АМБИЦИОЗНАТА ИДЕЈА НА Stay BE ПОБЕДИ НА ПРВИОТ „СРЕДНОШКОЛЕЦ МИЛИОНЕР“ Со 1.000.000 денари и понуда од инвеститор ќе ја преточат во бизнис
Користиме автоматизиран систем со вештачка интелигенција кој наоѓа илјадници ресторани во определена локација, ги анализира проблемите со кои тој бизнис се соочува, им испраќа порака преку е-пошта за тоа каков проблем имаат, како можеме да им помогнеме со еден од трите системи кои ги нудиме, велат Јован, Иван и Марко, средношколци од Битола за идејата Систем 4 на Stay BE.
Чатбот, АИ асистент за веб-страница и АИ телефонски агент, сите во служба на решавање на проблемите на луксузните хотелиери во САД и во ЕУ е идејата која освои 1.000.000 денари на натпреварот Средношколец Милионер, најголемиот натпревар за средношколци во Македонија, организиран од Бреинстер Некст Колеџ и Бреинстер Групацијата.
„Од почетната визија да создадеме платформа што ќе ги открие и поддржи најамбициозните млади претприемачи, до денешното финале, помина долга и интензивна подготовка. Но најважно е што резултатот ја оправдува секоја инвестиција во оваа мисија“, велат од Бреинстер Групацијата честитајќи им на победниците и на сите учесници.
Систем кој ќе ги анализира клучните проблеми
Зад идејата „Систем 4“ стои тимот Stay BE составен од Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски, тројца средношколци од Битола.
– Користиме автоматизиран систем со вештачка интелигенција кој наоѓа илјадници ресторани во определена локација, ги анализира проблемите со кои тој бизнис се соочува, им испраќа порака преку е-пошта за тоа каков проблем имаат, како можеме да им помогнеме со еден од трите системи кои ги нудиме(во некои случаеви покрај пораката испраќаме и бесплатна демо верзија од решението на потенцијалниот клиент за да покажеме професионалност, посветеност и да изградиме доверба) – велат тие.

Идеја која мисли за иднината, им помага на бизнисите
Јован , Иван и Марио велат дека биле сигурни во победата.
– Чувството е победничко. Очекувавме победа уште од почетокот. Немаше идеја која беше приближно до нашиот концепт. Нашата идеја мисли за иднината и помага на луѓето особено на бизнисите. Кога слушнавме дека ќе има ваков натпревар во Македонија, веднаш знаевме дека ќе формираме тим, па требаше само да се собереме, да ја структуираме идејата и да победиме. Милионот денари нема да ги трошиме по одмори и забава, туку ќе ги вложиме во идејата, ќе работиме уште помотивирано. Нема веќе одмор за нас – низ смеа и задоволство зборуваат Иван, Јован и Марио.

Донација од 1.000.000 денари и понуда од инвеститор
Тие добиваат донација од 1.000.000 денари од Петар Ниновски, основачот на Бреинстер Групацијата, кој сака да им овозможи на младите претприемачи можност што и нему му била дадена на почетокот.
Но, освен донација и добија и понуда од инвеститорите за дополнителна инвестиција од 6.000 евра, како и вредносни ваучери за Бреинстер НЕКСТ и НУ академијата за талентирани средношколци.
„Системите кои се предвидени во проектот се: AI асистент за на веб страната (AI Chat Assistant), AI телефонски агент (AI Phone Callers), или надградување/обновување на веб страната за неколку часа користејќи специјализирани алатки со вештачка интелигенција. Потоа, кога добиеме повратна порака, ние веднаш започнуваме да ги градиме тие системи“, пишуваат Stay BE за својата победничка идеја.
Вредносни ваучери за сите финалисти
Второпласирани со само 5 поени помалку од победниците беа момците од Академија Разлика и нивниот одличен концепт „ПаметПакет“ исто така доби понуда од инвеститорите за инвестиција во нивната идеја.
Третото место им припадна на ЈКЦ Милионерс со идејата DWear. Сите учесници од тимовите на ТОП 10 финалистите добија вредносни ваучери за образовниот екосистем на Бреинстер – факултетот НЕКСТ и НУ Академијата.
Не беше лесно да се избере победник
– Честитки на сите, бевте фантатични. Не беше лесно да се одлучи кој ќе биде победник, но тоа што го видовме е дека вие сте спремни и иднината останува на вас, буквално. Ние се потпираме на вас и продолжете да го правите ова што го правевте досега. Честитки – изјави основачот на Бреинстер групацијата Петар Ниновски обраќајќи се до сите финалисти.
Екосистем кој создава кадри за иднината
Од Бреинстер велат дека остануваат целосно посветени на градење образовен и претприемачки екосистем кој создава кадри подготвени за иднината.
„Преку практична настава, менторства, реални проекти и поддршка од компаниите, продолжуваме да ги развиваме младите кои сакаат да создаваат, а не само да следат. Честитки за сите учесници, до следната ваква убава, креативна и продуктивна прилика“, порачуваат од Бреинстер.