Ангеловски: Одиме на победа против Словенија, нема да експериментирам
Натпреварот меѓу македонската фудбалска репрезентација и словенечкиот национален тим ќе се игра утре од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски најави игра на победа на утрешниот пријателски натпревар со Словенија.
– За првпат ќе играме подготвителен натпревар во улога на учесници на Европско првенство. Словенија е квалитетна репрезентација. Мечот со нив ќе ни биде добар тест. Без разлика дали е пријателски или квалификациски натпревар, сакаме да победиме. Нема многу да експериментирам, не сум таков тренер. Она што ќе ценам дека е потребно да проверам ќе проверам – изјави Ангеловски.
Тој упати повик до македонските навивачи во максимално дозволениот број да присуствуваат на стадионот.
– Утре по подолго време ќе има публика. Фудбалот се игра за публика. Посакувам нашите навивачи максимално да го пополнат дозволениот број и да им дадат безрезервна поддршка на нашите фудбалери – рече Ангеловски.
Натпреварот меѓу македонската фудбалска репрезентација и словенечкиот национален тим ќе се игра утре од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.