АМЕРИКА ЌЕ ГРАДИ НУКЛЕАРЕН РЕАКТОР НА МЕСЕЧИНАТА Почнува „втората вселенска трка“ со Кина и со Русија?

Американскиот секретар за транспорт администратор на НАСА, Шон Дафи, предупреди дека нацијата што прва ќе постави нуклеарен реактор на Месечината ќе може да воспостави контрола, дури и да прогласи забранета зона за другите. Тој истакна дека ова отвора нова фаза на вселенска конкуренција, особено бидејќи Кина има план да испрати астронаут на Месечината до 2030 година. За земји како Индија, ова е сигнал дека мора итно да вложуваат во вселенски нуклеарни технологии.

274

Американскиот секретар за транспорт и актуелен вршител на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи, има амбициозен план – изградба на нуклеарен реактор на површината на Месечината, објави Бизнис стандард.

Поранешниот водител на Фокс њуз ја гледа оваа иницијатива како „нова вселенска трка“, особено имајќи ги предвид сѐ поголемите амбиции на Кина и на Русија во вселената. Нарекувајќи ја трка за доминација во вселенското истражување и инфраструктура, Дафи изјавил:






– Станува збор за победа во втората вселенска трка.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го назначи Дафи за вршител на должноста администратор на НАСА, откако ненадејно ја повлече номинацијата на милијардерот Џеред Ајзакман, кој е близок со американскиот технолошки магнат Илон Маск.

Нуклеарен реактор на Месечината

За да се поддржат долготрајни човечки мисии на Месечината, НАСА доби задача да развие нуклеарен реактор од 100 киловати кој би се поставил на Месечината до 2030 година. Претходно, агенцијата финансираше истражување за реактор од 40 киловати. Сега, НАСА доби директива да назначи лидер и да добие мислење од индустријата во рок од 60 дена.

Како функционира нуклеарниот реактор?

Нуклеарен реактор е уред што генерира енергија преку контролирана нуклеарна реакција, обично користејќи ураниум или плутониум како гориво. Наместо да согорува гориво како јаглен или гас, реакторот расцепува атоми и ослободува огромна количина топлина, која може да се користи за производство на електрична енергија.

Зошто е ова важно?

Кој и да ја контролира енергетската инфраструктура во вселената, ќе може да доминира со идните активности таму.

Дафи посочи дека првата нација што ќе постави реактор на Месечината може да прогласи „зона со ограничен пристап“ и да ги блокира другите.

Ова се случува во момент кога и Кина планира да испрати свој астронаут на Месечината до 2030 година. За Индија и за другите земји, ова е сигнал дека мора да инвестираат во напредни вселенски технологии, вклучително и во нуклеарни системи во вселената.

Зошто НАСА сака реактор на Месечината?

Нуклеарниот реактор ќе ѝ помогне на НАСА да генерира енергија и да ги поддржи своите долгорочни мисии на Месечината. Нуклеарната енергија бргу се наметнува како чист и доверлив извор на енергија. За разлика од другите обновливи извори што зависат од природни услови, нуклеарниот реактор може да обезбеди постојано снабдување со електрична енергија.

Големите технолошки компании сѐ повеќе се насочуваат кон нуклеарна енергија за да ги поттикнат своите амбиции поврзани со вештачката интелигенција. За НАСА, пак, нуклеарните реактори би можеле да ги напојуваат виталните системи како што се генератори на кислород, комуникациски уреди и друга опрема, овозможувајќи основа за истражување на вселената и поддршка на астронаутите.

Замена за Меѓународната вселенска станица

Во својата директива, Дафи понуди брза замена за Меѓународната вселенска станица (ИСС), што е уште една цел на НАСА. Овие чекори треба да им помогнат на САД да ги забрзаат напорите за достигнување на Месечината и Марс – цел што и Кина исто така ја следи.

САД сакаат до 2030 година да ја заменат постојната ИСС со комерцијални вселенски станици. Неколку компании, вклучително и „Аксиом спејс“, „Васт“ и „Блу ориџин“, веќе поднеле предлози.

НАСА планира да додели најмалку 2 договора во рок од 6 месеци.

Поврзани содржини