Анџела, јави се!

Писмото на американската амбасадорка Агелер од 11 април беше еднострано и површно и не ја допре суштината на проблемите во македонското правосудство. Не е ни чудо што многу глупости што се случија деновиве се оправдуваат со тоа писмо. Затоа Анџела ни должи второ писмо, непристрасно, потемелно и многу поаргументирано.

4,570

По драматичното писмо на американската амбасадорка Ангела Агелер од 11 април, во кое таа изрази загриженост поради укинати првостепени пресуди од страна на Апелациониот суд во Скопје и вратени на повторно судење, уследија неколку не помалку драматични настани.

Прво, без мнозинството со кое своевремено беше избрана – значи, нелегитимно! – Судскиот совет ја смени тогашната претседателка Весна Дамева. И покрај лавината критики во јавноста за овој потег, потпретседателот на Советот Селим Адеми, кој ја водеше и ацијата за егзекуција на Дамева, издејствува и избор на нов претседател на нејзиното место.






Да не заборавиме една важна работа. Постапката беше иницирана и каубојски изведена со изговор дека Дамева не го доставила на време писмото на амбасадорката Агелер до членовите на Судскиот совет.

Јас немам дилеми дека Дамева, без искуство во судската пракса и со партиско-политички бекграунд, не смее да биде на чело на институција која им „суди“ на судиите и која им дели откази кога ќе му текне. Не сум воопшто убеден дека ни е потребна вака дизајнирана институција, но тоа е друга темс. Како и да е, тврдам дека изборот на Дамева беше манифестација на безобразната супремација на извршната над судската власт во Македонија.

Сепак, да се разреши Дамева вака каубојски и тоа поради едно писмо?! Па не го пишал Тито тоа писмо ,мајку му стара!

Го одобрила ли Анџела Агелер пучот во Судскиот совет?

Во меѓувреме, обвинителката Ленче Ристовска упати критики кон Советот на јавни обвинители за трговија со влијание. Наместо расправа на оваа тема, против обвинителката се поведе некаква дисциплинска постапка.

Ја одобрила ли амбасадорката Агелер и оваа акција?

Според моите информации, Ланче Ристовска ѕвони на погрешна врата. Не ми е јасно зошто е тоа така, бидејќи мислам дека таа многу добро го знае она што го знаат сите кои се добро упатени во односот на силите и во распоредот на моќта во македонското правосудство.

Јас ќе бидам директен, а некој тоа можеби на Анџела Агелер и ќе ѝ го каже.

Значи, да не се правиме мутави и да кажеме како стојат работите:

Клучните тезги на кои се врши груба трговијата со влијание во правосудството се инсталациите на поранешниот премиер Зоран Заев во Јавното обвинителство, во Кривичниот суд во Скопје и во Апелациониот суд во Скопје.

Моите информации се дека Заев, откако ги изгуби своите позиции во скопскиот Апелационен суд, веќе склучил или се обидува да склучи пакт со премиерот Димитар Ковачевски. Резултат на тој пакт ќе биде поделбата на влијанието преку судијката Тања Милева, чиј сопруг Игор Милев сега е избран за член на Одборот на директори на Телеком како претставник на државата, за плата од над 6.000 евра.

Го гледа ли сево ова амбасадорката Агелер?

Ако има намера пак да пишува писмо, би ѝ предложил да го упати на три клучни адреси: јавниот обвинител Љубомир Јовевски, претседателот на скопскиот Кривичен совет Иван Џолев и апелационата судијка Милева.

Сакам да ѝ обрнам внимание на амбасадорката Агелер на уште две важни работи:

Прво, сите посматрачи, вклучувајќи ги и странските дипломати во Скопје, видоа како Владата се обиде со блиц-криг и со недозволено европско знаменце да ги протурка законите за поддршка на тајниот договор со „Бехтел и Енка“. Тоа ги засилува сомнежите за корупција и мислам дека правните експерти на Американската амбасада треба многу повнимателно и пообјективно да го следат овој случај.

Второ, во повеќе т.н. високопрофилни случаи продолжува праксата на судовите да ги крепат обвиненијата без докази, да креираат политички монтирани процеси и да ги повредуваат кривично-правните процедури, вклучувајќи ги и елементарните човекови права на пристап до правда, на одбрана и на фер судење.

Во писмото од 11 април, Анџела Агелер не изрази загриженост за квалитетот на обвиненијата и на првостепените пресуди, ниту пак пројави интерес зошто првостепените пресуди паѓаат на Апелација. Во таа  смисла, нејзината интервенција беше еднострана и површна.

Мојот впечаток е дека многу обвинители, судии и организирани групи за трговија со влијание сега се обидуваат да го злоупотребат тоа писание на амбасадорката Агелер, за да продолжат и да ги засилат своите валкани активности.

Ќе го илустрирам тоа со примерот на едно судење коешто се очекува „со душа и срце“ од македонските „истражувачки новинари“. Тоа е судењето против Жан Митрев. Адвокатите на Митрев веќе се жалат – со право, се разбира – дека се кршат и процедурите и правото на одбрана на обвинетиот. А судењето уште не почнало…

„Истражувачките новинари“ за тоа не пишуваат ама баш ништо. Тоа се теми за кои не се заинтересирани. Затоа и не очекувам тие да откријат зошто овој процес се турка вака и зошто Жан Митрев веќе е однапред осуден човек. Но, можеби правните експерти на Американската амбасада би можеле да се заинтересираат за тоа и да дознаат дека и во позадината на овој случај има трговија со влијание.

А јас и за тоа веќе нема да зборувам со езоповски јазик. Напротив, ќе ја посоветувам амбасадорката Агелер да се заинтересира за намерите на Helenic Health Group за купување удели во „Жан Митрев“ и за тоа кои би биле можните посредници во оваа зделка. А јавно го советувам и доктор Митрев да не си ги крие “адутите” како онакво под кошула, за да не заврши и тој како Боки 13.

Има и неколку други скандалозни теми и процеси за кои Анџела Агелер, ако навистина е загрижена за владеењето на правото во оваа земја, би требало да се огласи барем уште еднаш.

Нејзината прва реакција беше еднострана и во извесна смисла дури и пристрасна. Не е ни чудо што предизвика скандалозни акции, како нелегитимната смена на Дамева и уште понелегитимниот обид да се дисциплинира обвинителката Ристовска.

Жал ми е што тоа морам да го кажам, но неколку сериозни други глупости овие денови се оправдаа со нејзиното писмо. И таа тоа го одмолчи. Изненаден сум од таа непринципиелност.

Затоа, американската амбасадорка сега ни должи второ, ама многу посериозно и поаргументирано писмо. И нека биде тоа отворено писмо, а не такво коешто медиумите „ексклузивно“ ќе го „откриваат“. Сите тие финти веќе се видени и прочитани. Не ѝ личи на амбасадата на најмоќната земја на светот да ја забавува јавноста со скриени брифинзи и евтини спинови.

Ангела, јави се!

ПС. Видов еден видео-спот, во кој Анџела Агелер и нејзините соработници од Амбасадата се фалат како научиле македонски јазик и кажуваат познати македонски поговорки. Импресивно! Во тој дух, за добро расположение и за поттик за амбасадорката, а во стилот на српските портали, еве бонус видео:

 

 

Поврзани содржини