Анкетите укажуваат дека новозаболените не биле на домашни свечености, туку на журки
Мислам дека овој есенски бран малку подрани, рече претседателот на Комисијата за заразани болести, Караџовски.
Можеме да очекуваме само влошување на состојбата. Се предвидуваат 500-600, но и до 1.000 заболени дневно. Драстично зголемениот број новозаболени е резултат на непочитување на мерките при групирање во периодот зад нас. Новите рестриктивни мерки што ќе ѝ бидат предложени на Владата од понеделник предвидуваат ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50 проценти, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори во 23 часот.
– Анализата на епидемиолошките податоци во последните три дена, кога имаме драстично зголемен број на позитивни лица, укажува дека одредени настани кои се случиле во нашето секојдневно опкружување се главниот промотор на поголем број случаи, тоа значи ивентите, журките, концертите, сѐ она што го видовме на телевизија, групирање, недржење дистанца од 2 метра, непочитување на мерките или неносење маски. Очигледно во периодот што е зад нас мерките не се почитуваа. Голем дел од овие анкети на заболените, со самиот факт што тие се меѓу 20 и 39 години, ни кажува дека тоа не се луѓе кои биле на домашна свеченост, туку сите биле, народски речено, каде што може да се направи журка, промоција. Оделе за да бидат видени. Мислам дека овој есенски бран малку подрани, временските услови не се такви за да имаме групирање во затворен простор, но со доаѓањето на сезонскиот грип оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање ќе биде поголема. Поради сето тоа Комисијата за заразани болести предложи да се усвојат два сета мерки – рече денеска на прес конференција д-р Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Тој нагласи дека во моментов не се размислува за воведување полициски час ниту вонредна состојба.
– Не сме ги исцрпеле сите мерки за да предложиме полициски час. Но ако ништо од ова не се почитува што ни останува понатаму? Самите ако не си помогнеме на себе не можат да ни помогнат уште 500 сестри, доктори, болници. Бараме помош од сите, медиуми, политички партии, широко население – да ги почитуваме мерките поради фактот дека тоа го правиме заради нас. Непочитувањето ќе нѐ одведе до огромен број заболени и преполнување на болничките капацитети. Не можеме да измислуваме нови инфектолози, епидемиолози, треба 5-6 години за да се постигне тоа – рече Караџовски.
Тој истакна дека Аеродром предничи со бројот на новозаболени во однос на скопските општини.
– Можеме да очекуваме само влошување на состојбата. Јас би рекол 500-600, можеме да одиме и до 1.000 заболени дневно. Мерките се така предложени за да оставиме населението да може да функционира. Ем да живееме како што треба, ем да ги почитуваме мерките – додаде Караџовски.
Тој потсети дека никаде не беше кажано да се одржуваат свадби, но имамве еден куп свадби. Со алиби „не правам свадба“, ги седнуваа гостите на различни маси и угостителот потоа им дава фискални сметки на секоја маса.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека целосно е спремна модуларната болница до Инфективната клиника, но дека таму сѐ уште нема пациенти. Пристигнати се лекарите и медицинските сестри од другите клиники кои таму треба да работат.
Лекарите се распределени по систем на ротација, а од денеска студентите од шеста година на Општа медицина се вклучија во изготвување на анкетните листови и следењето на контактите на заразените.
– Еден пакет на рестриктивни мерки до владата е веќе предложен и треба да се направат законски измени, законот е во собраниска процедура и очекуваме следната недела Собранието да го изгласа. Тие мерки опфаќаат забрана за групирање по 22 часот, задолжително носење маска на отворено и забрането групирање во домашни усливи. Утрово разговаравме и за дополнителен пакет на рестриктивни мерки. Ако има потреба до владата ќе биде предложен овој пакет мерки во понеделник – рече Филипче.
Новите мерки предвидуваат ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50 проценти, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори во 23 часот. Мислам дека овој пакет мерки ќе го забави ширењето на вирусот, додаде Филипче.
– Има еден сериозен процент од новозаболените кои што едноставно не можат или знаат да кажат каде се заразиле. Во таа смисла таргетираме места каде што има групирање. Целта е да се носат маски и да се избегне групирање – рече Филипче.