Анѓушев ќе го тужи порталот ИРЛ ако не биде објавен демант за увозот на токсично масло

Предупредуваме на опасноста дека во одредени случаи во минатото и сега, новинарите во потрага по ексклузивитет се ставаат во позиција да бидат (не)професионална жртва, при што, за жал, жртва е и јавното мислење кон кое намерно се пласираат неточни содржини кои произлегуваат од таквите ексклузивитети, се вели во соопштението на компанијата Брако.

1,590

Кочо Анѓушев како управител на БРАКО поднесе претставка до Советот за етика во медиумите и до Советот на честа при ЗНМ како тела за саморегулација во новинарската дејност, во врска со емисијата на ИРЛ Заговор против воздухот еп.1 емитувана на 17.5.2021 година на МТВ, во која на г-н Анѓушев и на Брако не им беше дадена можност да изнесат свој став и податоци за темата, со кои ќе дадеа ново светло на контекстот во кој г-н Анѓушев и компанијата беа намерно погрешно ставени, соопшти компанијата Брако.

„Телата за саморегулација се известени дека на 1 февруари 2021 со новинарката Сашка Цветковска е остварен телефонски разговор и по искажана потреба од нејзина страна за став и податоци во врска со одредена тема на нејзино истражување, која во тој момент не беше соопштена, Цветковска беше поканета следниот ден да дојде на разговор. Наведената новинарка ниту било кој друг новинар од ИРЛ не дојдоа и не пратија прашања во следните три месеци, до 17.5.2021г кога во нивната емисија беше објавено дека Кочо Анѓушев не одговорил на нивниот телефонски повик и порака. БРАКО не е фантомска фирма, има свое седиште и меил адреса за комуникации јавно објавена на официјалниот веб сајт на компанијата и цениме дека три месеци биле доволно време за да се испратат прашања на било која тема или да се посетат седиштата во Велес и Скопје, доколку навистина се сакало да се дојде до одговори. Со тоа е прекршено основното правило да се праша втората страна и не беше дозволено да се дадат докази и аргументи уште додека емисијата се подготвувала, а кои ќе дадеа значајно поинакво светло за тезата која се пласираше. Со тоа Цветковска покажа смислена непрофесионалност, неетичност и ги прекрши Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите, со цел да добие посакувана поента на емисијата“, наведено е во соопштението.






Со претставките до Советот на честа при ЗНМ и Советот за етика во медиумите, како тела за саморегулација во медиумската сфера, посочуваат од компанијата, се бара да го испитаат случајот врз основа на фактот дека е недозволиво избегнување на втората страна заради градење на сензационализам и преку него лажен рејтинг и читаност или гледаност на новинарскиот продукт.

„Сите јавни личности, особено носители на јавни функции или поранешни носители на функции треба да имаат повисок праг на толеранција на критики и да бидат достапни за јавноста, за што г-н Анѓушев лично се залага и во целиот изминат период е на располагање на медиумите. Сите наводи во изнесената емисија г-н Анѓушев ги демантира директно кон предметната емисија и со информација кон другите медиуми и јавноста, така што претставките се однесуваат исклучиво на непрофесионалното и тенденциозно постапување на Цветковска со остварување првичен контакт за потребите на прикажување дека е побарана втората страна, за потоа да не одговорат никогаш на согласноста на втората страна ниту да испратат прашања, а сето тоа со цел темата да се прикаже во негативен контекст во однос на г-н Анѓушев и да се сугерира неговото име како одговорно за настанатата ситуација за загадувањето за кое се зборуваше. Со наведената новинарка е стапено во контакт веднаш по емисијата со искажување зачуденост зошто истата не дојде на понудениот разговор кога веќе продолжиле да ја работат темата и зошто во следниот период не испратиле прашања, на што од нејзина страна беа искажани недолични провокации кон г-н Анѓушев и повици да ја тужи, што е зачувано во самиот разговор кој веројатно Цветковска го снимила со оглед на определбата за тајно снимање на соговорниците, како дел од работењето, и истиот е добро да го стави на увид на јавноста. Испратена е молба до телата за саморегулација во медиумите да се заложат во наведниот портал и емисија да биде објавен демантот на кој имаме законско право, со оглед на тоа што по неговото испраќање добивме понуда наместо демант да биде објавен снимен став од г-н Анѓушев, односно дека му даваат можност отпосле да учествува во темата, откако истата е веќе емитувана, по веќе направено лично прозивање и создавање простор во јавноста за објава на дополнителни текстови кои одат дури до бесмислени тврдења дека ‘Анѓушев увезувал мазут‘ или дека ‘мазут се увезувал за Брако’. Со оглед на покажаната досегашна непрофесионалност, г-н Анѓушев ќе го задржи законското право на демант“, се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека ќе биде поднесена тужба за клевета доколку ИРЛ не го објави демантот кој е испратен од правниот застапник и на тој начин да се поправи барем делумно наповратната штета која е направена како лично, така и на нашите фирми во земјата и во странство, а на кои им е предизвикана деловна штета врз угледот и работењето.

„На крајот, предупредуваме на опасноста дека во одредени случаи во минатото и сега, новинарите во потрага по ексклузивитет се ставаат во позиција да бидат (не)професионална жртва, при што, за жал, жртва е и јавното мислење кон кое намерно се пласираат неточни содржини кои произлегуваат од таквите ексклузивитети“, се вели во соопштението.

Поврзани содржини