Американците се во шок, Битиќи ја држи инфлацијата под контрола!
Не им е лесно на Американците, зашто изгледа немаат таков слаткоречив разубавувач на тмурната стварност, каков што е заменик-премиерот Фатмир Битиќи.
Годишната стапка на инфлација, спротивно на очекувањата, во март изнесува 3,5% и е повисока од истиот показател за февруари, кога изнесуваше 3,2%. Финансиските пазари се репозиционираат, а Системот на федерални резерви (ФЕД) ги намалува очекувањата за започнување со намалување на каматните стапки.
Врвни економисти, како што е поранешниот министер за финансии и професор на Харвард, Лари Самерс, предвидуваат дека е можно натамошно зголемување на каматните стапки кои ги утврдува ФЕД.
На домашен терен – олеснување!
Во истиот период, февруари-март 2024 година, нашата годишна стапка на инфлација наместо намалување бележи зголемување од 3% на 4%. На ова секогаш слаткоречивиот разубавувач на нашата тмурна стварност, заменик-премиерот Фатмир Битиќи, триумфално ќе констатира дека инфлацијата кај нас била „под контрола“.
Не го поколебале сериозните предупредувања од Светска банка дека растот на платите над продуктивноста и во услови на стагнантен раст на економијата е основен двигател на релативно високата инфлација. Ова го илустрираат со фактот дека т.н. основна стапка на инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, надминува загрижувачки 5%.
Овој индикатор е стандардно мерило за домашните фактори што генерираат висока инфлација. Инфлацијата го поништува номиналниот раст на платите и дополнително ја намалува конкурентноста на економијата преку апрецијација на реалниот ефективен девизен курс.
Олеснување наместо шок?!
Тоа е можно само со одвојување од реалноста и јавање на бранот на популизмот и откако коњот ве исфрлил од седлото.