Аматерски филм снимен во услови на пандемија со поддршка од Општина Куманово

1,498

Студентот Николај Павловски сними аматерски 150-минутен филм насловен „Приказ“ во услови на пандемија, а со финансиска поддршка од Општина Куманово.

Павловски, кој студира во Русија и има многу успешни проекти зад себе, во партнерство со Марко Јовановски презеде сериозен подвиг за снимање на долгометражен филм во вонредни услови на пандемија со ограничувања, дозволи и мерки на претпазливост кои направија искуството да биде уште поспецифично. Снимано е на повеќе локации низ Куманово, Крива Паланка, Охрид и Струга и во околините на овие градови. На барање на режисерите, филмската клапа е составена од 20 глумци од различни етникуми, и дополнување од уште 20 лица во продукција.






– Филмот има своја авторска музика која ја направи Јован Цветковиќ и авторски песни чиј автор е Јаков Мициќ, познат под уметничкото име Керала. „Приказ“ е психолошки трилер драма кој се случува во време на пандемија, актуелна тема која се снима токму сега, со многу отежнати услови – велат од екипата на филмот.

За изработка на филмот, Николај аплицирал за финансиска поддршка во Министерство за култура и во Општина Куманово. Не добил поддршка од Министерството, но добил од Општина Куманово и од градоначалникот Максим Димитриевски. Општината и градоначалникот обезбедиле и одредени простории за снимање, како и реквизити.

– Општина Куманово, но и јас лично верувам дека треба да се поддржат и поттикнат младите лица, ентузијасти, уметници. Само така може да се негува креативноста и културата. Стојам зад младината која сака да твори и да придонесе за нашата општина, но и за целокупното општество, која твори за подобар и поубав живот – изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

 

 

Поврзани содржини