Ангеловска: Имав депозит во Еуростандард банка и го потрошив за купување стан

Министерката за финансии тврди дека целосно е неточна информацијата дека нејзиниот депозит во Еруростандар банка го префрлила во други банки или го повлекла.

4,624

Министерката за финансии Нина Ангеловска ги оцени за дезинформации тврдењата и пишувањата дека откако дознала дека ќе пропане Еуростандард банката ги повлекла своите депозити од банката и ги префрлила во други банки.

Во писмена изјава до јавноста таа вели дека со ваквите дезинформации се прави  обид за дефокусирање на јавноста, преку нејзиное дискредитирање и нарушување на нејзиниот углед.






– Иако веднаш ги демантирав изнесените невистини во врска со мое наводно повлекување на средства од Евростандард банка по добивање на информација за случајот со одземањето на дозволата за работа и отворањето на стечајната постапка, сепак во насока на точно информирање и отстранување на сите сомнежи и дилеми, би сакала уште еднаш да ѝ ги соопштам на јавноста фактите и воедно да ги демантирам сите неточни информации кои тенденциозно се пласираат, вели во  изјавата Ангеловска.

Таа тврди дека не е точна ниту сумата што се лиферува во јавноста.

– Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во Евростандард банка – вели Ангеловска,.

Според неа  целосно е неточна информацијата дека нејзините средства ги префрлила во други банки или повлекла.

 –  Вистината е дека пред стапување на функцијата – министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија – додава Ангеловска.

Би сакала да ја потсетам јавноста, додава таа,  дека во периодот кога го купив споменатиот стан, исто така во јавноста беа пласирани тендендиозни и неточни информации дека наводно не сум го пријавила станот во Антикорупциска комисија, што не е точно. Истиот беше уредно пријавен, согласно законските прописи и рокови, што беше потврдено и од страна на Антикорупциската комисија.

Ангеловска појаснува дека Министерството за финансии нема надлежности над основањето и работењето на банките, ниту дава, ниту одзема дозвола за работење на банка. Единствено Народната банка, како независно регулаторно и супервизорско тело, има надлежност во доменот на работењето на банките што значи надзорот, супервизијата, изрекувањето мерки, издавањето и одземање дозволи за банките ги врши исклучиво и самостојно Народната банка.

–  На крајот сакам да нагласам дека пласирањето на неточни и тенденциозни информации во јавноста, го оценувам како обид за дефокусирање на јавноста, преку мое дискредитирање и нарушување на мојот углед. Цврсто сум убедена дека и овојпат јавноста ќе ги препознае фактите, пред лажните вести што се пласираат со цел да се креира погрешна перцепција – вели во пислмената изјава министерката за финансии Нина Ангеловска.

Поврзани содржини