„АМЕРИКАНЦИТЕ И ЦИОНИСТИТЕ САКААТ ИРАН ДА КОЛЕНИЧИ, Е НЕ МОЖЕ“ Тешко дека Техеран ќе преговара со САД, вели Хамнеи
Ајатолахот Али Хамнеи изјави дека САД сакаат Иран да биде послушен, но дека иранскиот народ ќе им се спротивстави со целата своја сила. Тој додаде дека оние кои бараат прекин на антиамериканските слогани и директни преговори со САД гледаат површно, нагласувајќи дека „тоа прашање е нерешливо“.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека САД сакаат Техеран „да им биде послушен“, но дека „иранскиот народ ќе се спротивстави на таква тешка навреда“, јавија државните медиуми во неделата, објави Ал Џазира.
– Тие сакаат Иран да биде послушен кон Америка. Иранската нација со сета своја моќ ќе се спротивстави на оние кои имаат такви погрешни очекувања. Луѓето кои нѐ повикуваат да не извикуваме слогани против САД… да имаме директни преговори со САД, гледаат само на изгледите… Ова прашање е нерешливо – рече Хамнеи за време на религиозен настан во неделата.
Според Хамени, Трамп го поттикнал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и го поддржал во нападот врз Иран за да се наметнат политички промени, но, како што посочи, и двајцата биле изненадени кога откриле дека Иран се бранел достоинствено.
„Американците и Ционистите сакаат раздор во Иран“
Коментарите на Хамнеи доаѓаат откако Иран и европските сили во петокот се согласија да продолжат разговори за обид за повторно започнување целосни преговори за ограничување на нуклеарното збогатување на Техеран. Франција, Британија и Германија рекоа дека би можеле повторно да активираат санкции на ОН против Иран преку механизмот „снепбек“ ако Техеран не се врати на преговарачката маса. Разговорите се очекува да се одржат во вторник.
Техеран ги прекина нуклеарните преговори со САД откако Вашингтон и Израел ги бомбардираа неговите нуклеарни објекти за време на 12-дневната војна во јуни.
– Патот на непријателот е да создава раздор во Иран – рече Хамнеи, обвинувајќи ги „агентите на Америка и ционистичкиот режим“, алузија на Израел, дека се обидуваат да посеат поделби.
Тој ги повика Иранците да останат обединети за да се спротивстават на она што го опиша како напори на САД да ја потчинат земјата.
Хамнеи тврди дека Иран победил во 12-дневната војна
Врховниот лидер на Иран, кој го има последниот збор за сите стратешки прашања, ретко се појавуваше во јавноста откако Израел нападна нуклеарни цели низ целата земја во јуни. Хамнеи тврди дека Иран победил во кратката војна, иако важни нуклеарни и воени објекти беа оштетени или уништени.
Европските држави, заедно со САД, тврдат дека Иран работи на развој на нуклеарно оружје. Но, Иран постојано нагласува дека неговата нуклеарна програма е за цивилни цели.
Во 2015 година, Иран го потпиша историскиот нуклеарен договор со САД и со европските земји, со кој се согласи да ги намали своите нуклеарни амбиции во замена за укинување на санкциите.
Но, за време на својот прв мандат, американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 година и повторно воведе санкции како дел од својата политика на „максимален притисок“. Најблискиот регионален сојузник на Вашингтон, Израел, исто така, се спротивстави на договорот со Иран.
12-дневната војна изби во јуни 2025 година, токму кога Техеран и Вашингтон требаше да ја одржат шестата рунда разговори за иранската нуклеарна програма. Преговорите, што започнаа неколку недели претходно, беа прекинати поради конфликтот.
Односите меѓу Техеран и Вашингтон беа прекинати по Исламската револуција во 1979 година кога беше соборена прозападната влада на шахот Мохамед Реза Пахлави.