Антикорупциска ќе проверува дали има судир на интереси на министерката Ангеловска во случајот „Еуростандард банка“

Освен, отворените прашања за постапката на министерката Ангеловска при пријавувањето на промените во нејзината имотна состојба, во јавноста не стивнуваат и реакциите дека таа ја злоупотребила функционерската положба затоа што како дел од Комитетот за финансиска стабилност во кој членува по службена должност имала пристап до информациите за состојбите во финансискиот систем вклучувајќи ја и „Еуростандард банка“.

692

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги провери сите наводи во случајот со министерката Нина Ангеловска и нејзиното повлекување пари од банкротираната Еуростандард банка, велат од Антикорупциската комисија за Плусинфо, а на прашање дали ќе отворат истрага и предмет, откако се појавија информации дека Ангеловска не ги пријавила на време во анкетниот лист станот што го купила, а и дел од парите што ѝ биле депонирани во банката.

– Откако ќе бидат направени детални проверки, и тоа како прво дали има судир на интереси во случајот  и како министерката во заминување ја пријавувала имотната состојба, ќе ја инфоририраме јавноста дали ќе отвориме предмет – велат од Антикорупциската комисија.






Според Антикорупциската комисија, министерката лани во септември во првиот анкетен лист пријавила 250.000 евра во Еуростандард банка, а во јануари годинава се случила промена во нејзиниот анкетен лист кога таа пријавила дека повлекла околу 130.000 евра за купување удели во инвестициски фонд. После пет месеци од првата промена, на 24 јуни годинава, министерката пријавила дека повлекла девизи и денари со кои купила стан. Станот е пријавен во анкетниот лист, но портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски вчера излезе со тврдење дека Ангеловска ги пријавила станот и дел од девизите дури откако тој открил во јавноста документи дека Ангеловска купила стан, а не го пријавила.

„Министерката за финансии Нина Ангеловска во својата изјава вели дека кога го купила станот за да си го реши станбеното прашање, тој бил уредно пријавен во ДКСК. Според моите информации, Нина Ангеловска станот во ДКСК, заедно со последните 50.000 евра депозит извадени од Еуростандард банка ги пријавува на 24  јуни 2020 година. Јас, документите за станот кој го поседува Ангеловска, а го криеше, ги објавив на 22 јуни. Дали Нина Ангеловска го пријавила станот и испразнетата сметка од Еуростандард банка два дена, откако ги објавив информациите?“, објави Арсовски на Фејсбук и ги повика антикорупционерите да отворат предмет и да ги испитаат ваквите наводи.

Освен отворените прашања за постапката на министерката Ангеловска при пријавувањето на промените во нејзината имотна состојба, во јавноста не стивнуваат и реакциите дека таа ја злоупотребила функционерската положба, затоа што како дел од Комитетот за финансиска стабилност во кој членува по службена должност имала пристап до информациите за состојбите во финансискиот систем вклучувајќи ја и Еуростандард банка.

Ова прашање го отвори  поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев, кој во изјава за ТВ 24 рече дека Ангеловска ја злоупотребила својата положба и наместо да се грижи како да се спаси банката, се грижела за своите пари.

Плусинфо побара одговор од Народна банка кога Комитетот за финансиска стабилност ја разгледувал информацијата за состојбата во Еуростандард банка и дали на тој состанок присуствувала и министерката Нина Ангеловска, како член на ова тело, но одговор се уште нема.

– Министерката е член на Комитетот за финансиска стабилност и јасно е дека можела да има информации за состојбата на банката, за она што ја очекува банката. Таков комитет е формиран кога јас бев гувернер. На седниците на тој комитет се расправаат слабите точки на финансискиот сектор, во случајов во банкарскиот. И таа дефинитивно имала информација за тоа што може да ѝ се случи на банката. И таа, како што гледаме, пред два месеци ги извадила тие пари – изјави Гошев и појаснува дека во моментот кога Ангеловска ги извадила нејзините пари немало формална забрана депонентите да ги извлечат парите, но во овој случај министерката ја искористила положбата.

– Во секој случај, овде има голем етички проблем од страна на министерката, но за жал во државната администрација партиите котат луѓе со многу низок етички капитал – вели Гошев.

Дента кога Народната банка ја затвори Еуростандард банка, во писмена реакција Ангеловска тврдеше дека промените во нејзината имотна состојба се направени пред подолг период и дека немаат никаква поврзаност со банката. Ангеловска и вчера излезе со демант во кој вели се невистинити информациите дека ги повлекла парите по добивање на информација за одземање на дозволата за работа и отворањето на стечајната постапка во банката. Таа тврди дека не е точна ниту сумата што се лиферува во јавноста.

„Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во Еуростандард банка. Вистината е дека пред стапување на функцијата – министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија“, објасни Ангеловска, која ја демантираше и информацијата дека не го пријавила станот во Антикорупциска комисија.

Дека последните месеци имало повлекување на пари од Еуростандард банка потврди и бизнисменот Трифун Костовски, кој е акционер во банката.Тој обвини дека станува збор за сценарио во кое „никој да не знае, само блиски до тие кругови во Народна банка, на време биле известени да си ги повлечат парите“. Но, за министерката Ангеловска тој рече дека била „стар клиент на банката“.

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани содржини