Америка ќе не спаси од Бугарија?
Тоа нема да се случи. Прво, затоа што интересите на Америка диктираат решавање на сопствените надворешнополитички приоритети кои се драматично нарушени во мандатот на досегашниот претседател Трамп, приоритети меѓу кои сигурно не е македонско-бугарскиот спор. Втората причина е комплицираната идентитетска тема од минатото во која се заплеткани двете држави, Северна Македонија и Бугарија.
Еден поранешен дипломат претворен во аналитичар на страната на националистите, со децении тврдеше дека Вашингтон е крив затоа што може да го реши спорот со Грција ама не сака. Америка, велеше тој, е толку силна што може да и наложи на Грција да престане да не малтретира. За слушателот и читателот кој нема подлабоки познавања од меѓународната политика ова звучеше логично. И навистина: кога Америка би и се заканила на Грција со прекин на дипломатските односи, економска блокада или со војна, проблемот не би постоел. Но, логиката на нашиот аналитичар има само една фалинка: ова не се случува во реалниот свет на меѓународната политика.
И во македонско-бугарскиот спор, надежите во таква интервенција на Америка се големи. И погрешни. Некни, еден аналитичар близок до социјалдемократите предвиде дека новата администрација во Америка бргу ќе се инволвира во решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Тоа нема да се случи. Прво, затоа што интересите на Америка диктираат решавање на сопствените надворешнополитички приоритети кои се драматично нарушени во мандатот на досегашниот претседател Трамп, приоритети меѓу кои сигурно не е македонско-бугарскиот спор. Втората причина е комплицираната идентитетска тема од минатото во која се заплеткани двете држави, Северна Македонија и Бугарија. Згора на ова, самиот историски наратив врз кој се образовани американските политичари и аналитичари е различен од нашиот и не ни оди целосно во прилог. Познавајќи го, би рекол дека кога се работи за минатото, наративот е во прилог на Бугарија а кога се работи за сегашноста на Македонија.
Затоа Американците сигурно се прашуваат што прават двете држави за да се разберат? „Анализ (анализа), анализ…“ беа зборовите кои бугарскиот новинар Ѓорѓи Коритаров му ги повторуваше во интервјуто на својот претставник во Европскиот парламент, Андреј Ковачев. Но, бугарскиот пратеник не можеше да се повика на ниту една анализа за односите со Македонија. Вашите зборови, љубов, братство и разбирање, инсистираше новинарот, во меѓународните односи го немаат истото значење како меѓу поединците. Но, попусто: анализа од бугарска страна нема. Нема ни од македонска, зашто со смената на „режимот“ не се сменија и навиките на луѓето, научните и политичките институции да ги ставаат исклучиво во служба на сопствените кариери. Оттаму и масовното бегање од темата „Бугарија“.
Николо Макијавели би уживал да е политичар денес. Во свое време тој имал едно важно задолжение: со помош на анализа да предвиди која од големите сили на Европа ќе надвладее за да не се случи Фиренца да се определи за губитникот, па, подоцна, победнчките војски да се појават пред зидините на градот. Кога се загуби потребата од сопствени анализи и предвидувања во Македонија? Кога, сепак, испадна по наше: НАТО да не брани, а ЕУ да не храни.