Амар си удри шамар
Што имаме сега како пример за младите? Наместо да се поттикнуваат да завршат факултет, да се изградат професионално и да стекнат искуство, им се нуди идејата дека доволно е да бидеш гласен, партиски лојален и медиумски присутен.
„Скролам“ по телефонот, и гледам – прекрасни бургии со глава од засилен титаниум – проследено со видеа како бургија поминува низ железо или челик како да е путер. И си велам, за цена на една бургија во железарија, овде цел сет од 12 парчиња. Ги порачав. При првата прилика за работа, траеја точно 5 минути и 11 секунди. Се испокршија при првиот обид да работам со нив. Си појдов во железарија, си купив нови… Како велат, „сиромавиот двапати плаќа“. Ама овој сиромав, барем научи да не верува на реклами со полувистини, манипулации со зборови или на непроверени тези.
Па така, кога слушнав за содржината за дуелот меѓу Орце и Амар, кој беше во моето време предвидено за шах, решив прво да ги проверам фактите. И што видов? Манипулација… „Лажам, ама не толку“ во биографијата од цели два реда на Амар Мециновиќ: Член на Левица. Роден на 16.7.1996 година во Скопје. Бошњак. Додипломски студии на политички науки, Правен факултет „Јустинијан Први“. Сè е точно, нема лага, но едно е манипулација: „Додипломски студии“ е вешто поставено наместо „Дипломиран“. Како бургија од онлајн гигантот „Таму“ или нешто такво, што ме измами – титаниум од 0,1 мм на метално-пластична бургија. Нема јасна лага – ни ваму ни таму. И во првиот случај има титаниум и во вториот има студии. Има и спотови во кои се самонарекува „Flawless“ (безгрешен, совршен) – како безвредна бургија што поминува низ путер.
Најголемата штета од ваквите примери не е во тоа што еден кандидат нема диплома, туку во тоа што младите добиваат погрешна порака. Секако дека секој од нас треба да има разбирање за она што го кажа младиот Мециновиќ. Сосема е можно да постојат примери на паузирање во студии заради социјална или здравствена положба. И Амар го истакна тоа; неговата тешка социјална положба ги паузирала студиите. Но, истиот е веќе 18 месеци пратеник. Претходно истиот добивал паушал (ако не се лажам, 4 години) како советник. Имал, барем формално, некакво вработување во рамките на неговата партија – што е ѓаволски тешко да се дознае кога биографијата ти е два реда.
Но, пауза? Каква пауза кога 18 месеци ја земаш една од највисоките државни плати, која има доволна флексибилност да можеш солидно да го организираш своето слободно време? Многу пофер, почесно ќе беше да си кажеше: „се откажав, затоа што не верувам во овој образовен систем“, на пример! Во манир на вистински левичар. А најфер ќе беше – да не претендира на толку висока функција. Сум кажал и ќе повторам, ја ценам партиската активност. Сметам дека секој треба да се вклучи, на начин на кој знае, да даде придонес кон демократијата. Но, со должно внимание што нуди за каде!
Што имаме сега како пример за младите? Наместо да се поттикнуваат да завршат факултет, да се изградат професионално и да стекнат искуство, им се нуди идејата дека доволно е да бидеш гласен, партиски лојален и медиумски присутен. Рецепт за успех. А тоа е рецепт за генерации кои ќе веруваат дека титулите и позициите се прашање на маркетинг, а не на труд и знаење. Ако ова е рецепт за успех, тогаш иднината ни е маркетинг без содржина.
Манипулација со манипулаторот
Во претходната колумна имав мал дел во кој изнесов сомневање дека „Апасиев се смешка под мустаќ на извесниот пораз на Амар во трката за Скопје“. Ако претходно ми беше сомневање, сега веќе се оформува и теза. Не може Апасиев да не знаел дека членот на президиумот, негов личен пријател, сопартиец, колега пратеник – има формално – средна стручна спрема. Не можел, имајќи предвид дека се бори против актуелната власт, да не предвиди дека овој податок ќе биде изнесен во јавност.
Тезата уште повеќе се засилува со тоа што низ медиумите и по социјалните мрежи проструи информација, истиот ден во кој се одржа дуелот, дека „Апасиев испрати информација до новинари со компромитирачка содржина за Амар“. До тој ден, Амар се претставуваше како „политиколог“, од тој ден, го почна дуелот со искрено признание дека никогаш не дипломирал.
Зошто воопшто избра да го почне така? Смрди ли на запршка во Левица? Го изманипулираа ли манипулаторот кој беше закана за Апасиев? Тешко е да се дојде до прецизен одговор од партијата што функционира како подрумска секта. Но, има разумен сомнеж.
Орце го асфалтира и Амар
Решив да го гледам дуелот. И што друго да се каже за дуелот, освен саркастичниот наслов, кој сугерира дека Орце Ѓорѓиевски е вистински работник, кој по инерција го премачка и Амар со асфалт – друго нема. Тука ќе запрам со пофалби за мојот партиски познаник. Нека говорат за него жителите на Кисела Вода, каде беше градоначалник – мислам дека се порелевантни од некој кој живее на 180 километри и од Кисела Вода знае само дека е општина во Скопје.
Нека кажат тие дали асфалтот што го фрлаше Орце држи повеќе од 5 минути и 11 секунди.