Нема потврда дали владеачките партии обезбедиле мнозинство за избор на новата влада, откако вчера со 62 гласа беше избран претседателот на Собранието Талат Џафери. Пратеникот на ДУИ, Фљорин Бесими, не смее да гласа за изборот на новата Влада, бидејќи неговиот брат, Фатмир Бесими, е кандидат за министер за финансии, велат од Антикорупциската комисија.
Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска вели дека првиот потенцијален судир на интереси го препознаваат при изборот на владата, чиј член, според најавите, треба да биде Фатмир Бесими како министер за финансии, кој е брат на пратеникот Флорин Бесими.
-Пратеникот е избран од страна на народот, тоа не е спорно. Меѓутоа, тој никако не смее да учествува во изборот на својот брат. Прво, тука го гледам судирот на интерес и тој (Флорин Бесими) треба да се изземе од постапката за избор на влада и од гласањето за членови на влада, каде неговиот брат (Фатмир Бесими) е кандидат – изјави Ивановска за Алсат М.
Во ДУИ молк дали ги надминале несогласувањата за кадровските решенија за новата влада.Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити вчера во изјава за Плусинфо рече дека не бара тој да биде вицепремиер, туку дека функцијата ја бара за друг. Но, нејасно е дали ова значи дека сѐ уште не е дефинирана конечната листа со предлози за министри од ДУИ.
Освен изземањето на Фљорин од гласањето за влада, ако веќе не паднал договор за новата извршна влас ќе фалат и гласовите на Меџити, Арбен Зибери и уште на еден пратеник.