АНАЛИЗА: Ќе има или ќе „њама“ нова влада во Бугарија в недела?
За францускиот весник „Ле Монд“, Трифонов рече дека мора да се врати правдата во Бугарија, слично како што кај нас тоа го изјавуваат опозициските партии. Но, познатиот бугарски шоумен и водител како да не знае дали воопшто сака да биде премиер! Во разговорот тој објаснува дека не ја бара функцијата премиер или дури и пратеничко место и не го гледа тоа како единствена опција.
Ќе добие ли Бугарија нова влада в недела, за да можеме да си ги продолжиме нашите преговори за идентитетот? Има ли воопшто „так’в народ“ во земјата што ќе излезе и ќе ги поддржи Трифонов, Борисов или Нинова, ако знаеме дека пред само три месеци ниеден од тројцата не состави мнозинство? Во едни од најнеизвесните избори во историјата на оваа земја, аналитичарите се сигурни само во едно – ништо нема да биде исто.
Борисов нема да биде премиер, Трифонов тешко
Борисов нема да биде премиер, тоа се зборува по цела Бугарија. премиерот со 12-годишен мандат и поранешен телохранител на Тодор Живков, немаше среќа со скандалите. Големите протести кои лани избувнаа во Софија каде се бараше оставка на тогашниот премиер од партијата на Борисов, Иван Гешев поради корупција го намалија рејтингот на ГЕРБ за цели 5 отсто од април наваму.
– На изборите имаат големо влијание протестите против Бојко Борисов – изјави Парван Симеонов, директор на Меѓународниот институт „Галуп“ за истражување на јавното мислење во Бугарија.
Ама ни на Слави Трифонов нема да му биде лесно. Овојпат тие се само 0,3 проценти разлика, покажуваат анкетите од „Алфа Рисрч“. „Има таков народ“ на Трифонов со 21,8 спрема 21,5 отсто „пирово“ ќе го победи ГЕРБ на Борисов, а потоа, ако има среќа, ќе се договара со малите партии.
А, мали партии има многу. Вкупно Бугарија има 23 партии.
Место и за малите партии
Освен левицата, БСП, која е традиционален ривал на Борисов и трета партија во Бугарија, во новиот парламент сигурно ќе влезат и ДСП, партија на етничките Турци, Демократска Бугарија, но и движењето „Исправи се! Мафијата надвор“ кое произлезе од „шарената револуција“ низ улиците во Софија.
Всушност, аналитичарите велат дека шареноликата влада ќе има членови од шест или од седум партии. Но, тоа ништо не ѝ менува на Македонија. Едногласниот став на бугарските партии кон спорот со Македонија е толку тврд што и левицата БСП не го признава нашиот идентитет.
– Ние категорично треба да ги заштитуваме националните интереси – рече Корнелија Нинова за бугарската национална телевизија, мислејќи на билатералниот спор.
Можеби за жал, помеката реторика на Борисов кој е во заминување и кој прифати „заедничка историја“ сепак беше најдобрата шанса за Македонија?
Има ли „так’в народ“ воопшто да гласа?
Слично како и кај нас, цензусот и излезноста ќе бидат проблем на изборите во недела. Граѓаните на Софија најверојатно нема во голем број да излезат на изборите, а помалите места, интелектуалците и пензионерите ќе ја спасуваат работата. Изборите во Благоевград што се одржаа во неделата, кога победи кандидатот на „Има таков народ“, се сметаат за мал лакмус за парламентарните избори во државата в недела.
Па сепак, анкетата на „Екзакта“ вели дека само 25 отсто од граѓаните нема да излезат, што значи 75 ќе излезат за да го наполнат бугарскиот Парламент кој има двојно повеќе пратеници од нашиот – дури 240.
Трифонов нејќе да биде премиер?
Додека Борисов ги обиколува малите места и градови, Слави Трифонов го даде своето прво интервју. За францускиот весник „Ле Монд“, Трифонов рече дека мора да се врати правдата во Бугарија, слично како што кај нас тоа го изјавува опозиционерот Мицковски или Апасиев од Левица.
Но, познатиот бугарски шоумен и водител како да не знае дали воопшто сака да биде премиер! Во разговорот тој објаснува дека не ја бара функцијата премиер или дури и пратеничко место и не го гледа тоа како единствена опција.
– Идниот премиер мора да има различен профил од мојот. Тој мора да е школуван, да зборува странски јазици и достоинствено да ја претставува Бугарија – објасни Трифонов, кој најави дека има таква личност од неговата партија
Во продолжение погледнете какво мислење имаше Слави Трифонов за Македонија во своето шоу од 2007 година:
Маргарет Тачер му била омилена на Слави
ЕУ да стане федерација како што е САД и да ги санкционира испадите на авторитарни лидери како што се Орбан или Ердоган, се некои од размислувањата на Трифонов кои ги изнесе во интервјуто.
Негови омилени политичари му биле Маргарет Тачер од постарите и Емануел Макрон од сегашните. Меѓу другото, Трифонов се согласува дека Иван Гешев треба да биде разрешен во Бугарија.
Борисов украл речиси половина буџет за две години
Дури 15,8 милијарди лева, што се околу 40 отсто од буџетот со кои требало да се прават патишта, завршиле во сомнителни компании и тендери – трубат противниците на Борисов кога тој се брани дека ја „изградил“ Бугарија. Информацијата ја потврди и сегашниот привремен министер за финансии Асен Василев.
А за сето ова се чини знаат и Американците, па неодамна воведоа црна листа на олигарси и сомнителни политичари кои нема да можат да патуваат во САД. Дали симнувањето на ГЕРБ од власт е „масло“ на САД?
Хибриден режим и во Бугарија
Најсиромашната држава во ЕУ, има „хибриден режим“, смета „Фридом Хаус“, исто како Македонија. Бугарија е на 112-то место по слобода на медиумите во светот, а Македонија „предничи“ на 97-то место.
Привремената влада која раководи со Бугарија ги разоткри сите нешта кои и ние ги имаме во режимите кај нас: од заплашување и прислушување на граѓани до лошо справување со ковид-19 и манипулации. Изборите во април биле толку „корумпирани“ што веќе се уапсени повеќе од 700 лица за измама. Затоа, в недела во помалите места бугарските граѓани ќе гласаат со гласачки машини, само за сè да помине во најдобар ред.
Приказната не застанува овде. Денеска беше објавен видео-спот во кој Каракачанов си го присвојува македонскиот град Охрид, а МНР веднаш реагираше на национализмот на овој бугарски политичар.