АНТИМАКЕДОНСКИ ШОВИНИСТ НА ОТВОРАЊЕТО НА БУГАРСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ВО СКОПЈЕ! Ултранационалистот Костадинов негира македонска нација, јазик и заговара анексија на Македонија (Видео)
Самото присуство на Костадинов во Скопје е скандалозно, на негови изјави реагираше неколку пати МНР, но не е спорно за министерката за култура. За неговите изјави, полни со шовинизам, негирање и територијални претензии, министерката Kостадиновска-Стојчевска рече дека „секој сноси одговорност за она што го изјавува“.
Костадин Костадинов, пратеник во бугарскиот парламент од радикалната партија Преродба, горлив негатор на македоснката национална посебност, култура и јазик, кој заговара тврда антимакедонска политика на блокирање и вето, денеска беше еден од гостите на отворањето на новите простории на Бугарскиот културен центар во Скопје.
Костадинов, пратеник на партијата Преродба (Возраждание), смета дека Бугарија треба да ја анектира Македонија и дека таа е „втора бугарска држава“. На почетокот на месецов во парламентот тој изјави:
– Преродба работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е целосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа – изјави во таа прилика Костадинов.
На изјавата на Костадинов реагираше нашето Министерство за надворешни работи, кое упати вербална нота до Софија, оценувајќи дека ваквите ставови се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство, во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи и не се во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатланско сојузништво.
Министерката за култура Бисера Kостадиновска-Стојчевска на денешното отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, одговараше на новинарско прашање во врска со иредентистичките изјави на бугарскиот пратеник и лидер на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов.
– Секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува. Таквите изјави се најмалку европски и воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан како што е овој денеска – рече министерката Kостадиновска-Стојчевска.
Барајќи надлежните институции и политички претставници во Бугарија да се оградат и да го осудат овој говор на омраза во кој неспорно се содржат и територијални претензии кон земјава, МНР во реакцијата потсети дека и минатиот месец упати вербална нота до бугарското Министерство за надворешни работи по повод изјавите на Костадинов за време на конститутивната седница на Народно Собрание на Бугарија. Во нотата од 21 октомври МНР изрази крајно незадоволство од содржина на изјавата на Костадинов во Собранието во Софија во која јавно се изразуваат иредентистички и територијални претензии кон земјава.
Провокации и среде Скопје
Бугарскиот пратеник Костадинов и во Скопје на отворањето на Културно информативниот центар го повтори ставот дека Македонија е втора бугарска држава.
– Се разбира, Македонија е втора Бугарска држава. Секој Бугарин во Бугарија ја сака Македонија, ние сме еден народ, зборуваме еден јазик и имаме заедничка култура. Јас ништо не ве убедувам, имате глава на рамењата. Јас ви велам, ли како да се чувствувате? Зошто тогаш на луѓето тука кои сакаат да се чувствуваат како Бугари им забранувате така да се чувствувааат? Со вас зборувам еден ист јазик, се разбираме. Јас немам против да чувствувате како Македонци – рече тој.
На прашањето дали има одговорност и дали треба да се извини за неговите изјави што среде Скопје вели дека Македонија е Бугарска, тој рече дека „не сака да лаже“ и дека „овде се чувствува како во своја земја“. Сепак, рече, „јас не ве убедувам како да се чувствувате“.
Еве дел од изјавите на Костадинов во бугарскиот парламент, во кои ги плаши своите колеги и бугарската јавност дека „постои опасност македонскиот јазик да биде признаен од ЕУ“:
А освен што има криминални политички ставови, Костадинов понекогаш и пее, а самото тоа е доволен криминал за да се прогласи за „персона нон-грата“ во Македонија: