📽️ АНТАЛИЈА НЕ Е САМО ПЛАЖА, БАЗЕН И КОКТЕЛ В РАКА Надвор од хотелските комплекси, се крие свет исполнет со авантури и природа што одзема здив

Од римски патишта до кањони со бела пена – оваа репортажа ќе ве одведе таму каде што природата и историјата зборуваат заеднички јазик.

1,469

Кога ќе помислите на регионот Анталија, прво ви паѓаат на ум тиркизните плажи, луксузните хотели и топлото сонце кое ве гали цел ден. Но, ако сте како мене – новинар што сака да ги открие сите тајни зад фасадата на туристичкиот рај, ќе сфатите дека Анталија е многу повеќе од летен одмор на лежалка. Овој регион е вистинска ризница на природни убавини, богато историско наследство и авантуристички доживувања што ќе ве возбудат и ќе ви ја збогатат душата.

И токму затоа, решив да ја разгледам Анталија заедно со инфо-турата на туристичката агенција „Фибула“, низ различни призми – од прошетка по старите улици, преку возбудливи атракции, до адреналински тури кои ќе ги сакаат сите љубители на активниот одмор.






Фото: Плусинфо

 

СТАРИОТ ГРАД ВО АНТАЛИЈА – ЧУВАР НА ВРЕМЕТО 

Стариот град во Анталија, познат како „Калеичи“, е вистинска ризница на историјата и културата, место каде времето како да застанало. Овој дел од градот, сместен веднаш покрај морето, плени со својата архитектура, тесните калдрмисани улици и шармот на минатото што се чувствува во секој камен.

Шетајќи по калдрмите, посетителот се води низ векови, од римски и византиски оставања, преку османлиски куќи со дрвени еркери и украсни балкони. Мали продавници со рачно изработени сувенири, уметнички галерии и локални кафеани се преплетуваат и создаваат неповторлива атмосфера која ги плени сите сетила.

Фото: Плусинфо

Една од најпознатите знаменитости во Калеичи е старата порта Хадријан, изградена во чест на римскиот император Хадријан, која служи како прекрасен влез во историското срце на градот. Тука може да се почувствува енергијата на античките времиња и да се направат фотки за паметење.

– Стариот дел на Анталија ми покажа една друга страна на Турција, посебен шмек и енергија. Иако прв пат бев таму, имав чувство како да сум бил многу пати, веројатно поради тоа што дел од градбата на објектите ме потсети на мојот Охрид. Сето тоа надополнето со ориенталниот момент е вистинско уживање. Раат среде хаотичен дел на овој голем град – вели Валентин Петрески ТВ водител и креативец на брендот „Тиноски“.

Фото: Плусинфо

Покрај тоа, во стариот град се наоѓаат и стариот римски амфитеатар и минарето „Ивлија Алаџа“, кое со својата висина доминира над градскиот пејзаж и нуди панорамски поглед кон морето и околните делови на градот.

Калеичи не е само туристичка атракција, туку и место каде може да се почувствува животот на локалците – малите улички се исполнети со мирис на кафе и домашни деликатеси, а вечерите оживуваат со музика и разговори во некој од локалните таверни и ресторани.


Фото: Плусинфо

СТАРИОТ ГРАД ВО СИДЕ – АНТИЧКИ КОЛОС СО РОМАНТИЧНА ДУХОВНОСТ

Сиде, стар град и археолошки локалитет со исклучително богата историја, ги собира во себе остатоците од грчката и од римската цивилизација, создавајќи амбиент полн со мистерија и уметност. Овој град, кој некогаш бил голем и значаен пристаништен центар, денес плени со своите ископини и прекрасно сочувани споменици.

 

Фото: Плусинфо

Еден од највпечатливите делови на Сиде е античкиот театар, со капацитет од илјадници гледачи, каде што некогаш се одвивале драмски претстави и гладијаторски борби. Седејќи на камените клупи на театарот и гледајќи кон морето, посетителот може да си го замисли животот од пред илјадници години.

Фото: Плусинфо

 

– Сиде е вистинско времепловно парче од Анталија – стар град што те гушка со својата античка душа и те води низ калдрмисаните улички полни со историја и магија. Со инфлуенсерската група уживавме во секој момент – од залезите покрај римскиот амфитеатар до малите кафулиња што мирисаат на ориентален чај и медитеранска топлина. Ова патување ми ја наполни душата – Сиде не е само локација, туку е чувство што останува во тебе уште долго по враќањето – сподели со нас Ива Спасовска, моден и контент креатор.

Фото: Плусинфо

 

Покрај театарот, во стариот град се наоѓаат храмови посветени на богови како Аполон и Атина, чија архитектура и колони  секојдневно раскажуваат за величината на античката епоха. Особено импресивен е храмот на Аполон, поставен покрај самото крајбрежје, каде секој залез на сонцето создава вистинска магија.

Фото: Плусинфо

 

Улиците на Сиде се исполнети со мали продавници за рачно изработени предмети, традиционални турски слатки и сувенири, како и кафулиња каде може да се ужива во спокојна атмосфера и вкусна храна. Посетата на Стариот град е вистинско патување во времето, исполнето со убавина, историја и романтика.

Фото: Плусинфо

 

АКВАРИУМОТ ВО АНТАЛИЈА – ПОДВОДНО ЦАРСТВО СО НОВИ АТРАКЦИИ

Аквариумот во Анталија е вистинска магија за сите љубители на морскиот свет и незаборавна дестинација за семејства, но и за оние што сакаат да научат нешто ново за животот под вода.

Фото: Плусинфо

 

Со своите огромни базени, аквариумот ги собира најразличните видови риби и морски суштества од Медитеранот и од цел свет. Од величествени ајкули и морски крави, до шарени корални риби и егзотични морски змии, тука може да се доживее вистински подводниот свет.

Фото: Плусинфо

 

Една од највпечатливите атракции е подводниот тунел, долг неколку десетици метри, каде посетителите како да пливаат со рибите. Тие минуваат под големите аквариуми каде ајкулите и зрачењата го лебдат над нив, создавајќи чувство на магија и возбудување. Аквариумот нуди и интерактивни изложби, каде децата можат да научат за морскиот екосистем и важноста на зачувувањето на морските видови преку едукативни игри и презентации.

Фото: Плусинфо

 

МУЗЕЈ НА ВОСОЧНИ ФИГУРИ – ЛИЧНОСТИ СО РЕАЛИСТИЧЕН ПРИКАЗ

Во склоп на комплексот на аквариумот се наоѓа и еден мал музеј на восочни фигури кој навистина ме изненади. Овој музеј претставува уникатна можност да се сретнете лице в лице со најпознатите личности од различни сфери на животот, прикажани во неверојатно реалистична форма.

Фото: Плусинфо

 

Од славни актери и музички икони, преку историски лидери, политичари, научници и сликари, секоја фигура е со големо внимание изработена до најситни детали.

Фото: Плусинфо

 

Патувањето низ музејот е како мала лекција по историја и култура, каде може да се фотографирате со вашите омилени личности и да научите интересни факти за нивниот живот и дело. Особено впечатливи беа фигури на личности како Алберт Ајнштајн, Мерлин Монро, Мајкл Џексон и други кои секој ги препознава.

Фото: Плусинфо

 

ЛЕДЕНИОТ ПАРК – КРИСТАЛЕН СВЕТ НА ЗИМСКИ ЧУДА

По посетата на аквариумот и музејот на восочни фигури, направивме пауза во Ледениот парк, уште една атракција која дефинитивно вреди да се посети. Овој парк претставува магичен свет создаден од мраз, каде температурите се под нулата, а скулптурите од мраз во најразлични форми и големини го одземаат здивот.

Фото: Плусинфо

 

Се прошетавме низ сали полни со светлечки фигури, мразни кули, животни и познати објекти, создадени од вешти уметници кои со години ја совладуваат оваа уметност. Паркот има и ледена патека за скејтинг, како и простор каде може да се возите со санки, што го прави идеално место за забавување и опуштање, особено кога надвор е топло и сончево.

Фото: Плусинфо

 

Целокупниот амбиент е создаден така што посетителите се чувствуваат како да се нашле во зимска бајка, а и покрај ниските температури, атмосферата е пријатна и полна со возбуда.

ЌЕ ВЕ РАСПЛАЧАТ ОД СРЕЌА – ДЕЛФИНИТЕ ВО „LAND OF LEGENDS“ СЕ НАЈУБАВОТО ШТО ЌЕ ГО ВИДИТЕ ВО АНТАЛИЈА

Ако сте во Анталија, нема шанси да ја одминете магијата на „Land of Legends“ – уникатен тематски парк кој нуди забава, адреналин и спектакли за сите генерации. Ова неверојатно кралство комбинира водени авантури, ролеркостери, аквапарк, шопинг авенија и вечерни паради, во едно единствено искуство што ќе го паметите засекогаш.

Фото: Плусинфо

 

Најголемо воодушевување кај посетителите буди шоуто со делфини – емотивно, интерактивно и спектакуларно. Во огромната куполеста арена, искусни тренери настапуваат заедно со прекрасни, дресирани делфини кои изведуваат неверојатни скокови, вртења и игри во вода. Посебен момент е кога делфините комуницираат со публиката – бакнуваат, се поздравуваат со перка и дури цртаат! Можноста да пливате со нив (со претходна резервација) го прави ова искуство уште понезаборавно. Децата ќе бидат воодушевени, но и возрасните ретко ќе останат рамнодушни.

Фото: Плусинфо

 

– Шоуто со делфините беше навистина фасцинантно, најмногу поради фактот колку всушност делфините се интелигентни и елегантни суштества, и покрај целиот настап и перформанси, еден од поубави моменти за гледање беше нивната поврзаност со тренерите. Дисциплинирани и талентирани, секој перформанс го изведоа без грешка – ги раскажа своите импресии Дона Неделковска, фотограф и контент креатор.

ПРИРОДНИ АВАНТУРИ ВО АНТАЛИЈА – ПОГЛЕД КОН ДИВИНАТА И АДРЕНАЛИНСКИ ПРЕЖИВУВАЊА

За оние што не сакаат само лежалки и ресторани, туку бараат вистинска авантура и контакт со природата, регионот околу Анталија нуди широк спектар на возбудливи активности кои го будат духот на истражувач и љубител на природа.

Фото: Плусинфо

Едно од највпечатливите искуства е сафарито низ планинските предели на Таврите, каде што ќе се препуштите на дивината што ја нуди оваа уникатна природа. Пејзажите се неверојатни, со високи планински врвови, густи шуми и кристално чисти потоци, а воздухот е исполнет со мириси на бор и диви цвеќиња. Овaa екскурзија е вистинско бегство од градската врева и прилика да се вдише слободата.

За љубителите на водени авантури, рафтингот по реката Копрулу претставува вистински адреналински предизвик. Токму тука брановите и брзините создаваат вжештена атмосфера, каде секој свиок и водопад нудат возбудливи моменти. Рафтинг турата овозможува и мирни делови каде што може да се ужива во кристално чистата вода и да се набљудува прекрасната флора и фауна на околината. За оние што сакаат повеќе, комбинираните тури вклучуваат и пливање низ канџите на кањонот Копрулу, што е исклучително освежувачко искуство и еден од најубавите начини да се поврзете со природата.

Фото: Плусинфо

Ова е лично доживување од една незаборавна авантура во кањонот Копрулу во Турција oд инфо-турата огранизирана од „Фибула“. Место каде што природата, водата и адреналинот се спојуваат во едно магично искуство.

„Кањонот Копрулу е нешто што се доживува со сите сетила – тиркизната боја на водата, свежината на планинскиот воздух, стрмните карпи обраснати со борова шума… сето тоа создава магична слика. Рафтингот беше вистинска експлозија на адреналин и енергија, а природата ме освои во секој миг. Турција повторно ме воодушеви – разновидна, жива и прекрасна. Ова беше доживување што ќе го паметам долго!“.

OД ЛЕЖАЛКА НА ПЛАЖА ДО НАД 2.365 МЕТРИ ЗА 30 МИНУТИ

Но вистинскиот врв на ова природно богатство е возењето со жичарницата „Olympos Teleferik“. Оваа жичарница е една од најдолгите и највисоките во Европа, која се искачува од морската долина до врвот на планината Тахтали, на импресивни 2.365 метри надморска височина.

Фото: Плусинфо

На самиот врв, погледот што се открива го запира здивот – пред вас се простира безграничното синило на Средоземното Море, каде што небото се допира со хоризонтот, додека околните планински масиви се обвиени во зеленило и природна свежина. Овој панорамски спектакл е совршено место за фотографирање, но и за длабоко дишење и уживање во мирот што само природата може да го понуди.

Фото: Плусинфо

– Се будиш со звукот на бранови и мирис на турско кафе, а само половина час подоцна си на врв од 2.365 метри надморска височина, високо над облаците. Со „Olympos Teleferik“ едно утро на одмор станува незаборавно патување – од топлото Средоземје до планинска свежина и прекрасен поглед на бескрајното сино море. И секако имаш време да се вратиш долу за да уживаш со освежителен коктел или кафе за мерак. Идеален ден за сите посетители на Кемер – вели Сандра Кирков, контент креатор.

Фото: Плусинфо

За љубителите на пешачењето и планинарењето, околните планини и патеки нудат бројни можности за истражување, од лесни прошетки до посложени планински маршрути, кои откриваат неверојатни пејзажи и нови перспективи на природната убавина.

Фото: Плусинфо

Оваа комбинација на адреналин, мир и авантура прави регионот околу Анталија вистинска дестинација за секој што сака да ја почувствува најдлабоката врска со природата и со нејзините дарови.

АНТАЛИЈА – ПРИКАЗНА ЗА СИТЕ СЕТИЛА

Анталија не е само место каде што ќе се одморите покрај базен со коктел в рака – тоа е дестинација што ве повикува да ја истражите, да ја почувствувате и да ѝ се восхитувате. Од старите камени улици до подводните светови, од авантуристичките патеки до историските храмови – ова е регион кој остава трага во вашите спомени.

Ако некогаш помислите дека веќе сте виделе сè во Анталија, само скршнете од главниот пат – таму почнува вистинската магија.

📷 ОДМОР КАКО ОД БАЈКА ВО СИДЕ И ВО БЕЛЕК Мир, природа, луксуз и многу забава за целото семејство во хотелите на „Asteria“ и на „Selectum“

Поврзани содржини