📽️ АМЕРИКАНСКИ УПАД ПРЕД СРЕДБАТА СО МАЧАДО Пиратство врз „Вероника“ на Карибите

Единствената нафта што ќе ја напушти Венецуела ќе биде законски одобрена, соопшти Јужната команда на американската војска по заплената на танкерот „Афрамакс Вероника“.

1

Американските специјални сили извршиле нова операција во Карибите, потврдија денес официјални лица од Вашингтон. Во акцијата бил запленет танкерот „Афрамакс Вероника“, кој пловел под знаме на Гвајана и, според документите на венецуелската државна компанија PDVSA, отпловил празен од венецуелските води на почетокот на јануари.

Јужната команда на американската војска објави дека запленувањето било извршено „без инциденти“, бидејќи бродот „дејствувал спротивно на карантинот на санкционирани бродови воспоставен од претседателот Доналд Трамп“.






„Единствената нафта што ќе ја напушти Венецуела ќе биде законски одобрена“, соопшти командата.

Танкерот што ја запали искрата пред средбата со Мачадо

Заплената се случува само два дена пред закажаната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо. Тоа е нивна прва средба лице в лице откако, според американски извори, Трамп го собори претседателот Николас Мадуро со воена акција на 3 јануари, во која биле заробени Мадуро и неговата сопруга.

Трамп во неколку наврати изјавил дека САД планираат да преземат контрола врз венецуелската нафтена индустрија, како дел од план вреден 100 милијарди долари за нејзина „обнова и демократизација“.

 

Кампања против „флотата во сенка“

Според податоците на Ројтерс, ова е шестиот запленет брод од средината на декември. Операциите, според САД, се дел од поширока кампања за сузбивање на нелегалната трговија со нафта што ја водат санкционирани производители, меѓу кои Иран, Русија и Венецуела.

Повеќето од овие бродови пловеле со лажни знамиња или им била откажана регистрацијата непосредно пред да бидат пресретнати. Поморските власти на Панама, Куковите Острови и Гвајана потврдиле дека соработуваат со САД во операциите.

Минатата недела американските сили заплениле и руски танкер, кој го следела руска подморница во потера низ Атлантик што траела повеќе од две недели. Москва го нарече потегот „провокација без преседан“.

Вашингтон ја заострува блокадата

Четири независни извори за агенцијата Ројтерс потврдиле дека Вашингтон бара нови налози за заплена на уште десетина танкери поврзани со трговијата на Венецуела.

Американски претставници не открија дали запленетата нафта ќе биде пренасочена кон американските рафинерии или ставена под меѓународна контрола.

Трамп и Мачадо, неизвесен политички договор

Трамп претходно ја нарече Мачадо „борец за слобода“, но во последното интервју за Фокс Њуз изјави дека „таа нема доволна домашна поддршка за да ја преземе земјата“.

Според доверлива проценка на ЦИА, доставена до Белата куќа, лојалистите на Мадуро се во подобра позиција да ја одржат стабилноста во земјата, дури и по неговото соборување.

САД во моментот се потпираат на Делси Родригез, десната рака на Мадуро и социјалистка од времето на Чавез, за привремена управителка на Венецуела.

Поврзани содржини