Би-Би-Си.

Антителата се клучниот дел од имунолошкиот одговор и го спречуваат вирусот да навлезе во клетките на телото.






Тимот на колеџот Империјал во Лондон открил дека процентот на антитела кај голем број луѓе опаднал за 26% во периодот од јуни до септември. Тие велат дека имунитетот опаѓа и дека има ризик да се закачи вирусот повеќе пати.

Повеќе од 350.000 луѓе во Англија досега направиле тест за антитела како дел од студијата РЕАКТ-2.

Во првиот круг на тестирање на крајот на јуни и во почетокот на јули околу 60 од 1.000 луѓе имале антитела. Но, во последниот круг на тестирање во септември, само 44 од 1.000 луѓе сѐ уште имале антитела. Тоа сугерира дека бројот на луѓето со антитела паднал за повеќе од една четвртина помеѓу летото и есента.

– Имунитетот опаѓа мошне брзо, а ние сме само на три месеци од првите тестирања и имаме 26% намалување на антителата – вели професорката Хелен Вард.

Падот бил поголем кај лицата над 65 години, во споредба со младите и кај тие без симптоми во однос на тие со симптоми на ковид-19.

Бројот на антитела кај медицинскиот персонал останал релативно висок, што истражувачите го објаснуваат со постојана изложеност на вирусот.

Постојат четири други коронавируси кај луѓето кои ги закачуваме повеќе пати во животот. Тие предизвикуваат симптоми на настинка и со нив можеме да се реинфицираме на секои 6 до 12 месеци. Досега имало малку случаи на луѓе кои добиле ковид-19 два пати. Надежта на научниците е дека втората инфекција ќе биде поумерена од првата дури и ако имунитетот е намален, поради тоа што телото има имунолошка меморија од првата средба со вирусот и ќе знае како да се бори.

Потребата од вакцина е многу голема. Според професорот Пол Елиот, директор на студијата РЕАКТ-2, имунолошкиот одговор што ќе го даде вакцината може да се однесува различно од природната инфекција. Тој додава дека некои луѓе можеби ќе имаат потреба да добијат ревакцина за да се зајакне имунитетот кој опаѓа со текот на времето.

Поврзани содржини