АНАЛИЗА: „Mетрото“ на Шилегов ги подели граѓаните (ВИДЕО)

70 милиони евра ќе не чини преместување на сите жардињери во градот, за од Ѓорче до Лисиче да се стига за половина час. „Нема една работа за која Шилегов не се премислил“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на идејата за „метрото“. Според партијата, БРТ не може да се реализира затоа што 2 метри под жардињерите оди главната водоводна цевка за Скопје, и ако зеленилото се премести цевката ќе пукне или ќе се оштети. Тоа значи сообраќаен хаос.

2,011

„Како ќе пристапуваме до автобуското метро во средината на Партизанска од тротоар со вакви бесни возачи? Ќе остане сѐ раскопано, подобро да не го почнуваат? Како ќе се наплаќа? Што е со зеленилото во жардинерите?“ Ова се само дел од реакциите на граѓаните, кои се поделени по денешната презентација на проектот „Bus Rapid Transit“ за автобуското метро на Град Скопје во хотелот „Хилтон“.

Според видеото, 60 армоника-автобуси на електричен погон и природен гас ќе носат до 250 патници од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода штитејќи го воздухот и забрзувајќи го сообраќајниот хаос во Скопје. Од 70 минути, сега патот од Ѓорче до Лисиче ќе се скрати на 30 минути, а тоа ќе нѐ чини 70 милиони евра, за кои тендерот ќе биде распишан во август.






– Очекувам во април да биде избран изведувач, а за помалку од две години да започне со имплементирање. Втората фаза од Кисела Вода до Бутел ќе започне во 2024 година, најави градоначалникот Петре Шилегов на јавната расправа.

Видете ја анимацијата за БРТ во следното видео:

Побрз ли ќе е „трамвајот“ од сегашните еко-автобуси?

Но, ќе биде ли електричното метро доволно брзо за да направи некаква разлика? Максималната брзина на БРТ ќе биде 50 километри на час од станица до станица, објаснува професорот Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола.

– Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи овој систем е бодиран како сребрен стандард – меѓу највисоките стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз – рече тој дебатирајќи со другите експерти.

Ниедно дрво нема да биде исечено?!

Како и колку време ќе треба да се искршат постојните жардињери од „Партизанска“ и „Јане Сандански“ за ова да профункционира? „Ниедно дрво нема да биде исечено односно уништено“, вети денеска градоначалникот Шилегов, туку „пресадено во рамки на страничното зеленило кое ќе се направи од двете страни на булеварот“.

„Метрото“ ќе направи хаос, вели ВМРО-ДПМНЕ

Нема една работа за која Шилегов не се премислил, реагира ВМРО-ДПМНЕ на идејата за „метрото“. Според партијата, БРТ не може да се реализира затоа што 2 метри под жардињерите е главната водоводна цевка за Скопје, и ако тие се преместат цевката ќе пукне или ќе се оштети. Тоа значи сообраќаен хаос.

– Најголем проблем е претоварањето на патниците кои ќе одат на дестинации кои не се опфатени со линијата на БРТ, бидејќи на линијата по коловозните ленти по кои ќе се движи БРТ нема да можат да се движат други автобуси.

Што ќе прават оние што ќе патуваат на други траси освен најавените Ѓорче-Лисиче и Бутел-Кисела Вода?, имплицитно прашува партијата во своето денешно соопштение. Каде ќе се движат останатите автобуси?

– Системот за сообраќање на БРТ автобусите е неефикасен затоа што автобусите ќе се движат на секои 3 минути со што во голем дел од временските интервали по шпиците ќе бидат празни и ќе оперираат со мал број на луѓe – апелираат од опозицијата.

Овој, според партијата, „неосмислен и набрзиа изведен“ систем Шилегов не треба воопшто ни да го почнува, советува ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека сето ова скапо ќе не чини.

Погледнете како ќе изгледаат станиците за БРТ во следното видео: 

400 метри за пешаци и неколку „спојки“

Според професорот Крстаноски, зеленило од двете страни ќе има 82% од целата траса, што е успех. Место ќе има и за пешаците. Околу 400 метри пешачка зона околу „метрото“ е предвидена во централниот дел. Тоа секако не е главниот проблем, колку што ќе бидат неколкуте „спојки“ на улиците 11 Октомври, булеварите ВМРО и Кочо Рацин, каде не е можно одвојување со зелен појас, туку со сепаратори т.н армодило.

Дигитална наплата во риал-тајм и помалку станици

Седум милиони евра ќе чини да се направи систем кој во реално време ќе им сигнализира на електричните автобуси како да возат, ќе ги информира патниците и ќе избегнува гужви. Ни кружните текови нема да го успорат БРТ системот, затоа што тој ќе има предност, велат експертите.
– Добрата страна е исто така што со еден билет ќе можете да ги користите и автобусите и возилата на БРТ, а сметам дека на тој начин ЈСП ќе почне да остварува профит. Очекувањата се дека 10 проценти од сите патници во Скопје, ќе се возат со БРТ- рече градоначалникот.

12,8 километри од Ѓорче до Лисиче и 10,4 од Бутел до Кисела Вода се засега двете планирани траси, но системот има можност да се надградува.

Скопје доцни 40 години со метрото, а БРТ ќе го користи барем 100

Според професорот и сообраќаен експрет Никола Крстаноски, од Техничкиот универзитет во Битола, Скопје касни 40 години со воведување некакво брзо метро или систем.

– Овој проект ќе го користат нашите сограѓани, барем следниве 100 години – свечено изјави Шилегов.

Пак ќе не возат истите „мајстори“ 

Возилата на БРТ ќе ги возат актуелните возачи на автобуси во ЈСП, но ќе биде потребна доквалификација.

– Имаме квалификуван кадар кој треба да се доквалификува. Безбедноста е една од главните компоненти, на новиот јавен сообраќај, така што нема да штедиме кога станува збор за безбедност во сообраќајот и безбедност на патниците – тврди Шилегов.

Бавно, ама функционално

– Тој систем ќе се состои од модерни автобуси со голем капацитет и безбедни коридори по кои ќе се движат, но не премногу брзо. Многу градови анализираат многу опции за јавниот превоз, но верувајте дека ова е најпрактичното решение што го добивате за вложените пари – рече Градимир Стефановиќ, член на Меѓународната асоцијација за јавен транспорт.

Според Стефановиќ, околу 200 градови во светот веќе го користат БРТ транспортот.

Поврзани содржини
na