АНАЛИЗА Гордана Јанкуловска без вина одговара за уништување на застарената, нефункционална и безвредна опрема за прислушување!
Сите докази укажуваат на тоа дека Јанкулоска ниту имала умисла, ниту имала мотив за да се изврши кривичното дело, со оглед на фактот што таа е еден од најприслушкуваните функционери, со над 23.000 прислушкувани разговори. Обвинителството на успева да докаже умисла и вина, за дело за кое обвинетата треба да лежи во затвор најмалку пет години!
Во Кривичниот суд во Скопје привршува судењето за случајот со кодно име „Таргет-Тврдина“. По завршните зборови на обвинителката Ленче Ристоска, в петок на ред се и бранителите на обвинетите Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата управа во МВР, Никола Бошкоски, вработен во УБК, Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи, Тони Јакимовски, поранешен шефот на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов и на уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата, според Oбвинителството, била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби и на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Со прислушувањето, директно и индиректно, биле опфатени околу 20.000 граѓани.
Обвинителството тврди дека Мијалков е главен организатор на прислушувањето. Но, првостепената пресуда со внимание ја очекува и Гордана Јанкуловска, која во моментов се наоѓа на издржување на затворската казна за случајот „Тенк“. Обвинителниот акт за „Таргет -Тврдина“ ја товари дека „со умисла помогнала да се уништат системите за следење на комуникации, на начин што во својство на министер за внатрешни работи на Секторот за правни работи налог за изготвување на Решение за формирање на Комисијата за попис, расходување, уништување и бришење од евиденција на системи и техничка опрема во УБК, со што ги отстранила пречките за извршување на кривичното дело и спротивно на Упатството за вршење на попис, ја формирала Комисијата, со што го сторила кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 24 од КЗ“.
Медумите досега ги игнорираа наводите на одбраната на Јанкуловска. Впрочем, во известувањето за судењата за предметите на СЈО веќе традиционално се фаворизираат аргументите на обвинителите, а од очите и ушите јавноста се кријат аргументите на бранителите. Во случајот на Јанкуловска, тоа е крајно нефер, бидејќи одбраната уверливо докажува дека кај неа не постоела умисла, а постоењето умисла е конститутивен елемент на кривичното дело што ѝ се става на товар.
Така, во кривичното право, делото Помагање се дефинира како умислен придонес во извршувањето на дело на друг, откако извршителот донел одлука за негово извршување. Истовремено, постоењето умисла значи дека сторителот бил свесен за своето дело и го сакал неговото извршување, или бил свесен дека поради неговото сторување или несторување може да настапи штетна последица, но се согласил со нејзиното настапување.
Тезата на СЈО дека Јанкулоска знаела дека Горан Груевски донел одлука да се уништат системите за следење на комуникациите и дека таа била свесна и сакала да помогне, но и дека била свесна за штетата што ќе се предизвика на буџетот на МВР и се согласила со тоа, се апсурдни и бесмислени, тврди одбраната. СЈО не приложило ниту еден доказ, материјален или вербален, во поткрепа на обвинението. Од приложените документи не произлегува дека некоја конкретна опрема ќе биде уништена, а со Решението за формирање на комисијата, што го потпишала министерката, не се наложува да се уништи конкретна опрема.
Комисија и решение под притисок на Горан Груевски
Со оглед на ноторната вистина дека небрежното помагање, без умисла и без потврдена волја, не се казнува, внимателно ги проанализиравме обвинението, аргументите на одбраната, вештачењата и тврдењата на вештите лица, за да утврдима како е донесена одлуката за уништување системот за прислушување „Nice Track“ и дали и колкава штета врз буџетот е нанесена.
Првиот факт што паѓа в очи е дека во решението за формирање на наведената комисија воопшто не се прејудицира дали комисијата ќе констатира техничка застареност и нефункционалност на некоја опрема во УБК – воопшто не се наведува спорната опрема за прислушување! – и дали истата ќе има некаква вредност и колкава ќе биде таа. На решението му претходи предлог на УБК, доставен до Секторот за правни работи, за формирање на комисија за попис, расходување, уништување и бришење од евиденција на основни средства. Од предлогот не може да се претпостави дека предмет на уништување ќе биде системот за следење на комуникации.
Впрочем, по добивање на предлогот, Правниот сектор со допис до УБК побарал појаснување. Пред да биде поднесен предлогот од УБК, обвинетиот Горан Груевски се јавил кај раководителката на правната служба Весна Доревска (за што сведочи и самата Доревска), со укажување дека Правниот сектор не постапил по нивното наводно барање, за кое по проверката на деловодните книги се утврдило дека никогаш и не било доставено. Весна Доревска сведочи дека на 23 март 2015 година Горан Груевски повторно интервенира, односно бара решението за формирање на комисија да биде подготвено и доставено на потпис. Во текот на истиот ден имало дополнителна интервенција од вработена во УБК, која Горан Груевски ја испратил во просториите на Правниот сектор, по што настанала и расправија. Дури тогаш Правниот сектор одлучил да подготви решение и да го даде на потпис кај министерката Јанкуловска. Сведокот Весна Доревска одлучно тврди дека со Јанкулоска за ова решение немала никаква комуникација, ниту пред неговото подготвување, ниту потоа, како и дека од документацијата доставена од УБК до Правниот сектор не произлегувало дека е можно да се работи за опрема за следење на комуникации.
Но, еден друг детаљ од нејзиното сведочење е многу важен. Доревска изјавила дека забелешката на обвивката на предметот, на која се повикува СЈО и на која, всушност, се темели обвинението – каде со ракопис е нотирано дека „решението е подготвено по налог на министерката“ – всушност, е забелешка внесена од вработен во Правниот сектор, кој постапувал по предметот врз основа на укажување на Горан Груевски. Таа забелешка на папката не е напишана од министерката Јанкуловска!
Доревска пред судот потврдила дека решението за формирање на комисијата е донесено во вообичаена постапка и дека откако Секторот за правни работи ја проверил и ја потврдил законитоста на документот и од формален и од содржински аспект, го доставил на потпис кај министерката. Решението за формирање на комисијата не излегува надвор од рамките на неговата законска основа, а тоа е Упатството за начинот на вршење на попис, кој воопшто не е пропис, туку е интерен акт, што не може да биде извор на правото.
За СЈО, повредата на Упатството за начинот на вршење на попис во МВР се состои во определување на членовите на комисијата. Проблемот е што еден од членовите, кој бил и претседател на комисијата, Сашо Трајковски, имал конфликт на интерес поради кој не можел да постапува. Членовите на комисијата биле предложени од УБК, а министерката ниту знаела, ниту била должна да знае дека еден од нив требало да се изземе. Сашо Трајковски, пак, во улога на сведок, истакнал дека Комисијата не била самостојна во работата и дека трпела влијанија, но нагласил дека тие влијанија доаѓале исклучително од обвинетиот Горан Груевски. Тоа го потврдил и сведокот Глигор Поцев. Интересно е тоа дека и за двајцата сведоци не било спорно дека „Nice Track“ системот бил технолошки и генерациски застарен и амортизиран и не се планирало во иднина да биде употребен.
Опремата била застарена, нефункционална и спремна за расходување
Тука доаѓаме до второто прашање кое е мошне значајно за пресудата во делот што се однесува на обвинетата Јанкуловска – дали наведениот систем за уништување требало да се уништи, дали со неговото нанесување на буџетот му е нанесена штета и ако имало штета, колкава е таа.
Вештото лице ангажирано од СЈО, Ѕвонко Кочовски – кој во моментот на ангажирање не поседувал лиценца за проценка на информатичко-комуникациска опрема, туку лиценца за процена на машини и опрема! – иако не бил ангажиран во својство на проценител на вредноста на уништениот систем за прислушување, самиот се нашол за повикан да процени дека системот „Nice Track“ пред уништувањето вредел 1,4 милиони евра! Вештакот на суд признал дека не станува збор за проценка на пазарната вредност (каква што единствено признава Законот за проценка, во член 2 ст.1 т.1 од Законот), туку за „употребна вредност“. Ова е мошне сомнително, бидејќи никаде во домашната легислатива нема дефиниција што точно претставува овој термин. Особено спорен, а воедно и арбитререн, е начинот на кој е дојдено до таа „употребна вредност“. Така, при утврдувањето на оваа вредност од страна на вештото лице Ѕвонко Кочовски, е користена методата „трошоци за замена“, која не е пропишана со Законот за вештачење.
Патем речено, МВР, како буџетски корисник, воопшто немало обврска да прави проценка на системот пред истиот да го уништи, бидејќи така вели Правилникот за сметководство на буџети и буџетските корисници. За ова свој исказ дало и вештото лице на одбраната, Павлина Стојанова. Член 27 од спомнатиот Правилник пропишува дека долгорочните средства кои во целост се отпишани (каков што е случај со системот за прислушкување „Nice Track“) се задржуваат во евиденцијата и се искажуваат во билансот на состојба до моментот на нивното продавање, подарување, отуѓување или уништување. Со оглед на фактот што во купопродажниот договор за „Nice Track“ системот МВР е краен корисник, Министерството не можело ниту да го продаде, ниту да го подари, ниту да го отуѓи системот. Единствено можело да го уништи, што впрочем е и направено.
Вештакот Кочовски, по сопствено наоѓање и без компетенции, оценил дека во следните пет години МВР требало дополнително да го користи системот. Кочовски сепак бил доволно чесен да признае дека тоа е негова субјективна проценка и дека пет проценители да биле викнати, сите пет ќе дале различни проценки. Инаку, за сите сведоци е неспорно дека сметководствената вредност на системот за прислушување во моментот пред уништувањето е 1 денар!
Интересно е дека сведокот Сашо Трајковски (претседател на комисијата за попис, расходување и уништување на системот) навел дека од моментот на инсталирање до моментот на расходување на системот, тој во ниту еден момент ги немал сите декларирани функционалности од договорот, односно системот во ниту еден момент не ја постигнал декларираната функционалност, ефикасност и оперативност. Системот на почетокот можел да ги следи говорните комуникации, но не и интернет комуникациите. Со промената на мрежата на фиксната телефонија од страна на Телеком (периодот од 2011 до 2014 година), системот не можел да ја следи ни фиксната телефонија.
Вештото лице ангажирано од СЈО, Ќире Јакимовски, ги потврдило недостатоците кои ги имал системот „Nice Track“, како од аспект на застареноста на хардверските компоненти и проблемите со кои МВР се соочувало по истекот на неговиот животен век и сервисната поддршка за клучните компоненти на системот, така и од аспект на функционалностите, односно неможноста да го пресретне IP сообраќајот. Тоа значи дека системот не можел да го пресретне сообраќајот на социјалните мрежи, https протоколот (Yahoo, Google) и VOIP комуникациите (говор-телефонија), а не можел да го следи интернетот на мобилната телефонија (Viber, Telegram, Whats APP). Јаќимовски истакнал дека не може да даде оценка дали, со колкава функционалност и за колкав период „Nice Track“ системот би можел да се користи. Тој потврдил дека 7 години по набавката на системот, реалните можности на хардверот биле далеку од тоа што биле во 2008 година, со оглед на техничкиот напредок во информатичката технологија.
Вештото лице на одбраната, Мирослав Костовски, навело дека системот воошто не бил надградуван ниту хардверски ниту софтверски и дека имал големи нефункционалности во периодот од 2013 до 2015 година, затоа што сите комуникации оделе преку интернет и системот не можел да го пресретне IP сообраќајот и како таков бил апсолутно неперспективен за годините кои доаѓале. Тој истакнал дека е чудно што фирмата испорачател декларативно во договорот истакнува дека ќе ги следи потребите на МВР, кога не успеал да ги обезбеди ниту основните функционалности кои биле барани од МВР. За да можел системот да го продолжи векот на работа, било потребно да се направи анализа на хардверската структура на системот и на софтверот, што никогаш не било сторено. Овој вештак не се согласува дека во 2015 година системот имал употребна вредност, односно функционална вредност од технички аспект. Ако не бил исклучен од напојување, системот секако ќе функционирал, но немало да може ништо да продуцира. Имајќи ја во предвид миграцијата на фиксната телефонија, системот фактички изумира и е апсолутно нефункционален. Вештакот Орце Симов, пак, навел дека клучните компоненти на системот имале end of service life или истекување на сервисниот период во 2014 година, а некои во 2015 година.
Што значи сево ова? Заклучокот е недвосмислен: дури и да знаела дека решението што го потпишала се однесува на системот за прислушување, Јанкуловска веројатно морала да одобри системот да се расходува. Но, материјалните докази и изјавите на сведоците потврдуваат дека таа сепак не знаела дека решението во општа форма е манипулација на обвинетиот Горан Груевски. Сите докази укажуваат на тоа дека Јанкулоска ниту имала умисла, ниту имала мотив за да се изврши кривичното дело, со оглед на фактот што таа е еден од најприслушкуваните функционери, со над 23.000 прислушкувани разговори. Нејзиниот логичен мотив е откривање на сторителот на масовното прислушкување и негова осуда и казнување, а не спротивното – да помогне да се прикрие злоупотребата на системот за следење на комуникациите, како што тврди СЈО.
Спротивниот заклучок од овој не би смеело да се претпостави, туку – дебело да се докаже! А тоа не е сторено. Наместо тоа, во завршните зборови, Обвинителството и натаму тврди дека имало прекршување на Упатството и кажува дека кај министерката требало да се појави сомнеж зошто се прави „вонреден попис“, кога редовните биле завршени пред неколку месеци. Пак се инсистира и на онаа крајно спорна забелешка од обвивката на списите, за која се тврди дека е некаков доказ дека решението е направено според насоките на обвинетата. Премалку за да се докаже умисла и вина, за која некој треба да лежи во затвор најмалку пет години!
Одбивањето на барањето на обвинетата Јанкулоска да се здобие со статус на оштетен дополнително го докажува апсурдот. Според Обвинителството, Гордана Јанкулоска не може да биде оштетена затоа што во истиот предмет фигурира како обвинета со што ја игнорира реалноста дека со над 23.000 прислушкувани разговори е една од најголемите жртви на прислушкувањето.
Одлуката за помилување од претседателот Иванов не смее да се игнорира
Одбрана тврди дека во случајот на Јанкуловска, обвнителството постапува спротивно принципот на владеење на правото затоа што помагањето во злоупотребата на службената положба и овластување го врзува со прекршување на Упатството за вршење на попис, кој не само што е интерен акт кој не преставува извор на правото, туку истиот го пропишува само постапувањето на вработените во МВР а не и на министерот, како носител на јавна функција.
За ова говори и сведокот Доревска, раководителка во Секторот за правни работи). Со оглед на бланкетниот карактер на членот 353, отсуството на друго кривично дело на кое би реферирал овој член (Упатството не пропишува кривична одговорност, туку во најлош случај дисциплинска одговорност за вработените во МВР), значи дека кривичното дело за кое се товари Јанкулоска не е јасно дефинирано со закон и како такво не ги содржи критериумите на прецизност и предвидливост. Поинаку кажано, за Јанкулоска било невозможно да предвиди дека можната неусогласеност на Решението за формирање на комисијата за попис, расходување, ништење и бришење од евиденција на средства и опрема, ќе предизвика нејзин кривичен прогон за кој и се заканува казна од најмалку 5 години затвор.
За одбраната на Јанкуловска спорен момент е и игнорирање на правосудните власти на Одлуката за помилување – ослободување од кривично гонење бр. 08-536/1 од 12.04.2016 на Гордана Јанкулоска и соодветните решенија со кои се операционализира Одлуката, донесени од страна на претседателот на Републиката, Ѓорѓе Иванов. Со Одлуката за помилување се даде ослободување од гонење, создавајќи на тој начин права на помилуваното лице да не биде кривично гонето и да не се води кривична постапка. Тоа право обвинетата го стекнала и е во директна причинско-последична врска со Одлуката за помилување, но и со правосилното решение на судија на претходна постапка на овој суд, КОК ПП бр. 105/16, со кое се отфрла предлогот на СЈО за определување на мерки на претпазливост за Гордана Јанкулоска. Против ова решение не била поднесена жалба и истото станало правосилно, што значи во врска со Одлуката за помилување веќе постои res judicata (пресудена работа).
За овој аспект на процесот, клучна ќе биде одлуката на Уставниот суд. Овој суд со Решението У.бр.163/2016 од 27.11.2019 поведе постапка за оценка на уставноста на член 11-а од Законот за помилување, оценувајќи дека „еднаш даденото помилување е неотповикливо и не може да се поништи со закон или со дополнително решение“. Ова од причина што поништувањето на даденото помилување коешто е уредено со оспорениот Закон за дополнување на Законот за помилување излегува надвор од рамките на надлежностите на институцијата претседател, кои таксативно се утврдени во членот 84 од Уставот. Членот 11-а излегува надвор од дадените надлежности на претседателот во членот 94 од Уставот, бидејќи се повредува принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните. Ваквото дополнување на Законот за помилување доведува до нееднаков третман на граѓаните бидејќи претседателот согласно Уставот има право само да дава помилување, но не и да поништува, односно не предвидува можност за повлекување односно поништување на претходно дадено помилување.
Аргументите за повреда на принципот на владеење на правото поради игнорирањето на Одлуката за помилување се валидни и за Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој прифати да одлучува по поднесената жалба на Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски за повреда на правото на правично судење во предметот Јакимовски и Јанкулоска против Македонија, заведен под број 81862/17. Ова постапување е дотолку значајно и заслужува посебно внимание од причина што ЕСЧП нема пракса да одлучува за жалби доколку не се исцрпени сите правни лекови пред националните судови, со што дава особена тежина на аргументите кои Гордана Јанкулоска ги навела во жалбата пред ЕСЧП.
Првостепената пресуда на Кривичниот суд може да се очекува во текот на наредната недела. Целиот случај „Таргет-Тврдина“ изобилува со спорни моменти, но кога станува збор за поранешната министерка Јанкуловска, реално е да се очекува Судот да донесе ослободителна пресуда. Ова е впечаток што се добива кога човек непристрасно ќе ги спореди аргументите на Обвинителството и на одбраната – тврдењето дека Јанкуловска сноси вина во овој случај е крајно неуверливо и изнасилено.