АМФИТЕАТАРОТ НА КЕЈОТ ЌЕ СТАНЕ ЗАБАВЕН ЦЕНТАР Весковски најави и библиотека
Весковски ќе се насочи кон подигање на материјално-техничката опременост на училиштата, особено во правец на дигитализацијата на образованието.
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Душко Весковски денеска се сретна со наставници по повод 5-ти октомври, Светскиот ден на наставниците.
– Наставниците се клучна алка во воспитувањето и образувањето на младите генерации, кои се потенцијални креатори и идни двигатели на општеството. Нивната мотивација и подготовка за изведување на работниот процес е клучна во спроведувањето на образовниот процес. Нашата цел е да креираме соодветни платформи за редовна комуникација на наставниците во нашите основни училишта, која може да резултира со идентификација и последователна реализација на проекти за поддршка на нивната работа и за зголемување на квалитетот на работниот процес. Во рамките на можностите, ние ќе обезбедуваме постојана финансиска поддршка на наставниците, за обезбедување нагледни материјали и дигитални алатки, за учество на обуки и семинари, за подготвување и поднесување апликации за грантови за реализација на проекти за унапредување на образовниот процес – посочи Весковски.
Тој наведе дека клучниот проект за поддршка на оваа целна група е подигање на материјално-техничката опременост на училиштата, особено во правец на дигитализацијата на образованието.
– Културните работници се нашиот прозорец кон културата, магијата на уметностите, пренесувањето на трајните вредности. Нашата поддршка на оваа фела е приоритет, а главниот инструмент односно платформа за тоа ќе биде Општинскиот центар на културата, со библиотека и читалница – рече Весковски.
Тој нагласи дека планира реконструкција и надградба на амфитеатарот на кејот на Вардар, кој треба да прерасне во општински културно-забавен центар на отворено.