Ангеловска: Со новите мерки се поддржува производството и потрошувачката
Зборуваме за сет на мерки од една страна насочени кон групи граѓани, од друга страна насочени кон одредени сектори, сегменти и индустрии.
Новиот сет на мерки се во насока да понудат стимулирање на приватната потрошувачка со акцент на домашната економија, домашната понуда, домашните компании. На тој начин преку финансиска поддршка на граѓаните, ќе се поддрши и македонското производство, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска во гостувањето на емисијата „Економски магазин“.
– Мерките се така таргетирани со цел да го амортизираат економскиот удар, да понудат стимулирање на приватната потрошувачка со акцент на домашната економија, домашната понуда, домашните компании. Зборуваме за домашни производи и услуги, мораме да имаме предвид дека меѓу погодените сектори се и голем дел од услужните сектори. Ако ја погледнете нашата структура на бруто домашен производ, околу 65% придонесува приватната потрошувачка. Зборуваме за мерки за период за ревитализирање на економијата, при реотварање, односно во момент кога се отвора малопродажба, се отвараат молови – рече Ангеловска.
Според неа ќе се стимулира домашната потрошувачка.
– Да се помогне на најпогодените, на оние на кои им е најпотребно ,на ранливите групи, работниците со мали примања.Зборуваме за сет на мерки од една страна насочени кон групи граѓани, од друга страна насочени кон одредени сектори, сегменти и индустрии. Се работи за мерки кои на краток рок треба да дадат резултат во економијата за да ние можеме да зборуваме за најмал економски пад споредено со регионот, каков што ни се проектира. Мораме да имаме предвид дека падот на економијата и начинот на кој се справуваме ќе зависи многу од мерките кои ги преземаме – рече Ангеловска.
Ангеловска посочи дека мерките од првиот и вториот сет направиле одредена амортизација и биле пофалени и од Европската комисија и од Меѓународниот монетарен фонд .