АНАЛИЗА Кина е новиот голем играч на глобалниот пазар на гас – таа го закупува рускиот гас што ЕУ го бојкотира!

Актот на склучување на договорот за реализација на гасоводот „Моќта на Сибир 2“ на самитот во Кина, не само што означува пресвртница во траекторијата на протокот на руски природен гас преку цевководниот систем на земјата, туку од страна на некои светските аналитичари беше протолкуван и како политичка потврда за постоењето на новиот Мултиполарен поредок во светот.

663

На 17 јуни, Генералниот директорат за енергетика предложи Регулатива на Европскиот Парламент и на Советот за постепено укинување на увозот на руски природен гас, подобрување на следењето на потенцијалните енергетски зависности и измена на Регулативата (ЕУ)2017/1938. Предложената регулатива има за цел решително постепено укинување на природниот гас и течниот природен гас (LNG) што потекнува од Руската Федерација, или се извезува директно или индиректно од неа, со што се спречува нивниот пристап до пазарот на Унијата.

Според законодавниот предлог што го поднесе Европската комисија во јуни годинава, ЕУ постепено и ефикасно ќе го запре увозот на руски природен гас и нафта до крајот на 2027 година. Ова, согласно so објаснувањето на Комисијата, ќе ја прекине изложеноста на ЕУ на пазарни и економски сигурносни ризици, поради зависноста од руските фосилни горива и на крајот ќе ја зголеми енергетската независност и конкурентност на Унијата.






Законодавниот предлог го следи Патоказот (Roadmap), кој Комисијата го усвои во месец мај годинава. Тој утврдува план на ниво на цела ЕУ за постепено и добро координирано укинување на увозот на руски природен гас, во дух на солидарност, додека се стреми кон чиста транзиција. Предлогот има за цел зачување на сигурноста во снабдувањето со енергија на ЕУ, а воедно да се ограничи какво било влијание врз цените и пазарите, како што е објаснето во придружната анализа.

Преостанатите количини на руски природен гас можат постепено да се укинат без значително економско влијание или ризици за сигурноста во снабдувањето, поради достапноста на доволно алтернативни трговци на глобалниот пазар на природен гас, добро поврзан пазар на природен гас на Унијата и достапноста на доволна инфраструктура за увоз во ЕУ.

Предложената Регулатива предвидува постепено запирање на гасните испораки преку цевководи како и на течниот природен гас што потекнува од Руската Федерација, или се извезува директно или индиректно од нејзина територија. Исто така, предлага мерки за да се олесни целосното запирање на увозот на руска нафта до крајот на 2027 година.

Имено, со разгорувањето на воените дејства во Украина во февруари 2022 година и во согласност со Версајската декларација на шефовите на држави и влади од 11 март 2022 година, Комисијата го започна Планот „REPowerEU“ на 18 мај 2022 година, за да овозможи целосна диверзификација од увозот на руска енергија на безбеден, достапен и одржлив начин. Планот се темели на долгогодишна политика за диверзификација, исто така наведена во Европската стратегија за енергетска сигурност и во Стратегијата за енергетска унија.

ЕУ го намали увозот на руски гас за 70%

Од 2022 година, ЕУ и нејзините земји – членки работеа на спроведување на Планот за заштеда на енергија, забрзување на транзицијата кон чиста енергија, зголемување на домашното производство на енергија, финализирање на клучната инфраструктура што овозможува понатамошна диверзификација на снабдувањето со природен гас и подобрување на енергетската дипломатија на ЕУ. Како резултат на тоа, Унијата успеа да го намали увозот на руски природен гас од 2021 до 2023 година за над 70%, од 150 милијарди кубни метри на 43 милијарди кубни метри, а цената на природниот гас значително се намали во однос на 2022 година кога цената на природниот гас скокна до плафон. Во 2024 година, увозот на руски природен гас во Унијата изнесуваше 53 милјарди кубни метри.

Фото: Pixabay

 

И покрај значителниот напредок и прекинот на транзитот на руски природен гас низ Украина, проценката за  увоз на рускиот природен гас во 2025 година е дека истиот повторно ќе има удел од 13% во вкупниот увоз на гас на Унијата. Бидејќи преостанатите количини на руски природен гас што се увезуваат во Унијата се сè уште значителни, Комисијата ги предложи горенаведените легислативи за целосно постепено укинување на увозот на руски природен гас и подобрување на постојната рамка за енергетска зависност.

Дополнително значителен дел од капацитетот за увоз на LNG е контролиран од страна на руски компании во одредени земји – членки, што создава ризик дека овие права за закуп на капацитет би можеле да се искористат за да се попречи увозот од алтернативни извори  преку практики на складирање на капацитети. Во минатото, случаите со складирање на природен гас доведоа до значителни нарушувања на пазарот, зголемени цени и закани за успешноста на кризните мерки предвидени за обезбедување на сигурноста во снабдувањето со природен гас.

Во 2024 година, 46% од увозот на LNG во Европа доаѓаше од САД, 16% од Русија, 11% од Алжир, 10% од Катар, 5% од Норвешка и 4% од Нигерија.

Увозот на руски природен гас во ЕУ целосно ќе прекине до крајот на 2027 година

Според предвидената временска рамка, увозот на руски природен гас во ЕУ, склучен согласно новите договори, ќе биде прекинат од 1 јануари 2026 година. Увозот според постојните краткорочни договори ќе биде прекинат до 17 јуни 2026 година, освен за оние гасни испораки до земјите членки на ЕУ кои немаат излез на море и се поврзани со долгорочни договори чие времетрање истекува до крајот на 2027 година. Увозот склучен согласно на долгорочните договори ќе биде целосно прекинат до крајот на 2027 година.

Склучувањето на долгорочни договори за услуги на терминали за LNG за клиенти од Русија, или контролирани од руски претпријатија, исто така ќе бидат забранет. Ова ќе обезбеди пренасочување на капацитетот на терминалот кон алтернативни снабдувачи, со што на крајот ќе се зголеми отпорноста на енергетските пазари.

Овој постепен пристап ќе помогне ефикасно да се запре увозот на руски природен гас, а воедно ќе се ограничат можните влијанија врз цените на енергијата во Унијата и ќе се избегне каков било ризик за сигурноста во снабдувањето.

Комисијата ќе ги поддржува земјите – членки во текот на целиот процес. Заедно со Агенцијата на ЕУ за соработка на енергетските регулатори (ACER), Kомисијата внимателно ќе го следи, напредокот и влијанијата на постепеното укинување на увозот на руски гас и нафта. Во случај сигурноста во снабдувањето со гас на една или повеќе земји-членки да биде загрозена, Комисијата може да преземе дополнителни мерки за кризна состојба.

Одредбите за подобрување на транспарентноста и следењето на рускиот гас на пазарите на ЕУ ќе ја поддржат ефикасната имплементација на забраната за увоз. Според предложената Регулатива, компаниите што имаат договори за снабдување со гас ќе мора редовно да доставуваат информации до Комисијата. Покрај тоа, увозниците на природен гас ќе мора да им ги обезбедат на царинските органи сите потребни информации што ќе го потврдат патот на движење на увезениот природен гас од неговото вистинско потекло до точката на увоз во Унијата.

Предложената Регулатива ќе го следи процесот на заедничко одлучување за легислативата, што значи дека ќе треба да биде усвоена од Европскиот парламент и Советот.

Да не се потцени „Моќта на Сибир 2“

Согласно на информациите пласирани од страна на руски Газпром, на маргините на самитот на ,,Шангајската организација за соработка“, кој се одржа неделава во градот Тјенџин, Н.Р. Кина, меѓу другото беше потпишан и правно обврзувачки Меморандум за изградба на гасоводот „Моќта на Сибир 2“ со националната кинеска нафтена корпорација. Се очекува гасоводот „Моќта на Сибир 2“, долг 2.600 километри, да поминува низ Монголија и да стане оперативен на почетокот на 2030 година.

Кинески работници на гасовод со знаме на Кина – симбол на доминацијата на Кина на глобалниот пазар на течен гас.
Фото: Креирана илустрација со помош на ChatGPT

 

За разлика од „Моќта на Сибир 1“, кој транспортира природен гас од гасните полиња во Источен Сибир, новиот гасовод ќе транспортира природен гас од Јамал и Западен Сибир, односно од истите гасни полиња од кои се транспортира природниот гас кон земјите на Западна Европа. Гасоводот „Моќта на Сибир 2“со проектиран годишен капацитет од 50 милијарди кубни метри, во комбинација со планираното зголемување на капацитетот на постојните гасни рути на 56 милијарди кубни метри, би го зголемил вкупниот извозен капацитет на Русија во Кина на нешто над 100 милијарди кубни метри годишно.

За споредба, вкупниот увоз на природен гас во Кина во 2024 година изнесуваше приближно 180 милијарди кубни метри. Дополнително на ова, Кина има и свое производство на гас кој ланската година изнесуваше 246 милијарди кубни метри. За Русија, удвојувањето на капацитетот за извоз на гас во Кина значи компензација на намалената продажба на природен гас во Европа поради кои руски Газпром се најде во сериозни финансики потешкотии.

Кина и Русија ќе ја оспорат доминација на американскиот течен гас

Актот на склучување на договорот за реализација на гасоводот „Моќта на Сибир 2“ на самитот во Кина, не само што означува пресвртница во траекторијата на протокот на руски природен гас преку цевководниот систем на земјата, туку од страна на некои светските аналитичари беше протолкуван и како политичка потврда за постоењето на новиот Мултиполарен поредок во светот.

Имено, овие настани се случуваат во услови кога постои растечка загриженост на Пекинг од аспект на енергетската сигурност, а се поврзани со нејзината зависност од увозот на LNG. Иако клучните комерцијални параметри сè уште не се преговарани, проектот „Моќта на Сибир 2“ би можел да предизвика големи турбуленции на глобалниот пазар на течен природен гас.

Дополнително пристигнувањето на санкционираниот (од САД) руски товар на течен природен гас од постројката „Arctic LNG 2“ во земјата на испорака – Кина, е доволен сигнал дека двете земји се движат кон оспорување на доминанцијата на американскиот течен природен гас.

Меморандумот, исто така, ја нагласува и преференцата на Пекинг да увезува природен гас преку цевководи наместо течен природен гас, по неодамнешните настани што отворија низа на прашања за сигурноста на увозот на течен природен гас од двата најголемите извозници на LNG во светот. Трговската војна помеѓу САД и Кина ги натера кинеските увозници на течен природен гас да ја намалат трговијата со американски течен природен гас речиси на нула, поради воведувањето на високи царини на американските испораки на течен природен гас од страна на Пекинг во февруари годинава, како одмазднички мерки на политиката на САД. Конфликтот меѓу Иран и Израел во јуни годинава, дополнително го истакна ризикот за  увоз на течен природен гас (во износ од 30%) во Кина преку трасата што поминува низ Ормутскиот теснец поради неговото затворање од страна на иранскиот парламент во јуни годинава.

Импликации на глобалниот пазар на гас

Проектот „Моќта на Сибир 2“ и проширувањето на другите два постојни гасоводи би додале 58 милијарди кубни метри дополнителен капацитет на испораките на природен гас до Кина, што како каузалитет би предизвикало намалена побарувачка на течен природен гас во земјата.

Иако дополнителните 8 милијарди кубни метри годишно од двете проширувања на цевководите до 2031 година само маргинално ќе влијаат на среднорочната побарувачка на течен природен гас во Кина (105 милијарди кубни метри LNG годишно), тоа ќе биде уште еден фактор за пад на побарувачката на течен природен гас во време кога се очекува на светскиот пазар да се пласираат дополнителни 360 милијарди кубни метри нови LNG капацитети на почетокот на 2030 година.

Влијанието на транспортот на природен гас преку цевководите врз глобалните пазари за LNG ќе зависи од тоа дали и колку брзо капацитетот на „Моќта на Сибир 2“ ќе се зголеми во текот на 2030 година и колку целосно ќе се искористи. Дури и со 50 проценти искористеност на капацитетот на „Моќта на Сибир 2“ се очекува продолжување на трендот од крајот на 2020 година, кога на пазарот имаше прекумерни количини на природен гас за потрошувачите – што секако ќе влијае на падот на цените, намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на LNG во 2030 година, зголемување на неизвесноста во носењето на инвестициските одлуки за некои проекти за LNG, како и лимитирање на маневарските способности на компаниите за LNG од Катар во обезбедувањето на дополнителни договори со Кина за нивните неискористени капцитети.

Во меѓувреме, кинеските договори за годишна набавка на LNG во износ од околу 75 милијарди кубни метри, истекуваат во 2030-та година. Пристапот до евтин руски природен гас би им дал на кинеските компании моќна алатка за преговарање, пружајќи им слобода да ги продолжат само оние договори што најдобро се совпаѓаат со нивните потреби во однос на капацитетот, цените и геополитиката. Австралија, Катар и играчите од портфолиото ќе бидат особено изложени на ризик од договорно раскинување.

Овие договори, исто така, ќе ја зголемат меѓурегионалната трговија на природен гас преку цевководи, која значително се намали по војната во Украина, како и изложеноста на Азија на снабдување со природен гас преку цевководи. Иако останува неизвесно дали Кина ќе ја замени Европа како глобален пазар за балансирање – бидејќи овие испораки преку цевководи веројатно ќе станат поевтини од испораките на LNG,  кинеските компании со големи портфолија на LNG, вклучувајќи го и американскиот LNG, ќе станат сè помоќни во арбитражата меѓу регионите.

Пекинг ја зацврстува својата позиција

Без разлика во која конотација се гледа потпишаниот меморандум за „Моќта на Сибир 2“ од страна на светските аналитичари, во поширока смисла истиот укажува на промена на  пејзажот на глобалните енергетски односи. Ова пренасочување на значителни количини на природен гас би имало каскадни ефекти низ глобалните пазари на природен гас, потенцијално влијаејќи врз цените на европските и на азиските пазари.

Развојот на гасоводниот проект би ја зацврстил позицијата на Кина како примарен пазар за раст за природен гас во наредните децении, потенцијално давајќи му на Пекинг зголемено влијание врз динамиката на глобалниот пазар на природен гас.

(Авторот е експерт за гас)

Поврзани содржини