„АМЕРИКАНЦИТЕ МОЖЕ ДА НЀ ПРЕДАДАТ“ Протече телефонски разговор меѓу европските лидери

Време е Европејците да престанат слепо да го следат американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да создадат свој мировен план за Украина, изјави денеска европскиот комесар за  одбрана Андријус Кубилијус.

1

Францускиот претседател Емануел Макрон предупредил дека Америка би можела да ја „предаде“ Украина, според протечен транскрипт од разговор меѓу европските лидери по објавувањето на американскиот мировен план за Украина од 28 точки.

Деталите од телефонскиот разговор во кој учествуваат Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стуб, украинскиот претседател Володимир Зеленски и други, ги објави германскиот весник „Дер Шпигел“.






– Постои можност САД да ја предадат Украина по прашањето за територија без јасност во врска со безбедносните гаранции, вели Макрон, според „Шпигел“, додавајќи дека постои „голема опасност“ за Зеленски.

Според објавениот транскрипт, Мерц рекол: „Тие играат игри, и со вас и со нас“, очигледно мислејќи на пратениците од Вашингтон, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, кои во вторникот поминаа пет часа во разговори со рускиот претседател Владимир Путин. Тој кажал и дека Зеленски мора да биде „исклучително внимателен во наредните денови“.

Од Кабинетот на Макрон изјавија за „Шпигел“ дека тој „не ги употребил тие зборови“, а гласноговорникот на Мерц изјави за „Политико“ дека во принцип не потврдува, ниту коментира делови од разговор.

Американскиот мировен план и односот кон Трамп е жешка тема деновиве во Брисел. Европскиот комесар за одбрана Андријус Кубилијус изјави дека е време Европејците да престанат слепо да го следат американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да создадат свој мировен план за Украина.

– ЕУ мора да биде независна или барем подготвена да биде силна во геополитичките случувања, вклучително и да има свои планови за тоа како може да се воспостави мир во Украина и да ги дискутира со своите трансатлантски партнери – изјави Кубилијус за бриселскиот портал „Политико“.

Тој додаде дека нови планови се појавуваат на секои шест месеци и дека има чувство дека Европа чека планови да пристигнат од Вашингтон, нагласувајќи дека плановите треба да дојдат од Брисел или од Берлин.

Поврзани содржини