„АНТИКОЦКАЊЕ ГИ СИМНА МАСКИТЕ!“ Се ставиле во служба на одредени центри на моќ, велат од Здружението Сакам да работам
Во предизборната кампања што се води против легалните игри на среќа очигледно се тргнаа маските. Денеска, претставник на „Антикоцкање“ од Тетово, јавно потврди дека нивната цел е затворање на легалните објекти за игри на среќа. Со ова тие и отворено се ставија во служба на одредени центри на моќ, кои имаат бизнис интерес да се протуркаат противуставните измени за Законот за игри на среќа по секоја цена, реагираат од Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ на денешните тврдења изнесени од неформалното движење Антикоцкање од Тетово во однос на измените на Законот за игри на среќа.
Од Сакам да работам прашуваат дали пратениците се свесни дека со гласањето на измените на Законот за игри на среќа државата е на чекор до нов „Детонатор“, скандалот од 2011 година, кога полицијата заплени 11.500 покер апарати поставени во објекти на диво.
„Од ‘Антикоцкање’ ја кријат вистината зошто после четири години од забраната, албанската Влада се пишмани и повторно дозволи да се организираат игри на среќа. Клучниот аргумент на албанскиот премиер е дека после забраната, игрите на среќа продолжиле да се одвиваат на црно и дека повторното легализирање на оваа дејност ќе ѝ помогне на албанската економија. Бидејќи од ‘Антикоцкање’ никогаш не одговорија колку чинат и кој им ги покрива трошоците за дизајнот и изработката на претходните пропагандни материјали, со право ги нарекуваме „Група ЗА играње на црно“.
Згрозени и вознемирени сме од приземните конструкции. И меѓу нас вработените во игрите на среќа има родители на ученици. Никој од нас не може да работи на штета на младината“, додаваат од Здружението Сакам да работам.
Здружението апелира Владата и Собранието да отворат четири очи и, како што велат, да внимаваат да не паднат во замката што им се мести.
„Ваквите измени на Законот за игри на среќа ќе предизвикаат страшни последици. Штетата што ќе се причини, многу долго нема да може да се санира. Затворањето на легалните игри на среќа секаде каде се спроведе предизвика играње на црно по подруми без ред и поредок. Државниот Буџет ќе остане без годишни приходи од 280 милиони евра“, предупредуваат од Сакам да работам и додаваат дека нема да дозволат некој да си поигрува со судбината на 10.000 вработени заради политички, лични и бизнис интереси.
„Подготвени да си го браниме нашето уставно право на работен однос со масовни протести пред сите надлежни институции. Ние не сме и нема да дозволиме да бидеме на менито на предизборните препукувања на политичките и бизнис центри на моќ!“, порачуваат од Здружението Сакам да работам.