АНАЛИЗА Институционалната изолација на болните од ковид-19 сепак дава спектакуларни резултати: Сингапурското чудо невидено!

Прашањето дали и ние можевме да направиме нешто како Сингапурското чудо и денеска да бележевме макар двоцифрени бројки на новозаразени, за жал, останува само хипотетичко. Општеството, вака или онака, си се избори за својата слободија, што и да значи таа денес, при ваков страшен Армагедон. Цената, секако, ќе си ја платиме. И тоа дебело.

2,614

Oткако човештвото, на овој или на оној начин, се обидува да се справи со глобалните пандемии, во отсуство на вакцини и ефикасни и специфични лекови, изолацијата на заразените е најделотворната позната стратегија на менаџирање на овие кризи. Таа се применува и сега, во сите земји, но на различни начини и со различни мерки. Во поголемиот дел од светот, како што можеме да се увериме и самите, главно неуспешно. Но, има и екстремни примери на спектакуларни успеси.

Во почетокот на пандемијата, кога се сметаше дека коронавирусот го „увезуваме“ од странство, Македонија набрзина оформи капацитети за организирана и институционална изолација на патниците кои доаѓаа од „критичните региони“. Но, потоа таа формула се напушти, карантините се расформираа и се примени нова стратегија – изолација на заразените и самоизолација на нивните контакти во домашни услови, како и лекување во телефонска и онлајн комуникација со матичните лекари.






Во исто време, во повеќе далекуисточни земји, меѓу кои и во Сингапур, чие искуство ќе го анализираме во оваа статија, се примени поинаква стратегија. Тие ги прифатија предностите на телемедицината, но се определија и за институционална и масовна изолација на болните, верувајќи дека таа е трикратно поефикасна од домашната изолација на пациентите.

Сингапур и Македонија – небо и земја!

Случајот на Сингапур е карактеристичен и несекојдневен. Во оваа земја во мај се оформија големи државни центри за изолација, во кои под медицинска контрола беа изолирани случаите со средно тешка клиничка слика. Властите во оваа мала и густо населена островска земја ги имаа предвид и искуствата на епидемијата на САРС од 2003 година, како и фактот дека располагаат со нешто над 11.000 болнички кревети вкупно, од кои само 1.100 за интензивна нега. Опасноста болничките капацитети да се преполнат беше огромна.

Сега, кон крајот на октомври 2020 година, нема дилеми која стратегија се покажа поефикасна. Сингапур, земја со 5,2 милиони жители, од почетокот на кризата до денес, 26 октомври, регистрираше 57.973 случаи, само 28 починати и 57.879 излечени лица. Во последните 24 часа се регистрирани само 3 нови случаи, ден порано само 5, а во претходните денови во просек по десетина новозаразени.

Вака изгледа кривата што ја претставува бројката на активни случаи во Сингапур:

За разлика од оваа далечна земја, Македонија, земја со 2 милиони жители, до 26 октомври забележа 27.199 случаи, 934 починати и само 18.948 излечени. Ова е дијаграмот на активните случаи во нашата земја:

Институционалната изолација во Сингапур и успехот во справувањето на пандемијата ѝ овозможи на таа земја брзо да ја рестартира економијата. Наспроти тоа, ние, кои, меѓу другото, и заради „преживување“ на економијата се препуштивме на стихијата, сега се соочуваме со опасноста од нов „локдаун“ и од нов, уште пострашен удар врз веќе осакатената економија.

Средно тешките случаи со декрет во државен карантин!

За љубов на вистината, ако веќе ја споредуваме Македонија со земјите од далечниот исток, треба да се каже и тоа дека станува збор за земји со различни социјални и цивилизациски милјеа. Случајот на Сингапур тоа можеби најдобро го илустрира.

Во Сингапур, градежната индустрија вработува приближно 300.000 работници од странство, главно од сиромашните земји во регионот. Тие работат за релативно мали плати и живеат во заеднички домови, во супстандардни услови. Статистиката вели дека во 94,3 отсто од случаите на ковид-19 во оваа земја биле инволвирани токму странските работници од работничките домови.

Некој може и да се посомнева во оваа статистика, но факт е дека властите во оваа земја од 7 април до 1 јуни спроведоа „локдаун“, а странските работници беа буквално затворени во своите заеднички домови. Но, за време на целосниот „локдаун“, нивните плати беа исплаќани од страна на владата. Во овој период беше донесен и специјален пропис, кој го овластува директорот на медицинските служби буквално да ги приведува и да ги задржи во центрите за изолација сите позитивни на ковид-19.

Така беа создадени т.н. центри за социјална грижа (Community Care Facilities – CCF), во кои веќе во мај беа згрижени 17.450 заразени, главно со средно тешки симптоми на болеста. Сега, во функција се само три вакви центри, со само 36 пациенти во нив! На јавните објекти кои беа пренаменети за вакви изолациски центри им се врати старата функција, но локалните здравствени власти најавија дека ако биде потребно, тие брзо, преку ноќ, повторно можат да станат центри за изолација на пациенти со ковид-19.

Како и да е, тие ја исполнија својата цел, спречувајќи го притисокот на пациентите врз болниците. Описот на начинот на организација и на животот во овие центри најдобро објаснува зошто и како Сингапур успеа да оствари толку мала стапка на смртност од ковид-19. Да го повториме уште еднаш најважното: во овие центри беа сместувани пациенти со средно тешка клиничка слика и со ниски фактори на ризик. За детаљите во врска со протоколите на проценка на пациентите и за нивното упатување во овие центри, како и за организацијата на овие уникатни капацитети, повеќе можете да прочитате во статијата на еден медицински журнал на следниов ЛИНК.

Најбитно е да се знае дека беа организирани два вида такви центри: едни во кои пациентите остануваа најмногу две недели и други во кои го продолжуваа престојот во задолжителна изолација до 21-от ден по дијагностицирањето на заразата. Тие успешно им помогнаа на пациентите да се лекуваат под медицинска контрола во раната фаза на болеста и го намалија притисокот врз болниците, па Сингапур не доживеа колапс на здравствениот систем.

Сингапур Експо – болница за 8.000 пациенти

Најголем таков објект за изолација беше Сингапур Експо. Тоа е огромен објект од 100.000 метри квадратни, со 10 хали и со максимален капацитет од 8.000 кревети.

Собите за пациентите (по 800 во секоја хала) беа поделени со панели. На пациентите им беше овозможено слободно да се движат, но само во својата хала. Секоја од халите беше опремна со по две соби за медицинска консултација, аптека, станица за медицинска самоконтрола, ви-фи, тоалети, тушеви, машини за перење алишта и слично.

Медицинската самоконтрола пациентите ја извршуваа со систем на мобилни киосци, кои им овозможуваа самите да ги мерат виталните параметри (температура, ниво на кислород во крвта, крвен притисок и слично) и податоците да ги запишуваат во таблети. Внесените податоци беа мониторирани на „дашборд“ од страна на здравствените работници, кои реагираа ако се влошат параметрите на некој од пациентите.

Покрај телемедицината, во Сингапур Експо работеше тим од администратори, фармацевти, 26 лекари и 72 медицински сестри и друг помошен персонал, сите наречени „ангели“.

Можевме ли и ние? Не, не можевме!

Се разбира, престојот и животот во овие центри не беше идеален, а пациентите имаа и сериозни забелешки за нивното функционирање. Еве го сведоштвото на еден од нив:

Но, кога се ќе се собере и одземе, останува фактот дека овој уникатен експеримент во Сингапур даде резултат. Вреди да се каже и тоа дека сингапураскиот пример, историски гледано, баш и не е пронајдок на медицинарите од оваа земја. И во Стариот завет има дел во кој се пропишува како да се постапува со луѓето за кои постоело сомневање дека се лепрозни, со инструкција да се изолираат, а свештеник да ги посетува секои седум дена, за да ја проверува состојбата. Грчкиот лекар Хипократ, кој го дефинирал терминот епидемија, исто така укажувал на нужноста од изолација на заразените. Самиот збор карантин потекнува од италијанскиот збор quarante, што значи четириесет, а тоа е бројот на деновите колку што вообичаено траела изолацијата на заразените. Имено, властите во Венеција во 1423 година востановиле изолација на болните и сомнителните во траење од 40 дена на еден остров во Венецискиот залив.

Се разбира, прашање за голема дискусија е дали во социјални, економски и политички околности какви што постојат во Европа и во нашиот регион, Македонија можеше да востанови систем на институционализирана изолација на позитивните на ковид-19. Во секој случај, ако релаксацијата на рестрикциите после првиот бран на пандемијата пролетва не беше причина за појавата на вториот, многу посилен бран (не сум сигурен дека држи таа теза), сигурно нема дилеми дека попуштањето на строгите мерки ја зголеми недисциплината на луѓето до степен што државниот репресивен апарат сега буквално не контролира ништо и никого. Новите мерки, калкулантски сами по себе, се сведуваат на апели и на празни закани со казни, бидејќи е јасно дека ред и дисциплина во Македонија веќе не може да се воведе.

Според тоа, прашањето дали и ние можевме да направиме нешто како Сингапурското чудо и денеска да бележевме макар двоцифрени бројки на новозаразени, за жал, останува само хипотетичко. Општеството, вака или онака, си се избори за својата слободија, што и да значи таа денес, при ваков страшен Армагедон. Цената, секако, ќе си ја платиме. И тоа дебело.

Поврзани содржини