Ангеловска-Бежоска: Значително се зголемува користењето на електронското банкарство
Бројот на плаќања иницирани преку електронското банкарство во март е зголемен за околу 30% на годишна основа, што е многу повеќе во споредба со трендовите во претходниот период.
Првичните податоци покажуваат дека апелот на Народната банка за безготовинско плаќање и за користење на платежните картички и на услугите за електронско и мобилно банкарство е добро прифатен од граѓаните.
Значително се зголемува користењето на електронското банкарство од страна на физичките лица, што во овој период е и во функција на заштита на здравјето. Бројот на плаќања иницирани преку електронското банкарство во март е зголемен за околу 30% на годишна основа, што е многу повеќе во споредба со трендовите во претходниот период.
Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во вчерашното издание на емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма. Притоа посочи дека според првичните податоци од платежната статистика, чијашто обработка е во тек, зголемено е користењето и на компјутерите и на мобилните телефони за извршување на плаќања.
Во март, годишниот раст на плаќања извршени преку компјутер изнесува околу 26,4%, додека претходно, минатата година во споредба со 2018 година, растот изнесуваше 5,4%. Истовремено, како што кажа гувернерката, бројот на плаќања преку мобилен телефон е зголемен за околу 45,5% на годишна основа.
Од друга страна, забележан е пад од околу 7% на годишна основа кај плаќањата иницирани на хартија. За ваквите трендови придонесоа и активностите коишто ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје.
– Според првичните податоци, особено е изразен порастот на користењето на платежните картички за купување преку интернет, при што во март, бројот на трансакции е зголемен двојно во однос на истиот месец минатата година, а позитивни се трендовите и кај користењето на картичките на физичките места на продажба. – посочи Ангеловска-Бежоска.
Во емисијата, акцент беше ставен и на најновите макроекономски проекции на Народната банка, при што меѓу другото беше истакнато дека се очекува падот на економската активност заради корона-кризата да биде најголем во вториот квартал од оваа година, а потоа да следи постепено опоравување и следната година да има раст на македонската економија од 4,7%. Како што посочи гувернерката, ваквите очекувања се темелат на претпоставката дека шокот од ковид-19 ќе биде краткорочен.
Одделно се дискутираше и за депозитната база и за состојбите на девизниот пазар, при што гувернерката нагласи дека овојпат притисоците беа значително помали во споредба со претходни кризни епизоди.
– Податоците за март покажуваат дека нема пад на депозитите. Ме радува што веќе во текот на април состојбите се стабилизираа – депозитната база е стабилна и таквата состојба продолжува и на почетокот на овој месец.“ – истакна Ангеловска-Бежоска.
Од средината на април, како што посочи таа, значајно е стабилизирана и состојбата и на девизниот пазар.
Во емисијата се коментираше и за мерките што по избувнување на корона-кризата ги презеде Народната банка. Гувернерката посочи дека постојано се следат состојбите и ако е потребно, Народната банка е подготвена да преземе и дополнителни мерки во согласност со своите надлежности, ако тоа е потребно.