АМЕРИКА ИМ СТЕГНА САНКЦИИ НА СРБИТЕ ЗА НАФТЕНАТА ИНДУСТРИЈА Вучиќ ќе разговара со Путин за оваа работа

Граѓани на Србија, не треба да се грижите. Ќе ги заштитиме интересите на Србија по секоја цена. Нема да има никаков недостиг и нема да има никаква економска катастрофа, порача српскиот претседател Александар Вучиќ.

953

Канцеларијата за контрола на странскиот имот на американското Министерство за финансии ја додаде Нафтената индустрија на Србија (НИС) на листата на санкции насочени против компанијата Газпром и Руската Федерација.

Стигна и реакцијата на претседателот на Србија Александар Вучиќ кој кажа дека од Србија се бара целосно излегување на руските инвестиции од НИС.






– Станува збор за најтешки санкции и очекуваме излегување на рускиот капитал до 25 февруари – кажа Вучиќ и истакна дека Србија ќе реагира одговорно и дека нема да брза со донесувањето одлуки.

Вучиќ додаде дека американските санкции против НИС се удар врз руските компании и компаниите поврзани со нив, меѓу кои и НИС. Српскиот претседател кажа и дека од претстојната американска администрација ќе бара уште еднаш да ја разгледа оваа одлука.

– Ќе видиме дали можеме да добиеме некои олеснувања околу одлуката која веќе ја донесоа – кажа Вучиќ.

Тој истакна дека Србија не е непријателска земја на Русија и дека не сака никакво непријателско преземање на туѓ имот поради што ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

– Граѓани на Србија, не треба да се грижите. Ќе ги заштитиме интересите на Србија по секоја цена. Нема да има никаков недостиг и нема да има никаква економска катастрофа. Ќе победиме и овој пат и Србија во 2025 ќе биде најбрзорастечката економија на Европа – заклучи тој.

Поврзани содржини