Американските епидемиолози тврдат дека сонцето не го убива вирусот, испратиле писмо и до Белата куќа
Во документот е наведено и дека едно истражување во Кина покажало дека вирусот експоненцијално се шири и во земјите каде што температурата е премногу висока.
Американските епидемиолози испратиле писмо до Белата куќа во кое тврдат дека коронавирусот нема да исчезне поради топлото време, а ова е реакција на тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека коронавирусот ќе биде побеен во текот на летото.
Членовите на Националната академија на науки во писмото објаснуваат дека тврдењата оти топлото и ладното време влијаат врз ширењето на ковид-19 не се точни. Тие велат дека дури и топлото време да има некакво влијание, сепак тоа нема да биде во голема мерка, бидејќи многу малку луѓе во светот досега станаа имуни на вирусот.
„Постојат некои докази кои укажуваат на тоа дека коронавирусот може побавно да се пренесува кога температурата е повисока. Меѓутоа, со оглед на глобалниот недостиг на имунитет, ова тврдење не треба да се зема премногу сериозно“, наведено е во писмото.
Во документот е наведено и дека едно истражување во Кина покажало дека вирусот експоненцијално се шири и во земјите каде што температурата е премногу висока.
Доктор Вилијам Шафнер, специјалист за заразни болести во Вандербилт, истакнал дека можеме да се надеваме оти времето ќе придонесе за стопирање на ширењето на коронавирусот, но дека не треба да го земаме здраво за готово.
– Мораме и понатаму да применуваме социјално дистанцирање и сите други мерки за намалување на ширењето на пандемијата – рекол Шафнер за Си-Ен-Ен.
Од друга страна, Трамп никако не се откажува од тврдењето дека топлото време ќе го победи вирусот.
– Многумина мислат дека вирусот ќе исчезне во април, но сепак тоа ќе се случи кога времето ќе се стопли – рекол Трамп.