АНГЕЛОВСКА- БЕЖОСКА ЗА ДЕНАРОТ И ЈУБИЛЕЈОТ Стабилноста на денарот останува сидро на стабилност на економијата

гувернерксата се осврнува и на првите години од монетарното осамостојување кои ги одбележаа хиперинфлација, рецесија, недоволно ниво на девизни резерви, постојана депрецијација на домашната валута и општа макроекономска нестабилност.

80

Народната банка уште еднаш ја потврди определбата за задржување на стабилноста на денарот и тој и во иднина ќе биде „сидрото на стабилноста на нашата економија“, вели  гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во писменото обраќање по повод 30 години од монетарното осамостојување. 

– Стабилноста на денарот и финансиската стабилност беа зачувани и во налетот на најострата економска криза, предизвикана од пандемијата на вирусот ковид-19. Народната банка беше еден од столбовите коишто ја задржаа стабилноста на целиот економски систем, остварувајќи ги своите мандаторски цели, давајќи ѝ поддршка на економијата преку соодветни политики и мерки. Нема да згрешам ако речам дека по оваа криза, станаа посилни и економијата, и институциите коишто се дел од економскиот систем. Народната банка уште еднаш ја потврди определбата за задржување на стабилноста на денарот и тој и во иднина ќе биде „сидрото на стабилноста на нашата економија“ – вели во изјавата Ангеловска-Бежоска.






Таа додава дека девизните резерви се одржуваат во конфорно ниво, а банкарскиот систем е поставен на целосно пазарни основи и е стабилен, ликвиден и доволно капитализиран.

– Во однос на рамката за работењето на банкарскиот систем, добивме значајно признание од Европската Унија којашто нѐ стави на листата со само уште 26 држави во светот, чијашто банкарска регулатива и супервизија ги исполнува европските стандарди – вели  гувернерката. 

Според неа, јубилејот ‒ 30 години од денарот и 30 години од самостојноста на централната банка, треба да биде национална гордост за сите.

– Денеска одбележуваме важен јубилеј, паметник на градењето на нашата држава. Пред 30 години, под палката на Комисијата за монетарно осамостојување, беше воведена нашата национална валута ‒ денарот. Воедно, беше воспоставена институционалната рамка на монетарниот систем ‒ Народната банка започна да функционира како самостојна централна банка. Иако релативно млада централна банка, во изминатите 30 години, Народната банка се соочи со голем број предизвици, на кои успешно им одговори – вели Ангеловска-Бежоска во обраќањето. 

Таа се осврнува и на првите години од монетарното осамостојување кои ги одбележаа хиперинфлација, рецесија, недоволно ниво на девизни резерви, постојана депрецијација на домашната валута и општа макроекономска нестабилност.

–  Она што како централна банка може да го порачаме е дека ние и натаму ќе бидеме исправени во соочувањето со сите идни предизвици, гарантирајќи ја стабилноста на денарот, а со тоа и просперитетот на нашето општество – нагласува гувернерката Ангеловска-Бежоска.

На денешен ден во 1992 година беше воведен денарот како национална валута и беа донесени пакет закони со кои државата се осамостои монетарно. 

Поврзани содржини