Американците и Европјаните со нас Балканците се справуваат како со Индијанците и со Абориџините
Ние Македонците не треба да се залажуваме дека нашиот спас е разнебитената Европа, која од нас бара да ѝ се придружиме како „некои други“, ниту по некаквите фондови кои би ни ги доделиле да си го покриваме срамот. Не треба да се надеваме ни на Америте, кои во реализација и одбрана на своите интереси, не се разликуваат од другите наши историски „заштитници“. Калето, нас Македонците веќе нѐ жртвува за исполнување на други балкански национални програми и големодржавни цели.
Како комбинирана криминално-владетелска банда во Република Македонија, устоличени и крепени за подопашкари на туѓи интереси, го продадовте името на државата Македонија и македонскиот идентитет, се откажавте од нас Егејците и од Пиринците, сосе деловите на единствената Македонија кои се колевка на нашата македонска бит, се откажавте и од Македонците во Дијаспората… И?
Со намера дефинитивно да ја поразите македонската самобитна национална идеја – да ја снема Македонија сосе Македонците од светската карта на држави и народи – политички нѐ втеравте во тесна улица од последното парче обезимена македонска земја, за со присила врз нас, да ја дораспарчите и да ја дарувате на големобугарската и на големоалбанската фашистичка кауза.
Еј, идиоти, еј, предавници на родот свој, еј, накази од себе и своите, еј!
Престанете да барате поткрепа за своето национално предавство во македонскиот народ, како и во пајдашите туѓинци кои ни заседнаа врз нашите глави како патрони, и оние кои ги носите од надвор да се глупираат со свои беседи. Барате гаранции и сакате да нѐ ќорите со нив, дека баш тие, место нас, ги штитат македонските цели и интереси, а толерирате „ лапсузи“ кога не го споменуваат името на „оваа земја“, а нас Македонците, нагласено нѐ нарекуваат како што тие нѐ прекрстија.
Тие ваши заштитници, кои ви овозможуваат да ја пљачкате и да ја уништувате државата, преку вас, со намера нѐ игнорираат и нѐ злоставуваат како Македонци, од првото нивно стапнување на нашето тло, земајќи си право да ни го насочуваат и да го контролираат социјалниот и политичкиот живот, со модел на западната хипокризија и со двојни аршини – за куќни љубимци и за саланќопеци (Македонци). Слично како што некогаш се практикуваше со Индијанците, и со Абориџините, денеска Американците и Европјаните се справуваат со Балканците. Посебно со нас Македонците.
Блудницата Европа која е измеќар на англо-американските стратешки цели, и самата нагазена и диригирана, зависна и соочена со сопствениот распад, распретана во своето старо и усмрдено буниште, само ги повторува срамните и познати историски рефрени за уништување на сѐ што е македонско, со „безрезервна поддршка“ – никогаш да не „кукне“ државата Македонија и во неа да се признае постоењето на самобитниот, цивилизациски, прастар македонски род.
САД владее со територијата на Република Македонија, намерачена да владее сѐ додека тоа е интерес на нејзините „демократски“ цели. Ја третира за населена и со некоја неиздиференцирана, сѐ уште мнозинска група на инсан, кои себе се нарекуваат Македонци, која ѝ „пречи“, односно, нејзиното постоење не е во согласност со нејзините стратешки интереси за овој регион. Присуството и интересот за Македонија е единствено како територија, воено – стратешка функција на логистика, како проширена главна НАТО-вска база во Балканот и во Европа, за контрола на опасноста од Русија, од Кина…
Дека е така, потврдува еден краток текст, објавен во „Меѓународна политика“ (01.07. – 01.11.1993, Белград), во кој стои: „ По повод планот за претворање на Кралевина Југославија во социјалистичка република и формирањето засебна федеративна единица, Владата на САД, во Нотата (Circular Airgram 868.014) од 26 декември 1944 година, го изнесе својот став за ‘македонската нација’, македонската ‘татковина’, или ‘македонската национална свест’, како за неоснована демагогија која не ја одразува ниту етничката, ниту политичката реалност“. Во Нотата понатаму се додава дека тој план има „агресивни цели во насока кон Грција…“ (текстот е преземен од книгата „Писма до Македонците“, од Денко Скаловски, во издание на БИГОСС, Скопје, 1997 година).
Во продолжение, Скаловски, во 1996-1997 година, го поставува прашањето на кое јас, во 2023 година, се придружувам: „Дали имаме аргументи за уверување дека ваквиот американски став во меѓувреме е сменет, во наша полза и наш национален интерес, т.е. дали Американците воопшто решиле да есапат нешто како ‘македонска нација’, штом толку безрезевно им веруваме и сме уверени дека тие, и само тие, во иднина ќе ги штитат нашите национални интереси, и дека заради тоа сѐ треба да се фрли само на една, ‘американската карта’“?
Нека секој од читателите си даде свој одговор, но притоа да не се превиди (намерно, бидејќи е ачик), дека Америте ја признаа државата Република Македонија како спона за саканиот распад на Југославија, но од првиот момент на нивното присуство кај нас, не застанаа ниту зад еден македонски национален интерес. Напротив, го покажаа токму спротивното:
1. Со безобразна присила и закана, застанувајќи на страна на Грците, за кои беше и остана спорно постоењето на македонската нација, уште во раните деведесетти сменето е државното знаме… Со наметнатиот злосторнички Преспански договор сменето е името на државата, а со тоа идентитетот наш македонски ни е одземен и даруван на Грците. Сега тие се Македонци.
2.„Загрижени“ за положбата на Албанците, камуфлирајќи ја поддршката за реализација на стратешката замисла Голема Албанија, ни наметнаа антимакедонски концепт на „мултиетничка држава“(?!) и „мултиетничка демократија“(?!). Поддржувајќи ги, како што ги нарекоа „борци за човекови права“, во 2001 година сестрано, со логистичка и со воена поткрепа им помагаа во криминалното нивно дејствување за територии. Резултат е американскиот со тертип скроен Охридски договор, па промената на Уставот, од кој момент почна рушењето на АСНОМ-ска Македонија: наложија амнестија на сите злосторници на УЧК, „начукување“ во власта на „борците“, за да можат отворено и со одобрение на Калето да продолжат со својата идеолошка борба, која постепено се искомбинира со тежок криминален грабеж на државата, кој денеска ни е познат и толериран од Калето…
Тоа постепено и отворено пљачкање и албанизирање на државата, доведе до распад на сите институции во веќе непрепознатливото македонско општество, пренатрупани со идеолошки опремени, а неспособни партиски кадри на ДУИ, која како стратешки американски пулен, денеска раководи по ќор сокак со државата, поддржувајќи ја промената на Уставот, за кое нешто има свои калкулации.
3. Бугарскиот понижувачки договор за некакво добрососедство кој доби во тежина како француски, во кој се бара од нас да се откажеме од македонството, од нашите корени, од самите себе, и тоа заради почнувањето на преговорите со ЕУ (!?)… Тоа фактички е фашистичко-окупаторска реализација на стариот план за поделба на Македонија. За него сум пишувала и ми е одбојно да го споменувам, посебно поради навредата која ја чувствувам, што трпиме осилен качак кој отворено го виши двоглавиот…, ставајќи се на страната на Бугарите, да одлучува за македонскиот идентитет.
Плакнење на очи е повикот и силењето на Анѓа високо од Калето да мораме да ги напикаме Бугарите во нашиот Устав. Пропратено со демагогија и со сто пати слушана лага со декларативни фрази дека САД, како наш стратешки партнер (?), го поддржуваат територијалниот интегритет на нивната северџанија и тоа како фактор на мирот на Балканот, кој окупиран збивтаа под тешката фашистичка глобалистичка чизма.
Таквата фразеологија, натоварена со лаги и со понижувања, денес е нормална меѓународна дипломатска комуникација, ќе речам – срамна за тие што ја проповедаат од позиција на сила… За нив, ние сме само средство, или маркирана чука во која се намерачиле да го дотолчат остатокот од македонството кое самите не го заштитуваме, иако плачеме по и за него, иако боледуваме што пред наши очи Република Македонија ни се престори во безличен „мултиетнички“ географски орман, без политички национален македонски идентитет, предел со тотално дезинтегрирано социјално ткиво и со плански растурена македонска свест за национална идентификација.
Ние Македонците не треба да се залажуваме дека нашиот спас е разнебитената Европа, која од нас бара да ѝ се придружиме како „некои други“, ниту по некаквите фондови кои би ни ги доделиле да си го покриваме срамот. Не треба да се надеваме ни на Америте (остајте ги Албанците кои си имаат пазарлук со нив, во чие „шеш – беш“ сме и ние жртва), кои во реализација и одбрана на своите интереси, не се разликуваат од другите наши историски „заштитници“. Калето, нас Македонците веќе нѐ жртвува за исполнување на други балкански национални програми и големодржавни цели.
Не верувај во никого, мој народе! Само во себе… И имај на ум дека сами одлучуваме за сопствената судбина. Само недоветниот неа ја предава во туѓи раце!
П.С. Да ни е честит и вечен нашиот Македонски Илинден. Слава им на сите борци кои се бореа и загинаа за слободна Македонија. Слава му на четата на војводата Васил Чакаларов, во која се бореше и мојот дедо – Костурскиот војвода Никола Христо Добролитски, кој во 1906 година, во нерамна борба, тешко ранет и сардисан, се самоуби, на 30-годишна возраст. Опеан е како еден од најдобрите стратешки војводи во Илинденското востание, во првото издание на Илинденската епопеја, од Динев: „храбар соборец од илинденските денови“ во Дневникот на Васил Чакаларов; „душман на Грците“ во „Мојата борба за Македонија“ од озлогласениот Костурски владика Каравангелис…