Одлуката на ЕУ и завршните чинови за полноправно членство во НАТО, рече на средбата амбасадорката Брнс, доаѓаат во многу тешки моменти за сите, но ја покажуваат посветеноста на земјата да истрае во остварувањето на евро-атлантските аспирации, и ја потврдуваат искрената и силна поддршка што на Република Северна Македонија ѝ ја даваат САД и ЕУ. Евро-атлантското интегрирање на Северна Македонија е од стратешка важност за САД и ЕУ, и ќе овозможи да имаме уште поблиска соработка како сојузници во НАТО, соопшти прес службата на Владата по средбата.
Премиерот Спасовски на средбата се заблагодари за честитките, и истакна дека тоа се долго очекувани остварувања на две стратешки прашања, кои, иако пристигнаа во тешко време, се признание за остварувањата на земјата.
– Двете одлуки се многу добра порака за сите во државата, но и за целиот регион. Се покажува дека тешките одлуки и важните реформи се почитуваат и вреднуваат. Беше потребна храброст и политичка визија за да се постигнат овие резултати. Владата предводена од Заев, навистина за многу краток период успеа да ги реши проблемите со соседите и да направи значајни домашни демократски реформи – рече Спасовски.
На средбата со амбасадорката Брнс премиерот Спасовски ја изрази неговата, како и благодарноста на Владата и на граѓаните на земјата за сета голема поддршка на САД во двата процеса.
– Сега имаме јасна перспектива и сигурна иднина за целата држава, подготвени сме да ги преземе обврските како полноправна членка на НАТО. Се спремаме за преговори со ЕУ, сакаме да бидеме успешни и брзи. Преговорите се шанса да ги донесеме европските вредности дома и да ги реформираме нашите институции, што е од корист на сите граѓани – истакна на средбата премиерот Спасовски.
На средбата стана збор и за менаџирањето на ситуацијата со коронавирусот. Премиерот Спасовски рече дека Владата е во постојано заседание на таа тема и ги презема сите неопходни и максимални напори, меѓу кои најголем приоритет е поддршката и зајакнување на здравствениот систем, за да се зачува здравјето и животот на граѓаните.
Амбасадорката на САД Кејт Мери Брнс упати честитки за тоа како Владата се справува со коронавирусот. Ја истакна комуникацијата на Владата за сите активности и мерки на оваа тема, како и транспарентноста и инклузивноста на донесувањето одлуки.
Во таа насока, премиерот Спасовски нагласи дека воведувањето на вонредната состојба ѝ даде можност на Владата за поголема флексибилност и можности за креирање решенија, и донесе поголема дисциплина во администрацијата и кај населението.
Истовремено, рече премиерот Спасовски, Владата е целосно посветена на обезбедување поддршка за економијата и намалување на штетните економски ефекти од пандемијата. Се прават рестрикции и намалувања на сите непродуктивни трошоци во јавниот сектор, и ќе се даде голем пакет мерки за поддршка на приватниот сектор.