ЈАНЧЕВ НАЈАВИ АВТОМАТСКИ СИСТЕМ ЗА ДЕТЕКЦИЈА НА ПОЖАР Во системот ќе бидат поврзани брза помош, противпожарна и полиција

Градоначалникот истакна дека секоја аномалија ќе биде отстранета со цел за најдоцна месец, месец и половина, сите објекти да бидат проверени и документирано потврдени дека се во функција. Сите објекти што ќе ги комплетираат документите, ќе добиваат ознака дека се проверени во таа година за секој што ќе влезе во нив, да се чувствува безбедно. 

230

Автоматски систем за детекција на чад и пожар со дојава до брза помош, противпожарна и полиција, како и своевидни ознаки за сите безбедни објекти за секој што ќе влезе во нив да се чувствува безбедно. Ова биле двата предлога што Општина Кавадарци ги дала до Кризниот штаб. За нив денеска информираше кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Едниот предлог е да работиме во наредните три до пет месеци заедно со сите надлежни субјекти на правење автоматски систем со сензори за детекција на чад и пожар и автоматска дојава за пожарот до клучните институции, брза помош, полиција и противпожарна единица – појасни тој.






Јанчев, кој е и командант на Кризниот штаб, денеска изрази уверување дека во наредните години, над 90 отсто ќе се автоматизира ваквата дојава.

Тој информираше дека Кризниот штаб при последните контроли на јавни институции, јавни објекти и колективни згради, не забележал големи аномалии. Имало случаи на скршени вентили на хидрантски системи, украдени или непостоечки црева за такви системи, а имало случаи системот да изгледа дека функционира, но дотокот на вода бил оневозможен, или притисокот на вода бил недоволен за да функционира еден хидрант.

Градоначалникот истакна дека секоја аномалија ќе биде отстранета со цел за најдоцна месец, месец и половина, сите објекти да бидат проверени и документирано потврдени дека се во функција. Во моментов нема објект што загрозува или тотално не ги исполнува законските услови, за да биде затворен.

Според вториот заклучок на Кризниот штаб, сите објекти што ќе ги комплетираат документите, ќе добиваат своевидна ознака, дека се проверени во таа година. За секој што ќе влезе во нив, да се чувствува безбедно.

– Општина Кавадарци редовно секоја година заедно со Територијалната противпожарна единица, Црвен крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Центар за управување со кризи, Општа болница, ОВР Кавадарци, спроведува акции за евакуација при елементарни непогоди – изјави Јанчев за медиумите.

Една таква превентивна акција денеска имаше во основното општинско училиште „Страшо Пинџур“, вежба за евакуација при пожар. Беа евакуирани околу 365 ученици и повеќе од 60 вработени во училиштето.

Командирот на Територијалната противпожарна единица, Александар Чадамов рече дека ваквите настани се од клучно значење за заедницата. Тој изрази задоволство што и најмалите аномалии што се констатираат при контролите на терен во објекти во општините Кавадарци и Росоман, се отстрануваат во најкус можен рок.

 

Поврзани содржини