АМБАСАДОРОТ ЗАШОВ Ѝ ОДРЖА ЛЕКЦИЈА НА КОЛОЗОВА Бугарите треба да се извинат за депортирањето на Евреите од Македонија, а не ние!
Франција се извини на Евреите поради активностите на владата во Виши. Во Скопје немало квислиншка македонска влада. Имало бугарски окупатор кој командувал вклучително и со депоратацијата на Евреите од Македонија. Извинување треба да даде само Бугарија, како окупатор на Македонија и на Тракија.
Го читав текстот на професорката Катерина Колозова, во кој таа пледира и ние да се извиниме за депортирањето на Евреите од Македонија, „не како држава која што сме ја немале тогаш, тогаш барем како општество“.
Го прочитав делот од говорот на францускиот претседател Макрон посветен на депортирањето на Евреи од страна на Владата во Виши.
Ова е тој дел од говорот на Емануел Макрон:
„Пред 80 години, Франција од Виши ги предаде своите деца предавајќи илјадници од нив на нивните џелати.
Оваа приказна, целата оваа приказна, ќе продолжиме да ја паметиме, против заборавот.
Ќе продолжиме да ја учиме, против незнаењето.
Ќе продолжиме да ја оплакуваме, против рамнодушноста.
Ќе продолжиме да ги истражуваме нејзините длабоки корени и новите разграничувања, против повторното оживување на злото.
И ние ќе се бориме, секое раѓање на денот, бидејќи Франција е опишана како земја на отпорот и правдата која никогаш не згаснува“.
Го прочитав и текстот на Вени Марковски (внук на Венко Марковски), кој се повикува на текстот на професорката Колозова. Тој пишува:
„Добро е што има луѓе и во Северна Македонија, во случајов со проф. Колозова, која покренува разговор за едно важно прашање за одговорноста и за извинувањата поврзани со протерувањето во март 1943 година.
Им укажувам на бугарските граѓани дека токму тоа е правилното однесување: не е наше да им кажуваме на Македонците што да прават, ниту да сакаме нешто од нив, ниту тие нам да ни кажуваат што да правиме и да ни бараат нешто.
Патот до каење и извинување е индивидуален и тежок. Секој мора да помине низ ова сам. Колку што може, а некои не можат воопшто.
Како што истакна и самата професорка. Колозова, Франција ‘повторно’ се извини оваа година и покрај тоа што е член на антихитлеровата коалиција“.
Мојот одговор е следниот:
Споредбата што професорката Колозова ја прави во однос на Евреите од Франција и оние од Македонија не е соодветна. Во Франција имало квислиншки режим кој соработувал со Германците (нацистите). Во Македонија имало бугарска окупација и воен бугарски режим, во чии рамки имало и Македонци кои работеле во администрацијата, полицијата, а некои биле вклучени и во армијата.
Франција се извини на Евреите поради активностите на владата во Виши. Во Скопје немало квислиншка македонска влада. Имало бугарски окупатор кој командувал вклучително и со депоратацијата на Евреите од Македонија. Слично било и во Тракија. И таму имало бугарска окупација и ангажирани Грци во бугарската администрација. Дали поради тоа и Грција треба да се извинува на Евреите што некои Грци учествувале во таа бугарска администрација која го спровела депортирањето на Евреите?
Извинување треба да даде само Бугарија како окупатор на Македонија и на Тракија. Ако таа се фали дека ги спасила Евреите кои живееле на нејзината територија (иако не се однесувала кон нив најдобро), таа треба да ја понесе и одговорноста за депортирањето на Евреите од Македонија, Тракија и Поморавјето. Државата Македонија својата одговорност ја најде во одземањето на имотите на Евреите и за тоа му даде компензација на Здружението на Евреите, која се употреби за изградба на Центарот на холокаустот во Скопје.
Но и ова.
И додека Макрон зборува за Франција како земја на отпорот и правдата, повикувајќи се на француските партизани, професорката Колозова зборува за „заспани партизани“, а Бугарите ги споменува како „окупатори“ во наводници. Таа констатира дека е „безобразно да се изедначуваме со Евреите во тој период“. И бара да биле објавени сите документи од тоа време. Како да нешто се крие од наша страна. А сите документи од „администрирањето со Македонија“ се во Софија.
И да заклучам. Имам впечаток дека во овие мачни времиња во македонско-бугарските односи како некој да сака да оправда или барем да ги изедначи Македонците со бугарската држава која им се приклучила на нацистите од Германија (не велам фашистите, иако можам и тој збор слободно да го употребам) и го организирале депортирањето на Евреите како од Македонија, така и од делови од Грција и од Србија, со кои Бугарија „администрирала“.
Впрочем, за кого работи професорката?
(Фејсбук статус на амбасадорот Благој Зашов, извршени се незначителни редакциски интервенции)