Антикорупциска бара Пендаровски да не го потпише указот за законот за коридорите
Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска информира дека ако претседателот Пендаровски го потпише указот за законот, тогаш законот ќе биде даден на Уставен суд.
Антикорупциската комисија ќе побара шефот на државата Стево Пендаровски да не го потпише штотуку усвоениот Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10, односно законот за давање на овие проекти без јавно надавање на компанијата „Бехтел и Енка“.
Ова го соопшти на денешната прес-конференција претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, која укажа дека ставот на Комисијата, по извршена антикорупциска проверка, е дека овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Таа додаде дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Таа информира дека ако претседателот Пендаровски го потпише указот за законот, тогаш законот ќе биде даден на Уставен суд. Од ДКСК се категорични дека ќе ги користат сите алатки што се овозможени во системот да ги употребат во вакви случаи и нема да се откажат. Според Ивановска, охрабрува тоа што претходниот пат кога Пендаровски, како што рече, покажа зрелост да не го потпише Законот за правен статус на бесправно изградени објекти и како што рече, ако е во функција на одбрана на својот интегритет, очекуваме и овој Закон да не го потпише бидејќи има сериозни уставни прекршувања.
– Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака по скратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава – рече претседателката на ДКСК.
Чувството во ДКСК што се гради во овој период, нагласи Ивановска, е дека борбата против корупцијата од страна на останатите чинители во општеството останува декларативна и селективна.
– Нас тоа ни побудува чувство дека сме осамени во таа борба што сметам дека е многу лошо за нашата ситуација во државата – истакна Ивановска.
Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот.
Ивановска, меѓу другото, посочи дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрарност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализмот.
– Овој Комитет е клучниот фактор за утврдување на договорот со стратешкиот партнер и недозволиво е од аспект на одредбите на Законот за спречување корупција и судир на интереси да се остави таква недореченост, правна празнина во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите, -рече претседателката на ДКСК.
Законот што вчера го усвои Собранието, на предлог на група пратеници, е конкретна реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатиштата Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и оптималните резултати во изградбата на патната мрежа.
Со предложеното законско решенија се уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 Д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата