АМАР ИЗБЕГА ОД ДЕБАТА СО ОРЦЕ Ѓорѓиевски ја прифати поканата на Канал 5, Мециновиќ сака кај Школка
Подготвен сум на дебата, но го повикувам Ѓорѓиевски на јавен дуел, под отворено небо, пред Школка во парк, пред граѓаните и сите медиуми, рече денеска кандидатот на Левица за градонаќалник на Скопје, Амар Мециновиќ.
Цел ден нема одговор од Амар Мециновиќ на поканата на телевизијата Канал 5 за предизборна дебата со Орце Ѓорѓиевски.
Кандидатот на ВМРО-ДПНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска соопшти дека ја прифатил поканата на Канал 5 да се соочи со кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ.
„Тоа е прва телевизија со национална концесија која достави покана за дебата. Граѓаните заслужуваат отворена и аргументирана дебата, во која секој кандидат ќе ги претстави своите визии, програми и решенија за иднината на Скопје. Транспарентноста и почитта кон граѓаните се темели на вистинска демократија, а токму тоа ќе го покажеме и овој пат“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Мециновиќ денеска одговори на новинарско прашање за поканата за телевизиски дуел со Орце Ѓорѓиевски.
– Подготвен сум на дебата, но го повикувам Ѓорѓиевски на јавен дуел, под отворено небо, пред Школка во парк, пред граѓаните и сите медиуми. Таму нека нè слушне народот и нека избере која опција му се допаѓа. Надвор од студијата во неконтролирани услови, на дебата на која ќе имаат право сите национални и територјални медиуми со различни уреднички редакции – рече тој.
Од Левица досега нема потврда дека Меџиновиќ ќе дојде на дебатата на Канал 5, а нема ниту коментар на поканата.
Канал 5 објави дека на стриктно барање на двајцата политички партиципиенти ги повикува на ТВ дуел наредниот вторник или среда, во термин после 18.30 часот во емисијата „На дуел со Иван“.
„За време на овој дуел и двајцата кандидати за татко на Скопје, г-дин Орце Ѓорѓиевски и г-дин Амар Мециновиќ треба да ги претстават своите визии од областа на комуналиите, организацијата на хуманото живеење, јавниот транспорт, (не)здравиот атмосферски воздух, депонијата низ градските улици и сл., при тоа нудејќи соодветни факти за нивните ветувања. Секое нереално ветување кое ќе нема елементарна основа истото да биде реализирано, јавно ќе биде нотирано од наша страна“, соопшти Канал 5.
Дополнително, додава телевизијата, ќе бараме одговори и на политички прашања поради фактот што изминативе 4 години, како жители на Скопје, бевме сведоци дека позицијата татко на главниот град е помалку менаџер на Скопје, а максимално е „фреквенција“ од политичко-партискиот спектрум.
„Двајцата опоненти ќе бидат охрабрени од наша страна да си поставуваат и тие меѓусебни прашања со цел јавноста да биде свесна за нивниот организациски, интелектуално-креативен, но и коалициски капацитет, а сето тоа во и за елементарните потреби на граѓаните на Скопје. Дали ова ќе се смени? Нормално, немаме намера да ги избегнеме и актуелните политички прашања поради фактот што позицијата градоначалник е и политичка функција, која се бира на избори со мандат даден од нас, граѓаните. Канал 5 ТВ е повеќе од убеден во демократските капацитети и на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ како и на господата Мециновиќ и Ѓорѓиевски. Точниот ден на реализација на оваа ТВ емисија (вторник или среда) како и времето на емитување на емисијата НА ДУЕЛ КАЈ ИВАН ќе биде детерминиран доколку и двајцата кандидати ја прифатат оваа наша јавна покана“, се вели во соопштението на Канал 5.
ЃОРЃИЕВСКИ ЈА ПРИФАТИ ПОКАНАТА ЗА ДЕБАТА СО МЕЦИНОВИЌ Аргументите за Скопје ќе ги соочат на Канал 5