АМАЗОН ЗАГРИЖУВАЧКИ ОШТЕТЕН Дождовните шуми изгубија 10.476 квадрати
Во периодот од август 2020 година до јули 2021 година, дождовните шуми изгубија 10.476 квадратни километри површина, односно, површина која е речиси 7 пати поголема од Лондон и 13 пати поголема од Њујорк.
Сечењето на шумите во бразилскиот Амазон го достигна највисокото годишно ниво во последната деценија и покрај зголемената глобална загриженост откако претседателот Жаир Болсонаро ја презеде функцијата во 2019 година.
Според последните истражувања кои ги спровеле од „Иамазон“, бразилски истражувачки институт кој ги следи овие промени во Амазон од 2008 година, во периодот од август 2020 година до јули 2021 година, дождовните шуми изгубија 10.476 квадратни километри површина, односно површина која е речиси 7 пати поголема од Лондон и 13 пати поголема од Њујорк.
– Бразил оди против глобалната агенда за климата, која се обидува итно да ги намали емисиите на стакленички гасови – вели Карлос Соуза, истражувач во „Иамазон“.
Соуза итно повика продолжување на владините акции за запирање на уништувањето, вклучително и спроведување на незаконското уништување на шумите во регионот.
Дури и кога се соочува со обвинувања за систематско растурање на заштитата за животната средина, Болсонаро распореди илјада војници за борба против незаконското уништување на шумите и спречување на можните пожари.
Но, ваквата политика, според Марсио Астрини, извршен секретар на организацијата Климатска опсерваторија, се покажала како неефикасна.
– Податоците покажуваат дека не функционира. Ниту една армиска операција нема да може да ги маскира или поништи нападите на федералната Влада кон шумата – вели Астрини.
Тој додава дека се очекува стапките на сеча на дрвјата во 2021 година да бидат 50 отсто поголеми од 2018 година, пред Болсонаро да ја преземе функцијата.
Во јуни, тогашниот министер за животна средина, Рикардо Салес, поднесе оставка поради истрагата за илегална сеча во Амазон.
Но, според Астрини, раководството на министерството не покажа никаков напредок.
– Мерките кои беа во корист за нелегален извоз на дрва, причината поради која Салес мораше да ја напушти функцијата, за жал сè уште се на сила – вели тој.
Новите бројки беа објавени кога пратениците одржаа јавна расправа за да извршат промени во бразилските еколошки политики.
– Поминуваме низ многу тежок период во историјата на Бразил. Има многу негирање и обиди да се ослабне нашата еколошка политика – рече сенаторот Елизан Гама на сослушувањето.