АНБ се огласи и не кажа детали за божемните подготовки за бегство на Камчев
Доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно обвинителство.
Агенцијата за национална безбедност денеска соопшти дека во рамките на своите надлежности согласно член 6, а во врска со член 4 од Законот за АНБ, доставила до надлежното Јавно обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на Јордан Камчев во странство, а поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него.
„Во врска со пројавениот интерес во јавноста за постапувањето на Агенцијата за национална безбедност во случајот со определување на мерката притвор на лицето Јордан Камчев на 14.03.2021 година, информираме дека АНБ во рамките на своите надлежности согласно член 6, а во врска со член 4 од Законот за АНБ, достави до надлежното Јавно обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на именуваниот во странство, а поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него.
Согласно наведените одредби доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно обвинителство.
Со оглед на тоа што против именуваниот се води истражна постапка, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од член 273 од Кривичниот законик, надлежното Јавно обвинителство достави предлог за определување мерка притвор, а судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд – Скопје го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена“, се наведува во соопштението од Агенцијата.