Ангеловска: Владата ќе побара 400 милиони евра заем, ниту еден граѓанин не смее да остане без приходи

Најголемите последици од коронавирусот се очекуваат во вториот квартал – тоа е драстично намалување на даночните приходи. Во третиот квартал се зборува за закрепнување, а во четвртиот закрепнување, па дури и раст.

913

Владата ќе побара од странски банки 400 милиони евра заем до еврообврзницата, за да го издржи ударот врз економијата од коронавирусот. Заемот ќе биде со време на доспевање од 12  месеци, со поволна каматната стапка, а целосно ќе се отплати со средствата кога ќе се издаде еврообврзницата –  соопшти денеска  министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Се очекува висината на каматата да биде под 2,75 отсто.






– Подготвени сме за најлошите сценарија. Целта во овој момент е да обезбедиме ликвидност на Буџетот, заемот до еврообврзницата ќе биде побаран во понеделник.- рече министерката.

В понеделник ќе бидат побарани и 87 милиони евра заем од ММФ и 100 милиони евра за развојни политики од Светската  банка.

– Сите анализи се направени, земени се во предвид и ризиците по што е заклучено дека овие итни мерки во овој момент се најповолни. Сигурност на државниот Буџет и за најцрните сценарија, како и на Буџетот на Министерството за здравство, ликвидност и финансиска инјекција во стопанството, помош на фирмите и заштита на секое работно место, се клучните цели во овој момент. Не смее ниту еден граѓанин да остане без приходите – нагласи Ангеловска.

Таа најави кратења на расходната страна, покрупни алокации меѓу буџетските корисници, а во услови на вонредна состојба, а рече дека нема да биде потребен ребаланс на Буџетот.

Најголемите последици од коронавирусот се очекуваат во вториот квартал – тоа е драстично намалување на даночните приходи. Во третиот квартал се зборува за закрепнување, а во четвртиот закрепнување, па дури и раст.

Поврзани содржини