АНАЛИЗА Балканските и македонските заблуди за европскиот „локдаун“: Што навистина е забрането, а што е дозволено?
Најраспространетата предрасуда на Балканот и во Македонија е дека острите мерки во западноевропските земји, кои некаде се нарекуваат „локдаун“ (затворање) а некаде карантин или мини-карантин, се насочени кон запирање на економијата.
Во Македонија и во некои други земји во регионот во последно време се шират опасни заблуди и големи предрасуди за најновите рестрикции што се воведуваат во повеќе западноевропски земји, со намера да се спречи стихијноста на вториот, есенски бран на пандемијата на коронавирусот. Најраспространетата предрасуда е дека мерките ќе ја уништат економијата и ќе ги затворат работните места, а во теориите на заговор се смета дека тоа, наводно, е и целта на „локдаунот“.
Што, всушност, се случува во Европа? Какви мерки се воведени? Што е забрането, а што е дозволено?
Какви се рестрикциите?
Ќе ги посочиме примерите на европските земји кои воведоа најдрастични, фокусирани рестрикции, од што лесно ќе се заклучи која е вистинската цел на мерките.
Да почнеме од соседна Грција, која ни е најблиска, иако таа не е типичен пример за „локдаун“. Кај нашиот јужен сосед градовите Солун, Лариса и Родопи од северниот дел на земјата влегоа во т.н. црвена фаза, што значи дека се затвораат кафулињата, рестораните, кината, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите, фитнес центрите. Отворени ќе бидат продавниците и училиштата.
Во Германија, од понеделник, 2 ноември, приватните собири ќе бидат ограничени на 10 лица, од најмногу две домаќинства. Рестораните, баровите, театрите, кината, базените и вежбалните ќе бидат затворени, а концертите откажани. Професионалните спортски настани ќе се одржуваат зад затворени врати. Училишта и градинки остануваат отворени.

Франција е во вонредна состојба од денес, петок, 30 ноември. Луѓето ќе можат да ги напуштат домовите само за да одат на работа, на училиште или за други суштински потреби, вклучувајќи и едночасовно вежбање. Патувањето меѓу регионите е забрането. Баровите и рестораните се затворени. Каде што е можно да се воведе работа од дома и онлајн настава, посебно на универзитетите, наложено е да се стори тоа. Границите кон земјите надвор од ЕУ се затворени. Но, суштинските бизниси, училиштата, јавните служби, фабриките, фармите и градилиштата остануваат птворени.

Во Шпанија вонредната состојба ќе остане на сила до 9 мај вгодина. Границите меѓу регионите можат да се затвораат. Луѓето во сите региони мора да останат во домовите од 23 часот до 6 часот наутро, освен за да одат на работа, кога купуваат лекарства или за неопходна грижа за постари лица или за најмлади. Јавните и приватните собири се ограничени на 6 лица кои не се од иста семејна заедница.

Италија воведе нови рестрикции на 26 октомври и ќе траат еден месец. Сите барови и ресторани мора да бидат затворени во 18 часот. После 18 часот може да се служи храна и пијалоци за носење. Вежбалните, базените, театрите и киносалите се затвораат, но не и музеите. Собири за свадби, за крштевања и за погреби се забранети. Училиштата и работните места остануваат отворени, но многу средни училишта треба да се префрлат на онлајн настава.

Во Белгија на сила е полициски час од 22 часот, а сите продавници се затвораат во 20 часот. Вежбалните, базените и другите места за култура и за забава се затворени. Пред десеттина дена, на баровите и на рестораните им беше наредено да затворат и беше забранета продажба на алкохол после 20 часот. Рестораните можат да служат храна и пијалоци за носење до 22 часот. Божиќните пазари, зимските села, пазарите за половна стока и јавните настани како што се фестивалите, се откажани.

Во Холандија, сите барови, ресторани и кафетерии можат да служат само храна за носење дома. Продажбата на алкохол е забранета после 20 часот. Сите продавници, освен супермаркетите, се затворени после 20 часот. Најмногу три лица можат да дојдат на гости. Јавните настани, како што се фестивалите и слично, се забранети. Училиштата, вежбалните и сауните, пак, остануваат оптворени.

Словенија, која воведе строги рестрикции и забрана на движење меѓу регионите, најави и нови мерки. Ќе се затворат и сите продавници што не продаваат стока од живтоно значење, како и хотелите, градинките и студентските домови, со неколку исклучоци.
Во другите земји на Балканот на сила се прилично покомотни ограничувања. Тоа се однесува и на Хрватска и на Србија. Во споредба со мерките и ограничивањата во западноевропските земји, рестрикциите во Македонија се „најлиберални“. А и не се спроведуваат.
Која е целта?
Што е целта на острите ограничувања во западноевропските земји?
Прво, целта е колку што е можно повеќе да се ограничи групирањето на луѓето на јавни собири, во ресторани, во барови, во кафетерии, во вежбални и базени, на места кои служат за дружење, одмор, рекреација, спортување и забава, но и во домовите. Дефинитивно е утврдено дека групирањето на луѓето е главен фактор што ја зголемува заразата и затоа е одлучено да се воведат вакви драстични ограничувања, кои привремено ќе го сменат социјалниот живот на луѓето. Дел од бизнисите, кои се сметаат за „несуштински“ (угосителството, трговијата и слично), ќе претрпат удари, но заедно со рестрикциите се носат и мерки за финансиска поддршка, кои ќе им помогнат на овие бизниси да преживеат. Во Германија за едномесечниот „локдаун“ се одвоени 10 милијарди евра поддршка за овие бизниси.
Второ, во многу земји се ограничуваат патувањата на луѓето меѓу градовите и регионите, а се затвораат и границите кон земјите надвор од ЕУ. Целта е да се спречи дополнителна трансмисија на заразата.
Трето, ниту една земја не воведува забрана на функционирање на суштинските бизниси. Тоа е многу важно да нагласи. Сите фабрики, фарми и други објекти во кои се врши стопанска дејност остануваат отворени, движењето заради одење на работа е дозволено и за време на полициски час, а јавниот транспорт не е ограничен. Нема никакви пречки луѓето да продолжат да ги извршуваат со своите редовни работни обврски (со предвидените протоколи за заштита на работните места), а бизнисмените да ги спроведуваат своите деловни активности.
И четврто, во најголемиот дел од земјите, градинките и училиштата остануваат отворени, додека онлајн настава им се препорачува на средните училишта и на универзитетите, поради фактот што учениците и студентите на поголема возраст се поспособни и позрели да ги искористат придобивките од таквата настава.

Цена што мора да се плати
Без оглед на сево ова, зa граѓаните на западноевропските земји, „локдаунот“ ќе значи сериозен шок, промена на начинот на живеење и притисок врз секојдневните социјални рутини. Никој не е среќен поради тоа. Треба да се очекуваат протести и бунтови, какви што впрочем веќе и имаше. Но, од друга страна, доколку овие земји успеат да ги одржат во живот суштинските општествени активности – работата на стопанството и на трговијата во ограничен обем, функционирањето на јавните служби, одржувањето на наставата во училиштата и слично – и аако бројките на новозаразени и починати од опаката болест почнат да опаѓаат, тоа ќе биде голем успех во битката со пандемијата.
За верување е дека катастрофичните бројки ќе ги натераат и владите на државите на Балканот да почнат да размислуваат за вакви рестрикции. Како и обично, во овој дел од светот промените доаѓаат од запад и од север, со помало или поголемо задоцнување. Македонија сега официјално е „северна“, но тоа изгледа не значи ништо, бидејќи е очигледно дека властите во Скопје засега не размислуваат да променат ништо. И покрај стихијата, па и наспроти фактот дека по бројот на новозаразени и починати на 1 милиони популација, Македонија секојдневно урива европски рекорди.