АНТИКОРУПЦИСКА ЗАБРАНИ ПАРТИСКО ПАЗАРЕЊЕ ЗА ДРЖАВНИТЕ ВРАБОТУВАЊА Во администрација само по закон, по мерит систем и без влијанија
Секоја изјава за договорни партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања, соопшти Антикорупциската комисија.
Актуелните најави за вработувања во јавната администрација, од страна на одредени политички субјекти во Македонија, не смеат да бидат предмет на договор на политички структури, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
„Секое вработување мора да биде во согласност со закон, по мерит систем и без никакви влијанија. Само на овој начин, почитувајќи ги законските регулативи, ќе овозможиме враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе спречиме коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам“, соопшти Антикорупциската комисија.
Секоја изјава за договорни партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања, се додава во соопштението.
„Ве информираме дека, во насока на остварување на своите превентивни законски надлежности, ДКСК веќе направи антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му укажа на можните ризици од корупција кои истите ги генерираат“, додава Комисијата.
Во соопштението Државната комисија за спречување на корупцијата потсети дека во рамките на своите надлежности има обврска да спроведува превенција и да презема мерки за спречување на можни злоупотреби на службена положба, судир на интерес и незаконско постапување.